Ми требаа неколку дена да ги средам импресиите од филмот Џокер и да го срочам текстов. Одамна не сум бил толку импресиониран од холивудски филм како од Џокер. Филмот излегува од вообичаените бум, трес, предвидливи заплети, перипетии и расплети. Филмот црпи инспирација од моменталната светска нееднаквост која е на приближно ниво како пред француската револуција, филмот црпи инспирација од протестите на жолтите елеци кои траат повеќе од година дена но се помалку слушаме и читаме за истите благодарејќи на МСМ-доминантните(мејинстрим) медиуми. Филмот црпи инспирација од неспособноста на капитализмот како моментално доминатен политичко-економски систем да ги реши основните проблеми на човештвото и индивидуата во истото. Но да почнеме.
Филмот започнува претставувајќи ни го човекот Артур Флек кој живее со својата мајка иако има над 30 години возраст. Ова е сè почеста појава во денешно време кога млади и средновечни лица се принудени да живеат со своите родители иако работат полно работно време и сепак немаат доволно финансии да се осaтмостојат. Ова е многу поразлично од нашите родители во 50тите и 60тите години на 20тиот век кои можеле да се осaмостојат и да основаат свои домаќинства/фамилии со една сигурна работа. Во денешно време се почесто се случува индивидуи да работат две работи паралелно за да скрпат крај со крај во месецот и за да преживеат и тоа многу често живеејќи со своите родители. Толку од капиталистичкиот сон дека ако работиш упорно и напорно, збогатувањето е зад аголот. Артур е кловн и надежен комичар кој се труди да ги добие своите пет минути на сцената. Ова е метафора за основната идеја на капитализмот дека сите можат да успеат само треба да работат напорно и да ја чекаат својата шанса. Но тоа што капитализмот не го кажува е дека 60% од светското богатството е наследено, најдобар пример за ова е Брус Вејн кој не работи ниту 1 ден во својот живот но сепак има доволно пари да се бори за `правда и мир`. Артур може да работи 5000 години полно работно време и пак нема да акумулира богатство како Томас Вејн капиталистот. Оваа безизлезна ситуација го наведува Артур да халуцинира дека водителот на едно познато шоу го вика во емисијата и го промовира во успешен комичар. Ова халуцинација е метафора на сите привремено банкротирани милионери меѓу нас кои халуцинираат дека ќе станат новите Камчев, Трифун, Мијалков, Вице итн. Тажната вистина на капитализмот е дека ако обичните работници-пролетарјатот ги следат правилата поставени од капиталистите, тие никогаш нема да станат капиталисти/богаташи самите. Некои работници ова го сфаќаат порано, некои подоцна а некои никогаш и вечно халуцинираат дека само што не го направиле првиот милион.
Во текот на неговата работа како кловн, Артур е нападнат и претепан на своето работно место. Претепан е бидејќи се даде во потрага по украдениот знак кој не е негов и ако не го врати, ќе мора да го плати од својата и онака мала плата. Прекрасен пример за тоа како во капитализмот ти си одговорен кога ќе те ограбат бидејќи капитализмот е немилосрден и не го интересира што ти се случило-ти мора да платиш! Бидејќи полицијата не се потресува многу, Артур добива оружје за самоодбрана од својот колега кловн согласно капиталистичката мантра дека сам ако не се заштитиш, никој нема друг. Но што се случува, `добродушниот` колега го цинкари Артур кај својот надреден за да го елиминира Артур како конкуренција во фирмата. Dog eat dog менталитетот на дело.
Во следната сцена се запознаваме со психотерапевтот кој е метафора за бескрајните и бесцелни реформи кои само ги третираат симптомите, но не и причините за ситуацијата на индивидуата во капиталистичкото општествотo. `Сакате реформи? Нема проблем, имаме реформи за се што ќе ви текне-само не го менувајте системот`. Реформите како и терапевтските сесии се временски неодредени и бесполезни. Во следната сцена гледаме како Артур се обидува да насмее едно детенце во автобусот кое седи пред него само за да биде конфронтиран од неговата мајка која смета дека Артур му додева на нејзиниот син. Тука авторот ни ја доловува недовербата и оттуѓеноста меѓу луѓето во модерниот капитализам (кој упорно не` индоктринира дека СЕ СИ ИМА СВОЈА ЦЕНА!), каде дури и наједноставните акти на нешто бесплатно се гледаат со недоверба, страв и задна намера.
Од автобуската станица до дома го гледаме Артур како проаѓа низ истите движења и постапки на патот до својот дом како верна слика на механизирањето на работниците во капитализмот, нивното сведување на алатничари-извршувачи на повторливи и бескрајни активности во насока на креирање на профит за капиталистите. Артур доаѓа до својот дом каде ја запознаваме неговата мајка Пени, невработена и на боледување која го прашува дали има писмо во поштенското сандаче. Пени упорно и со години праќа писма до богаташот Томас Вејн барајќи помош од него бидејќи Пени пред многу години работела за него и се надева дека тој ќе се сети на тоа и ќе им помогне (на Пени и Артур). Пени ја претставува генерацијата на нашите родители кои залудно се надеваат на помош од капиталистите бидејќи некогаш работеле за нив. Но суровата реалност е дека во идеалниот капитализам(тој на Томас Вејн) нема место за верност, идеали, поддршка. Ако работиш за креирање на профит за капиталистите, ти си добар. Во моментот штом не се способен да генерираш екстра профит за капиталистите, тие веќе не те познаваат и немаат никаква обврска кон тебе. Точка. Артур (нашата генерација) за разлика од својата мајка е свесен дека писмата (апелите) за помош немаат никаков ефект, тој е свесен дека Томас нема никогаш да одговори на писмата но сепак е утешителен и има разбирање кон својата мајка (генерацијата на нашите родители) и нејзините постапки. Омиленото хоби на Пени е зјапање во телевизорот и гледање на МСМ-мејнстрим медиуми. Зависноста на Пени од МСМ ја доловува тактиката на капиталистите за смирување на гневот од општеството преку замајување на несреќните со телевизија за случајно да не им текне да си ги побараат своите права на улица. Дали терминот `шпански серии` ви значи нешто? Во оваа сцена првпат гледаме како Артур халуцинира дека МСМедиумите ќе го препознаат неговиот квалитет и ќе го лансираат во успешна комичарска кариера. Артур во водачот на забавното шоу ја гледа татковската фигура која никогаш ја немал во својот живот. Во оваа сцена дознаваме дека Артур се смета себе си за главната фигура во семејството од кога памти за себе. Тој смета дека сам себе се избавил од неповолна ситуација-pull yourself by your bootstraps и дека дошол моментот за верификација на неговите напори да успее во капиталистичкото општество. Артур понатаму продолжува во својата халуцинација дека успешниот водител би се откажал од се само за да има син како него, син кој успеал на правиот начин, на капиталистичкиот начин.
Понaтаму ја запознаваме сосетката-Софи која за промена е расположена и разговорлива со Артур. Кој би помислил дека во тмурниот и осамен свет на Артур постои нешто налик на пријателство и тоа баш од сосед од истиот кат. Но за жал и ова е халуцинација. Овој крик на Артуровата потсвест за помош ни ja доловува мизеријата и осаменоста во која се наоѓаат индивидуите во општество базирано на трка за профит. Одамна се завршени деновите на соседство, пријателство без задна намера и можност за профит. Секако постојат исклучоци, но тие не го демантираат правилото-profit is king. Во својата халуцинација со Софи, Софи ја презема иницијативата и доаѓа на врата кај Артур во неочекуван изблик на непосредност и соседство. Во оваа сцена Артур и кажува смешка на Софи која се смее и му дава верификација на потсвесната потреба на Артур за признаеност од опкружувањето. Во следната сцена се случува the tipping point на дејствието. Артур се вози во метро и здогледува како 3ца млади успешни безмилосни бизнисмени малтретираат една девојка. Бизнисмените се дрски и арогантни базирајќи се на нивната тривијална успешност во фирмата на Томас Вејн, небаре успехот во капиталистичка фирма е дозвола да се биде немилосрден, лаком, нападен во другите аспекти од животот. Девојката го погледнува Артур во исчекување на помош но за жал Артур не презема ништо. Девојката си заминува и 3цата успешни бизнисмени се навртуваат на Артур. Тие го напаѓаат Артур бидејќи се бројчано надмоќни. Артур се обидува да даде отпор, но тоа уште повеќе ги лути напаѓачите бидејќи како е можно некој со понизок социјален статус од нив да се дрзне да даде отпор?! Оваа сцена е метафора за начинот на кој капитализмот се справува со било кои работници што ќе помислат да дадат отпор на малтретирањето. Тројцата бизнисмени продолжуваат да го тепаат Артур иако тој е веќе на земја и не претставува никаква закана. Тогаш Артур се крши и го употребува пиштолот за да си го спаси својот живот. Доаѓаме до моментот на вистината, во борбата меѓу капиталистите и работниците-единствена рамноправност може да има кога работниците ќе имаат оружје да се бранат од капиталистите. Сцената на скалите од метрото е потсетување дека капиталистите се само луѓе во систем поволен за нив и дека и тие крварат како и сите други. Перцепцијата за непобедливоста на капиталистите е само во приказната која ја продаваат тие преку своите МСМ. После оваа случка го гледаме Артур како собира доволно храброст да отиде кај соседката Пени за да го направи тоа што од секогаш го сакал, но немал доволно храброст. Следната сцена е во соблекувалната во фирмата на Артур каде колегите на Артур дискутираат за убиството на тројцата бизнисмени и констатираат дека нивната смрт е добра за прометот на фирмата. Колку прикладно за капитализам да профитира од нечија смрт. За тоа време Артур се пакува да ја напушти фирмата откако доби отказ, но забележуваме дека само еден колега со физичка попреченост-Гери го теши Артур додека колегата кој го исцинкари му продава лажна демагогија. Оваа сцена е приказ дека за ситуацијата на обичниот работник најчесто, разбирање имаат другите лица кои се дискриминираат(лица со попреченост итн.). Како што можеме да видиме од сцената, другите колеги на Артур, привремено банкротираните милионери се потсмеваат со ситуацијата на Артур, како да не постои теориска шанса и самите да се најдат во слична ситуација-невработени. И секако, синдикат не се спомнува никаде во оваа ситуација бидејќи заштитата на работникот е непостоечка во капитализмот на Томас Вејн.
Во следната сцена го гледаме Томас Вејн како ги брани неговите пулени само врз основа на фактот дека биле образовани и вработени во неговата фирма. Самиот признава дека не ги познава лично, но фактот дека генерираат профит за него е доволен доказ за нивната невиност во ситуацијата. Во истото интервју Томас Вејн кажува ноторна лага дека сите вработени, поранешни и сегашни се како фамилија. Но во истиот момент ја гледаме Пени кога е заборавена и игнорирана од Томас Вејн со години. Понатаму, платениот МСМ новинар продолжува со пласирање на својата теза дека постоело нетрпеливост кон богатите од пуста завист и дека затоа помалку среќните жители на Готам се на страната на убиецот. Ова не е ни блиску до реалноста, а таа е дека бизнисмените беа убиени во самоодбрана од страна на Артур. Но во општество на капитализам и МСМ, нема да дозволиме малку вистина да попречи добра приказна. Понатаму Томас Вејн ја објавува својата идеја да се кандидира за градоначалник бидејќи `градот скршнал од патот`. Готам скршнал од патот бидејќи некој се дрзнал да им се спротистави на аздисаните бизнисмени. Томас Вејн продолжува во интервјуто објаснувајќи ја капиталистичката гледна точка дека ова мора да е сторено од завист, завист кон успешните бизнисмени без воопшто да остави простор за сомнеж дека можеби имало поинакви причини за случката. Томас Вејн завршува со омилената реченица на капиталистите дека системските неуспеси на капитализмот се резултат на индивидуалните постапки и се додека работниците не успеат да се избават од наметнатата сиромаштија – тие за капиталистите ќе бидат обични кловнови. Ова особено го вознемирува Артур којшто до тогаш не изјавил или манифестирал никаква нетрпеливост врз основа на нечиј економски успех. Тој само се бранеше од аздисани бизнисмени кои сакаа да го убијат.
Следната сцена гледаме како Артур полека ја осознава бесцелноста на психотерапевтот (реформите во капитализмот). Тој самиот увидува дека терапиите се шаблон, дека нема ефект, дека му се поставуваат истите прашања на секоја сесија. Единственото нешто што изгледа дека има ефект се легалните опијати-антидепресиви, алкохол, тутун и тоа имаат ефект на умртвување на секоја иницијатива и надеж за промена. Артур и соопштува на докторката дека до тој момент, тој не бил сигурен дека воопшто постои во запчаниците на капитализмот. Но од кога се одбрани од бизнисмените и го спаси својот живот, тој сега е сигурен дека постои и дека има цел. Веднаш потоа докторката му ја соопштува лошата вест. Финансиите за овие сесии и лековите се секнати. Кратењето на бесплатните медикаменти и психотерапeвтската услуга како прв чекор во штедење ни демонстрира начинот на кој капитализмот се справува со своите инхерентни неуспеси: преку кратење на се што може да ги чепне нивните екстра профити. Тогаш Артур се соочува со реалноста дека системот не се обидел да му помогне и реши ситуацијата туку само ја пролонгирал неговата незавидна ситуација со сесии и медикаменти. Во редок момент на искреност, докторката му соопштува на Артур дека на системот не му е гајле за него, а ни за неа. Следната сцена е во клубот каде Артур ја има својата прва шанса да се покаже како комичар. Тука гледаме дека Софи е во публиката како подршка и верификација на неговиот успех. После настапот Артур и Софи ги гледаме како здогледуваат новинарски напис за случката во метрото и како Софи го нарекува сторителот-херој. Ова дополнително ја засилува Артуровата претстава за себе како човек што го направил исправното во дадена ситуација. Тука Артур за првпат здогледува случаен минувач со маска на кловн. Артур се враќа дома и ја испраќа мајка си на спиење. После тоа здогледува едно од многуте писма на Пени до Томас Вејн и решава да го отвори. Тогаш дознава дека тој е вонбрачно дете на Томас и Пени. Во него Пени бара помош за својот син бидејќи таа се грижи за Артур и што ќе му се случи од кога неа ќе ја нема. Ова е метафора за неизвесноста и немањето перспектива на мојата генерација штом претходната ќе ја снема. Затоа и постојаните апели до капиталистите за некаква подршка кои се игнорирани. После ова доаѓа сцената каде Артур ја посетува палатата на Томас и разговара со неговиот син Брус, полубратот на Артур. Веднаш потоа доаѓа обезбедувањето и се заканува со викање на полицијата бидејќи Артур се дрзнал да разговара со син на богаташ. Тука ја гледаме реакцијата на обезбедувањето на изјвата дека Артур е син на Томас, пречекана со смеење и потсмев. Како е можно работник да биде син на бизнисмен?! Понатаму Пени има итен случај и е примена во болница. Таму доаѓаат детективи кои сакаат да разговараат со Артур за случката во метрото. Во болничката соба на Пени ги гледаме Артур и Софи која е единствена потпора на Артур во овие тешки моменти. На телевизорот во болничката соба, Артур го гледа шоуто на Мареј како прикажуваат клип од настанот на Артур. Артур мисли дека ова се неговите 5 минути, но водителот се исмева со неговиот настап како очаен. Ова му станува јасно на Артур и тој не е баш најсреќен околу ова.
Следната сцена го покажува Артур сам во станот како гледа репортажи од растечките протести во Готам и наслови во весниците како `Убиј ги богаташите`. Протестантите изјавуваат дека им е доволно и дека време е системот да се замени со подобар и поправичен. После следи изјавата на Томас Вејн дека нешто не е во ред со сиромашните на индивидуално ниво, дека тие не се резултат на капиталистичкото општество. Небаре сиромаштијата е индивидуален избор или состојба. Затоа тој изјавува дека се кандидира за да им помогне да ги избави од сиромаштија како да е некој месија. Во оваа сцена го гледаме зачетокот на социјал-демократијата. Самобендисани капиталисти што мислат дека се добротвори ако во капитализам донираат незначителен дел од нивниот профит и дека тоа ќе им помогне да заспијат мирно навечер.
Следната сцена го гледаме Артур како оди на добротворна вечера да се соочи со Томас Вејн. Тој поминува низ протестантите но само декларативно ги поддржува. Ова го доловува обичниот работник кој не нужно е политички свесен и активен, но е носител на општествените промени. Само кога на доволно работници ќе им стане јасно за причините на нивната ситуација, можеме да очекуваме промени. Артур успева да го сретне Томас во машкиот тоалет и започнува разговор. Ова е втората tipping point во животот на Артур. Томас веднаш ја сведува ситуацијата на пари и го прашува Артур дали бара пари бидејќи тоа е призмата низ која Томас го гледа светот и општеството. Артур му одговара дека не сака пари туку само да ја признае можноста дека Артур можеби му е син. Артур му одговара дека можеби му треба само малку топлина и пристојност од него. Тука Томас-капиталистот му удира бокс и го освестува Артур од неговата халуцинација дека можеби тој е син на капиталист. Капиталисти не раѓаат работници. Капиталисти раѓаат капиталисти, работници раѓаат работници. Класите се јасни и точно одредени. Халуцинацијата на Пени дека имала интимна врска со Томас ја доловува идејата на претходната генерација дека постои нагорна мобилност во класите која што многупати е демантирана и побиена во реалноста.
Следната сцена Артур добива повик од шоуто на Мареј. Само бидејќи клипот на Артур добил доволно публицитет тие се решаваат да го поканат на шоуто. Артур ја прифаќа поканата со злокобен тон во гласот. После ова Артур оди во архивата на болницата каде го краде досието на Пени и ја дознава вистината. После тоа Артур влегува во станот на Софи каде таа е преплашена од неговата постапка и на Артур му станува јасно дека наводната поддршка од соседството, заедницата е уште една негова халуцинација. Следниот ден Артур оди во болницата и ја убива мајка си. Со ова расчистува со лагите и измамите во својот досегашен живот и врти нов лист.
После расчистувањето со досегашниот живот, Артур почнува да се спрема за најголемата ноќ во неговиот живот. Гостувањето на МСМ шоу, шоуто на Мареј. Тој ги вежба движењата, шегите и однесувањето. Како врв на вечерта тој ја подговтвува шегата каде тој се самоубива на телевизија во живо. Ја бојадисува косата во зелена боја за да биде комплетен кловн. Додека се подготвува за шоуто, доаѓаат во посета Рендал и Гери-колегите од работа. Тука Рандал повторно пробува да го прејде Артур и креира приказна дека полицајците разговарале со сите други колеги. Рендал едноставно се грижи за себе и за пиштолот што му го подметна на Артур-да не може да биде поврзан назад до него. На ова Гери(лицето со физичка попреченост) единствениот колега кој изрази жалење за отказот на Гери, кажува дека полицијата не разговарала со него. Ова фрла сомнеж на приказната на Рендал за полицијата. Тука Артур го убива Рендал но го поштедува Гари. Тој го поштедува Гари бидејќи не е убиец од досада или хир, туку е само гневен за сите неправди и лаги. Гари има коректен однос со Артур и затоа Артур го поштедува и го пушта да си оди неповреден. Пред да го пушти да си оди, Артур му кажува на Гери дека тој е единствениот кој бил фин со него. Оваа сцена е расчистување на работниците со недругарските работници(знаете оние најдобри другари на шефовите, тие што не членуваат во синдикати и секогаш се спремни да помогнат да се уништи заедничка работничка акција-штрајк).
Следната сцена е фамозната сцена на скалите на која гледаме дека Артур конечно го изгубил и последното нешто-синџирите. Тој е помирен со себе и ситуацијата и е спремен за следниот чекор. Пред крајот на сцената гледаме како полицијата-слугите на капитализмот го бркаат Артур да го приведат. Тие почнуваат да го бркаат низ улиците и метрото се додека Артур не влезе во преполн вагон и ја искористи ситуацијата да избега. Тука еден од инспекторите истрелува во полн вагон со цивили и ситуацијата зазема поинаков тек за инспекторите. Тие веќе не се опресирачите туку луѓето ја земаат контролата во свои раце. Тука гледаме како патниците во вагонот го истураат сиот гнев врз инспекторите како мала победа над опресивниот апарат-полицијата.
Следната сцена е пред шоуто на Мареј, водителот му ги кажува правилата на Артур-никакво скршнување од сценариото, сепак тие се тука за забава а не за креативност или слободоумие. Тука Артур има само едно барање, да биде претставен како „Џокер“. Водителот го прашува Артур дали неговиот изглед е политичка порака, Артур одговара дека не е. Тој е едноставно Артур-кловнот. Во текот на разговорот, Артур ја прикажува суровата реалност во која тој живее, а тоа не му се допаѓа на водителот. Сепак ова е МСМ а реалноста не е добредојдена на МСМ. Артур признава на шоуто дека ги убил 3цата бизнисмени. Тука Артур изјавува дека веќе нема што да изгуби во својот живот. Артур продолжува за улогата на МСМ во одлучување што е исправно или погрешно, што е смешно или не е смешно. Ова е метафора за улогата на МСМ во креирање на алтернативна реалност по потреба на нивните газди-капиталистите. Секој ден сме сведоци на креирање на јавно мислење по потреба и налог, а за потребите на бизнисите и политичарите. Мареј го прашува Артур дали се бранел од тројцата бизнисмени за да започне некое движење или за да стане симбол? Тука ја гледаме `логиката` и `расудувањето` на МСМ дека мора да има некоја позадина за нив разбирлива кога угнетуваните се побунуваат против угнетувачите. Артур изјавува дека ги убил тројцата бидејќи биле ужасни. Понатаму ја соопштува суровата реалност дека ако тој беше убиен, никој немаше да забележи. Но бидејќи бизнисмени беа убиени, сите се вознемирени. Бидејќи Томас Вејн се загрижил, сите се загрижени. Водителот го прашува Артур дали има проблем со Томас Вејн-капитализмот. Артур иако изјавува дека не е политички мотивиран, преку неговите изјави дознаваме дека тој е класно освестен. Го прашува водителот дали има погледнато низ прозор, надвор од МСМ реалноста. Артур ја сублимира капиталистичката реалност во трката за профит. Никој веќе не е цивилизиран, никој не се става на место на другиот, нема веќе заедништво и другарство. Водителот веднаш пробува да релативизира преку хуманизирање на капиталистите со изјавата дека не сите се ужасни. Артур му соопштува дека тој, водителот е ужасен. Ужасен е за тоа што го прави. Тој прави МСМ опиум за масите да останат послушни и добри работници. Тој прави да не го нишаат кајчето. Тој прави да им сервира поубава фиктивна реалност. Тој прави шеги и се исмева со обичниот човек за забава, а никогаш капиталисти. Водителот како искусен МСМ кадар се обидува да ја префрли одговорноста за немирите на Артур, а не на неуспесите на капитализмот како основна причина за немирите и нееднаквоста. Тука Артур (пролетеријатот) метафорички раскрстува со лагите и приказните на МСМ, тој го убива водителот за да спречи понатамошна капиталистичка пропаганда и креирање на јавно мислење по нивна желба. Артур конечно ја доловува реалноста за гледачите на шоуто.
Во следната сцена Артур е приведен и го носат накај полициска станица. Полицајците во колата го набедуваат Артур дека тој е одговорен за немирите во градот. Тие не разбираат дека причината е системот а Артур е само иницијалната каписла. По случајност или не, полициската кола ја удира друга кола и протестантите го ослободуваат Joker. Тој за првпат во филмот презема улога на неформален водач по барање на толпата. Во немирите го гледаме Томас Вејн како излегува од кино со својата сопруга и синот Брус. Еден протестант ги следи во темна уличка и ги убива Томас и сопругата пред очите на Брус во обид да се убие капитализмот. Ова е раѓањето на социјалдемократијата. Идеалниот капитализам не функционира и е застрелан од работничката класа. Следната генерација на капиталисти решава да се прогласи себе си за херој и добротвор во отсуство на воља да се смени суштински системот на експлоатација. Ова искуство во формативните години на Брус ќе го трасира неговиот живот како наводен суперхерој кој само ги третира симптомите-криминалот а не ја третира причината-капитализмот. Бидејќи ако не постои капитализам, нема да постои ни социјалдемократија.
Следната сцена е Joker како разговара со психотерапевтот. Тој се смее, докторката го прашува што е толку смешно. За неа не е поимливо дека Joker се смее на фактот колку малку беше потребно за да се започне движење против капиталистите. Се смее колку се ова се чинеше далечно и недостижно само неколку дена претходно. Joker и кажува дека и да и одговори, таа не би разбрала. Следната сцена го гледаме Joker како оди и остава крвави стапалки, навестувајќи дека расчистил и со шминкерските реформи. Докторката како метафора за реформите успешно ја доловува реалноста на реформаторите за кои нема друга алтернатива на капитализмот, реформираниот капитализам. Не ретко ја слушаме реченицата дека: Kапитализмот е најдобриот систем во моментов. Истото го велеле и робовите во Египет кога ги граделе пирамидите, истото го велеле и Ацтеките кога принесувале човечки жртви. Сите знаеме што се случи со робовладетелството и Ацтеките.
За крај, сите сме поблиску до Joker одколку до Томас и Брус Вејн. Шансите да станеме Брус Вејн се астрономски мали, скоро непостоечки. Прашање е само на време кога ќе ни стане јасно во доволен број за да се избориме за промена на системот. Да се избориме во правичен и другарски систем.
Автор: Гоце Чекоров