Повеќе не е важно кој по ред и какви избори се овие. Во Република Северна Македонија изборите се тешка обврска за граѓаните. Избори ќе има и тоа предвремени, политичките партии се договорија за датумот – 12ти април, 2020 година, за кампањата и парите има време, несомнено ќе се договорат. Повеќето од граѓаните ќе излезат и ќе гласаат. Ќе се формира и Влада. Од понеделник 13.04.2020 година ќе се продолжи по старо.
Ние граѓаните имаме и права кои што за жал не можeме да ги оствариме на избори без разлика колку и какви партии ќе настапуваат на изборите. Без разлика на моделот на изборите и изборните единици, ние тие права до сега не сме ги стекнале на избори.
Правото на живот! Правото на живот не е „Роди ме мајко со среќа и фрли ме на буниште.“ Ние за да можеме да живееме мора некако да го остваруваме правото на живот. Под право на живот мора да се подразбира чист воздух за дишење, чиста вода за пиење, чиста почва за производство на храна и конечно, храна за јадење. Човекот не може да живее во крајно загаден воздух, човекот не може да живее без пристап до чиста вода за пиење, човекот не може да живее ако целата почва каде што живее е загадена и секој плод што го дава е загаден, крајно човекот не може да живее ако нема храна да се најаде.
Во Република Северна Македонија, 1.500 луѓе умираат од здравствени проблеми поврзани со загадениот воздух, не се знае точно колку жители немаат пристап до чиста вода за пиење, почвата е насекаде загадена, а од сите студии за заштита на животната средина ништо не е испочитувано, а помалку спроведено до крај. Крајно, во нашата држава околу половина милион жители или една четвртина од населението не може да обезбеди пристоен оброк во текот на денот. Во триесетина изборни циклуси, основните права на безбеден живот не беа решени.
Државата мора веднаш да го реши проблемот со гладот. Без разлика на политичката партија на власт, овде мора да се избориме за консензус дека можеби не повеќе, но секој има право на достоинствен оброк. Државата веднаш треба да отвори и финансира народни кујни за гладните. Учениците кои посетуваат настава во детските градинки, основните и средните училишта и студентите на универзитети мора веднаш да добијат исхрана на сметка на државата. Работниците мора повторно да се стекнат со правото на топол оброк на работното место во работното време, оброкот на работникот мора да е обврска на работодавачот.
Секој мора да има право на бесплатна и достапна здравствена заштита. Државата има обврска да се грижи за нашето здравје. Сите здравствени услуги на сите нивоа мора да бидат бесплатни и достапни. Човековото здравје не смее да е привилегија за малкумина, но право на сите нас. Нашите граѓани најмногу плаќаат за здравство, а најмалку добиваат. Грижата за здравјето на поединецот е колективна обврска. Мнозинството од граѓаните нема да можат да платат лекување затоа мора државата да плаќа. Колективниот дух на припадност се гради преку солидарноста и грижата за послабиот. Да почнеме да го градиме со ова.
До овој момент нема никакви податоци за тоа колку луѓе немаат дом, немаат спална соба во домот, немаат тоалет или бања во објектот кај што живеат, немаат електрична енергија во домот или водовод. Каква ли е таа грижа на власта за нас? Нужни ни се социјални програми за обезбедување на дом на бездомните, самохраните родители, сиромашните, луѓето кои години по ред плаќаат кирија, а немаат сопствен стан. Правото на дом е поважно од правото на имот. Нема да успееме сите да живееме во сопствен стан, но можеби можеме да успееме сите да имаме сигурен дом кој што би го користеле додека сме живи. Овде овие права некогаш некој ги имал, да се обидеме повторно да ги добиеме.
Меѓугенерациската солидарност мора да ја развиеме ние – граѓаните. Во оваа држава секој што наполнил 60 години живот треба да добива пензија која ќе му ги покрие трошоците за живот. Пензионерите коишто ги гледаме исклучиво во јавниот превоз и здравствените установи мора да ги одгледуваме сите ние заедно. Грижејќи се за нив нема во страв да ја чекаме сопствената старост. Ќе имаме визија дека и некој друг ќе се грижи за нас. Пензионерите и сите други стари лица немаат веќе сила за борба за своите права, но ние мора да ја подигнеме свеста за нивните права. Секој од нас би сакал да доживее пристојна старост, таа ќе ја дочекаме единствено ако им обезбедиме достоинствена и топла старост на денешните пензионери.
Ние луѓето тука мора да се погледнеме в очи и да видиме и да разбереме дека чистиот воздух за дишење, чистата вода за пиење, храната за јадење, здравјето на човекот, грижата за послабиот, грижата за природата, грижата за работниците, учениците, пензионерите, болните, немоќните е грижа за нас самите. Овие наши права мора да ни бидат обезбедни од која било власт. Ова се основните права за да можеме да живееме. Да бараме конзензус за овие прашања.
Правото на глас нема да ни го даде правото на живот во оваа држава. Но, ако имаме живот можеби повторно ќе сакаме да гласаме. Избори ќе има, дали ќе има нешто за нас?
Автор: Никола Шиндре