Соопштение на Независниот академски синдикат (НАкС)

 

Соопштението го пренесуваме во целост:

,,Независниот академски синдикат на 27.01.2020 во соработка со СОНК одржа прес конференција пред Споменикот на синдикалното движење помеѓу двете светски војни на којашто, медиумите и пошироката јавност беа уште еднаш известени за акцијата за организирање и основање на нов синдикат на јавните универзитети со една единствена цел: потпишување на колективен договор на ниво на работодавач со само една точка: покачување на платите за 10 %. Од дописите што им беа дистрибуирани на вработените на јавните универзитети и од изјавите во медиумите нема сомнение дека овој синдикат во основање не може да биде ништо друго освен таканаречен синдикат, затоа што зад иницијативата за неговото основање не стои ниеден вработен, никаков иницијативен одбор, туку работодавачот лично, претставен преку ректорот, генералниот секретар, деканите на факултетите.

Овој акт за основање на синдикат на иницијатива на работодавачот не е само чин на заобиколување и маргинализирање на двата постојни синдикати што делуваат во високото образование НАКС и СОНК, туку претставува кршење на Законот за работни односи, којшто есклипицитно забранува работодавачот да се меша во основањето и работата на синдикатите (чл. 195), уцена кон вработените дека нема да го добијат веќе договореното покачување на платите од 10 %, ако не биде основан овој нов синдикат, упад во синдикалното организирање и чин на застрашување не само во секторот високо образование, туку и општо земено за сите коишто се активни во синдикалното работење.

Препознавајќи ја важноста на моментот, борбата за спречување на незаконитите активности на јавните универзитети за организирање на нов синдикат ја поддржаа јавно со лично присуство на прес конференцијата или со писмен допис:

Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ)
Синдикатот на македонската дипломатска служба
Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ)
Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на Република Македонија (УПОЗ)
Конфедерација на синдикалните организации на Македонија (КСОМ)
Конфедерација на слободни синдикати на Македонија (КССМ)
Самостоен синдикат на вработените во универзитетските клиники, центри, клнинички болници и други јавни здравствени установи на Република Македонија

Присуството и поддршката на синдикални организации и сојузи, што многу често имаат дијаметрално спротивни ставови во поглед на различни синдикални прашања, ја направи оваа прес конференција историска.” – НАкС

|2020-01-29T13:10:42+00:0029 јануари 2020|Актуелно, Вести|