Намерата на овој текст е да се издвојат опциите кои ги дава правото на глас. Начините како да се стигне до поголема одговорност на институциите кон граѓаните не се никогаш и никаде исти и единечни. Гласањето или негласањето нема да помогнат во суштинското работење на државниот апарат, но важно е да се развие свеста и да се размислува во повеќе насоки. Најважното е можеби дека секој треба сам да одлучи дали сака или не сака да гласа. Правото на глас е најмалку поврзано со изборите. Тоа е можеби најголемата симболика во едно вакво уредено демократско општество. Ова четиво ќе се однесува на инстуциите избори и претседател.
Деновиве многумина граѓански и партиски активисти беа повеќе ангажирани за претстојните шести претседателски избори во Република Северна Македонија на кои ќе се избере петтиот Претседател на Републиката. За да стане јасно за оние кои не се толку информирани мораме да посочиме главната дискусија која се води за овие претседателски избори во РСМ се однесува на цензусот за избор на Претседател, односно излезноста на денот на изборите. Согласно Уставот, треба да излезат барем 40 проценти гласачи. До сега, како и да е, без да навлегуваме во анализа на причините цензусот е исполнет, но постојат шанси истиот во недела да не ја постигне фамозната бројка од 40 насто плус еден.
Претседателот на РСМ е инокосен орган, врховен командант на вооружените сили, испраќа и именува амбасадори и прогласува закони, но дава и помилување, амнестија и уште нешто. Тоа што во оваа приказна е добро е тоа што Претседателот се избира на општи, непосредни, тајни и демократски избори. Тоа, впрочем им дава на граѓаните право директно да изберат дел од својата извршна власт која ќе ги претставува и застапува со оглед на тоа што Владата се избира во Собранието. Она што е лошо пак, е тоа што споредбено со претходните изборни циклуси никогаш на претседателски избори не победил кандидат од опозицијата, а уште помалку натпартиски или граѓански кандидат. Па, така може да се каже дека партијата на власт може значително полесно да фаворизира одреден кандидат, па тврдејќи и дека не е нејзин, а истиот и да ги добие изборите. Од тука слободно можеме да заклучиме дека или граѓаните се задоволни од власта или не ја казнуваат или полесно е да се добијат избори за кои граѓаните сметаат дека не се важни (Претседателот според Устав нема големи ингеренции, како на пример отповикување на Влада, распуштање на Собрание итн.).
Оние кои се залагаат за поголема излезност на изборите се во право бидејќи и покрај тоа што Претседателот нема големи ингеренции, самиот изборен процес е далеку позначаен за нас како граѓани бидејќи ние имаме право на непосредни избори да избериме дел од извршната власт. Неизлегувањето на избори само поради личните фрустрации спрема кандидатите не го оправдува чинот бидејќи во случај на неизлезност, затоа што можеби институцијата претседателски избори и да ја изгубиме, а подоцна тој избор да се решава во друга институција, на друго место, од други луѓе, а не нас граѓаните. Во оваа рамка, сепак граѓаните го имаат последниот збор бидејќи без разлика колку многу или малку им се допаѓа некој кандидат сепак имаат право да гласаат за тој што им се допаѓа или за тој кој го поднесуваат, па макар и да одлучат своето гласачко ливче да го поништат. Неизлегувањето на избори не се оправдува без јасно артикулиран став зашто некој свесно и намерно би ги бојкотирал изборите, а недопадлвоста на кандидатите, незадоволството од власта, незадоволството од животот итн. не се најдобри аргументи за некому да му биде оправдано седењето дома в недела.
Зошто и (не)организираниот бојкот можеби ќе донесе подобро утре за ова општество? Незаинтерисираноста за кандидатите се појаснува со тоа што ниту една од партиите кои предлагаат кандидати не прават анкети за испитување на мислењето на партиските членови за предлози за претседателски кандидат, а многу помалку, односно воопшто не се ни размислува во насока за испитување на јавното мислење за тоа каков претседател граѓаните би сакале или пак кого фаворизираат. Затвореноста на партиите, неможноста на граѓанинот да влијае во креирањето на сликата за институцијата претседател, трошењето на јавните пари за политички кампањи, наметнувањето на идејата дека сите избори се пресудни за граѓаните, неодговорноста на партиите и носителите на јавните функции, па и кандидатите за истите во значителна мера ги предизвикува граѓаните и тие да се однесуваат неодговорно, а бидејќи можностите обичниот граѓанин да ја избегне одговорноста се значително пониски, тогаш тој свесно или несвесно се одлучува да ја користи својата (не)моќ и да не го користи правото на глас.
Откажувањето од гласање на избори и не е баш откажување од правото на глас. Демократијата подразбира пошироко толкување на истото. Правото на глас треба да се смета и кога граѓаните се незадоволни од платите, од условите за вработување и работење, проектирањето на несоодветни урбанистички планови, приватизацијата на јавното здравство. Во оваа држава институциите ретко ги слушаат граѓаните за оние прашања кои што граѓаните многу погласно би сакале да ги изговорат кога би биле исполнети барем минималните предуслови за комуникација помеѓу управувачите и тие кои што в недела (ќе) излезат на гласање. Не смее да се отфрли и опцијата дека некои граѓани и не сакаат да се приклучат кон јавниот живот и воопшто не сакаат да адресираат забелешки за управувањето и функционирањето на системот, па и не сакаат да влијаат со својот глас врз изборите.
Шегата „Зошто во недела се изборите? – Затоа што од понеделник е сѐ по старо.“ понекогаш испаѓа точна, па оттаму ставот дека губењето на можноста Претседателот да се избира на општи избори е посмешен од самата шега. Граѓаните можеби со тивкиот бојкот нема да променат ништо друго освен тоа што симболички ќе испратат порака до властите и политичките партии дека не се задоволни од нивната работа, но, сепак ќе треба да се уверат самите себе си дека тоа е најдобриот избор и дека сепак нема само да лоцираат одговорност, но ќе се потрудат да сторат самите повеќе за општото добро, а тоа да е повеќе од (не)излегување на избори.
Како заклучок само може да се каже дека државата има премногу механизми за да функционира и со и без вашиот глас во недела, шансите за промена се многу мали, па и затоа можеби најважното е да го сторите тоа што мислите дека треба, не ви е мака да го изведите и конечно сакате да го направите пред сѐ за вас, а можеби и за другите.
Автор: Н.Р.