Победата на Александрија Окасио-Кортез во Њујорк во јуни го вивна огнот што Берни Сандерс го запали во 2016: интересот за демократски социјализам воскресна. Сепак, не постои нишка во политиките на левицата што предизвикува поголема збрка од демократскиот социјализам.
Се чини како сите одеднаш да сакаат да знаат што претставува демократскиот социјализам. Па, еве што треба да знаете.
За подобар свет
Некои коментатори се обидоа да измислат разлики меѓу општеството кон кое се стремат „демократските социјалисти“ и она кое го имаат на ум т.н. „традиционални социјалисти“. Стефани Рал, на MSNBC самоуверено тврдеше дека демократскиот социјализам не повикува на „колективна сопственост на производството.“
Според Рал, возбудата околу новото социјалистичко движење е помалку или повеќе за ништо: демократските социјалисти сакаат добри работи како бесплатен колеџ и јавни библиотеки – и тоа е тоа отприлика.
Ние дефинитивно поддржуваме и добар библиотечен систем, но визијата за подобро општество – и како тоа да се постигне, кај демократските социјалисти оди многу подалеку.
Светот во којшто сега живееме се нарекува демократија: САД е најбогатата држава во целата човекова историја и сите учиме за тоа колку слободата е важна американска вредност. Но САД денес не е препознатлив по слободата и изобилството, туку по експлоатацијата и опресијата.
Мал број богати и моќни семејства живеат од профитите што ги прават од уништувањето на природата и кратењето на платите, преработувањето и измамувањето на големото мнозинство од општеството – работничката класа. Тие стануваат побогати токму поради тоа што сиромашната и работничката класа стануваат посиромашни.
Оваа капиталистичка класа ги претвора работните места во мини-авторитарни режими, каде што газдите ја имаат моќта да ги малтретираат и злоупотребуваат работниците. Притоа, штитејќи ја својата моќ во сите делови на општеството преку разгорување на пламените на расниот, националниот и родовиот конфликт и предрасудите со цел да ги поделат работниците и да нѐ одвратат од организирање.
Демократските социјалисти сакаат да му стават крај на сето тоа.
Како и многу прогресивци, ние сакаме да изградиме свет во којшто секој ќе има право на храна, здравствена заштита, добар дом, вистинско образование и безбедна работа со добра плата. Ние сметаме дека ваков вид на економска сигурност е неопходна за луѓето со цел да живеат богати и креативни животи – и да бидат навистина слободни.
Сакаме да го загарантираме сето ова додека се бориме со климатската промена и додека градиме економија која е еколошки одржлива. Ние сакаме да изградиме свет без војна, каде што луѓето од другите земји се ослободени од стравот од американските воени интервенции и економска експлоатација. Сакаме да ставиме крај на масовното притворање и полициската бруталност, родовото насилство, нетолеранцијата кон квир луѓето, работната и станбената дискриминација, депортациите и сите други форми на опресија.
Како и да е, за разлика од многу прогресивци, ние дојдовме до заклучок дека за да се изгради овој нов свет ќе биде потребно многу повеќе работа од победа на изборите и постепеното правење реформи.
Против што се бориме?
Демократијата во која живееме е далеку од она во коешто не учеле да веруваме дека треба да биде. Во нашето општество, нормалните луѓе – кога не се организирани, скоро воопшто немаат моќ.
Всушност, моќта е одредена од она што политичкиот научник Томас Фергусон го нарекува „златно правило“: победуваат оние кои имаат злато. Капиталистите го користат своето богатство за купување политичари од двете партии, заедно со нивната лобирачка моќ со цел да ги уништат прогресивните закони кои претставуваат закана за нивните профити.
Дури и да избереме добронамерна влада која може да го издржи притисокот на лобистите, голема е веројатноста дека таа ќе се повлече пред капиталистичкиот џокер: штрајк на капиталот. За да ги спречи новите социјални програми и редистрибуцијата, капиталистичката класа може, како последно средство, да ги повлече своите инвестиции и да предизвика рецесија, така поткопувајќи ја општествената поддршка на прогресивната влада.
Ова осветлува уште еден клучен проблем во капитализмот: не само што капиталистите ги експлоатираат работниците на работното место и го грабаат за себе целото богатство што го крадат од нас, туку тие ја имаат моќта да одредат дали ние ќе работиме или не, односно дали ние можеме да си обезбедиме за себе или не. Доколку на капиталистите не им се допаѓаат нашите демократски барања, како на пример стопирање на загадувањето на планетата или исплаќањето на работниците плата од која може да се живее, тие едноставно можат да ги повлечат инвестициите и да ги преселат нивните работни места во друга држава – а ние немаме доволно ресурси да ги сопреме.
Во ретки случаи – најчесто по огромни војни и економски кризи – прогресивни влади биле во можност да дојдат до победи. Скандинавските држави ги нарекуваме „социјалдемократии“, општества со силни социјални сигурносни мрежи и синдикални движења кои ги пресретнуваат најлошите тенденции на капитализмот и ја ограничуваат моќта на богатите во клучни аспекти.
Во текот на дваесетиот век, работниците во овие држави обезбедија целосно вработување, силна социјална држава и високи стапки на синдикализација. Но тие никогаш успешно не го предизвикаа изворот на класната моќ на капиталистите: нивните сопственички права врз главните национални корпорации.
Како резултат, во последните триесет, и повеќе години, појачаната капиталистичка класа во овие земји водеше упорна и успешна кампања за да ги уназади овие прогресивни достигнувања. Овие неуспешни прогресивни експерименти ни покажаа дека нашата демократско-социјалистичка визија мора да ги надмине острите граници кои денешните новостворени експерти по социјализам на кабловските вести би ги дозволиле.
Ова не е заради тоа што сакаме тешки политички задачи, или заради тоа што сме пуританисти. Доколку може да дојдеме до подобар свет што прогресивците, социјалдемократите и демократските социјалисти го посакуваат без да ја предизвикаме и евентуално да ја уништиме моќта на капиталистите, ние радо би го одбрале тој, полесниот пат.
Токму поради тоа што е тешко да се промени светот под власта на капитализмот, ние сме социјалисти.
Демократскиот пат до социјализмот
Едно е да се знае за што се борат демократските социјалисти, но друго е да се дојде до убедлив начин тоа да се реализира. Овде демократските социјалисти навистина се разликуваат од некои од нашите пријатели од социјалистичката левица. Ние одбиваме стратегии кои ги трансплантираат стратегиите од Русија во 1917 или Куба во 1959 во денешен САД, небаре можеме да оствариме социјализам со тоа што би ја нападнале Белата куќа и би го исфрлиле Доналд Трамп преку предниот тревник.
Она што е потребно е стратегија која ги зема сериозно различните предизвици и можности што доаѓааат со организирањето во либералната демократија.
Поради тоа се фокусираме на обединување на сите работници. Работниците – сите оние кои опстојуваат во светот преку работа, а не преку крадење на профитите создадени од други луѓе, од фабрички и градежни работници до учители и медицински сестри, до оделосани канцелариски работници – ги имаат најсилните материјални интереси во соборувањето на капитализмот, моќта да го стопираaт производството на работните места и со тоа да се запре капиталистичкиот систем и (како и мнозинството од општеството) потенцијалната моќ во бројност, за да го срушат политичкиот систем.
Затоа веруваме во демократски пат до социјализам – таков што гради движења и учествува на избори.
Во 2016 Берни Сандерс бескрајно пати потенцираше: „политичка револуција“ во САД ќе се случи единствено доколку ние можеме да градиме масовни движења, особено работнички движења. Овие движења имаат потенцијал да се изборат за концесии од капиталистите и политичарите. И преку борба, ние може да почнеме да ја трансформираме свеста на луѓето – преку ширење на сознанието дека можеме да победиме доколку заеднички се организираме.
Нови можности што се чинеа фантастични, сега во процесот ќе станат вистинити. Како што очекувањата на луѓето се подигаат, тие ќе сфатат што е потребно за да се избориме за подобар живот. И како што капацитетот на нашето движење расте, луѓето ќе сфаќаат дека тие всушност ја поседуваат моќта да ги направат тие промени.
Покрај овие задачи околу движењето, ние треба да почнеме да ги оспоруваме изборите како бунтовници што го предизвикуваат политичкото лидерство на двете големи партии. Оваа работа ќе ги постави темелите за градење наша политичка партија, партија со голема социјална база која евентуално може да се бори за избор на социјалистичка влада.
Но поради огромната моќ на капиталистичката класа, знаеме дека избирање на социјалистичка влада сама по себе, нема да биде исто со освојување на моќта што е потребна за да се трансформира општеството. Социјалистичката влада како за примарна задача, ќе мора да ја оттргне моќта од капиталистичката класа.
Тоа ќе значи национализација на финансискиот сектор со цел главните одлуки за инвестирање да бидат правени од демократско избрани влади и да се оттргнат непријателските елементи во војската и политиката. Тоа ќе значи и воведување на демократско планирање и социјална сопственост на корпорациите (вистинската мешавина од државно планирање и „пазарен социјализам“, збир од фирми во јавна сопственост, мали приватни бизниси и работнички кооперативи). Тоа исто така ќе значи и обновување на нашата демократија преку институционализирање на јавно финансирање на изборите, забрана за корпоративното лобирање и приватните донации, дури и порадикални барања како пишување нов устав.
Дури и со така амбициозна агенда, социјалистичката влада ќе биде под силен притисок да се повлече од страна на капиталистичката класа. Храбрите обиди во 20тиот век да се пресретне корпоративната моќ и да се редистрибуира богатството, во држави како Франција, Јамајка и Шведска, паднаа под притисокот, често на начин што сериозно ги ослабна или ги потопи напорите за реформи. Знаеме дека во некои случаи, како кога Салвадор Аљенде се обиде да го понесе Чиле по демократскиот пат до социјализмот во раните 70ти, владеачката класа дури престана да ги почитува и нормите на либералната демократија.
Во тој момент, работа на демократските социјалисти во движењата и во владата ќе биде да направат сѐ што е потребно за да го одбранат демократскиот мандат кој го освоиле.
Ова не враќа назад до ургентноста за подигањето на моќта на движењата на работничката класа, најважното надополнување на државната моќ спроведувана од социјалистичка влада.
Овие движења ќе ги повикуваат социјалистичките влади на одговорност, помагајќи им да го издржат притисокот за предавање пред капиталот. Но тие движења во транзицискиот период исто така мораат да дејствуваат на свои иницијативи со цел да ги демократизираат работните места и заедниците. Преку градење од долу па нагоре на демократските социјални движења, ние не само што ќе ја изградиме моќта што ни треба за да ги поразиме богатите, туку ќе ги изградиме и демократските институции кои ќе бидат централни во идното социјалистичко општество во кое сакаме да живееме.
Само преку комбинација од посветена социјалистичка влада и моќна, самоорганизирана работничка класа ние можеме да и се спротивставиме на капиталистичката класа од долу и од горе.
Нашите задачи денес
Патот до демократскиот социјализам е долг. Во САД денес знаеме дека пред нас имаме долги години работа. На краток рок, најважен приоритет мора да биде победувањето на десните популистички политики на Доналд Трамп.
Но, нашата најважна, најургентна задача како демократски социјалисти е да ја изградиме моќта на социјалните движења.
Ние активно создаваме движења против депортациите, полициската бруталност, нафтоводите и војната. Ние градиме поддршка за широко популарни универзални барања како „Бесплатно здравство за сите“ и контрола на киријата.
Исто така поддржуваме изградба на најшироки можни сојузи, без притоа да се жртвуваат нашите принципи, со цел да се изберат кандидати кои ги поддржуваат нашите непосредни барања.
Знаеме дека сите во прогресивната левица не се согласуваат со нас, но сепак победувањето на силите на десницата во САД и изградбата на подобро општество ќе направат далеку досежни промени кои заедно сметаме дека се неопходни. Повеќето го немаат истиот заклучок што ние го имаме дека раководството на Демократската партија е во џебот на големите бизниси и дека е криминално некомпетентно (иако по катастрофата во 2016, многумина го променија своето мислење). На краток рок, тогаш, задачата на демократските социјалисти на изборите е да поддржуваат кампањи кои се борат да ги подобрат животите на работниците и да ја изградат моќта на работничката класа.
Некои од нашите кандидати – како Јулија Салазар во Њујорк и Јованка Беклес во Калифорнија – се демократски социјалисти. Останатите, можеби поточно треба да бидат наречени „социјалдемократи“ бидејќи тие веруваат во пресретнување на најлошото во капитализмот, но не ја споделуваат нашата перспектива за потребата да се оди и понатаму од тоа.
Но, она што сите наши кандидати го имат како заедничко е поддршката за „Бесплатно здравство за сите“, работничките права, повисока минимална плата, климатската заштита, стопирањето на депортациите и ставањето крај на масовното притвoрање. Во борбата за овие реформи, нашата цел е да повикаме милиони луѓе кои се откажале од политиката, да се приклучат на борбата, да ги тестираме границите на тоа какви отстапки можат да се направат тука и таму, и да ги убедиме нашите соборци од прогресивната левица дека поамбициозна, социјалистичка стратегија е потребна за да се изгради свет, во каков што сите сакаме да живееме.
Подемот на демократските социјалисти во Америка
Ова може да изгледа како тешка задача. Но шансите за политиките на демократскиот социјализам денес изгледаат многу подобро отколку било кога во последните 50 години.
Овие задачи ги спроведуваат илјадници активисти од целата земја, а милиони се идентификуваат како социјалисти, благодарение на кампањите на Берни Сандерс, Александриа Окасио-Кортез и на метеорскиот подем на демократските социјалисти во Америка, кои бројат над 45,000 членови што плаќаат членарина.
Појавата на организирано социјалистичко движење ги промени правилата во американската политика. Досега, левицата ја потценуваше важноста на политичките организации, притоа преферирајќи ја перспективата на „организација на организации“ што никогаш не допринесе ништо повеќе од збирот на своите делови. А внатре, во овие организации, активистите ги прифаќаа „хоризонталистичките“ политики кои отфрлаа избрано раководство и демократски структури на одлучување, додека на нивно место владееше „тиранијата на бесструктурноста“, во која организациите, навидум нехиерархиски, беа доминирани од мал број неизбрани и неодговорни лидери.
Нашата организација е уникатна во САД: таа е организација која е навистина демократска и раководена од членството. Ова е од крајна важност за нашата мисија.
На крајот, социјалистичките организации како ДСА и ревитализираното синдикално движење ќе треба да се здружат градејќи нова политичка партија од милиони луѓе кои ќе можат да ја предводат битката за подобар свет. Затоа ДСА е важна почетна точка.
Засега, задачите на демократските социјалисти се јасни. Поврзување со движењата во САД и низ целиот свет кои се борат против експлоатацијата, доминацијата и војната. Изградба на нашите сили. Победување избори. Постигнување сѐ што можеме под капитализмот. И да изградиме консензус, бидејќи ни е потребна вистинска политичка револуција за да одиме понатака од капитализмот.
Нашите редови се отворени за сите оние кои се спремни да се борат. Заедно, ни претстои изградба на демократско социјалистички свет.
Превод: Стефан Видиков
Лектура: Е.М.
Оригиналната објава може да ја погледнете овде.