СКОПЈЕ, 30.06.2017 – Зголемувањето на минималната плата последниве недели претставува една од актуалните теми на дебата во медиумите и на социјалните мрежи. Пред изборите, неколку политички партии ветуваа зголемување на минималната плата, а една од нив беше и партијата која е во позиција на власт, односно СДСМ. Според нив, до крај на оваа година, минималната плата ќе се зголеми на 12.000 денари.
Минатата недела, министерот за финансии Драган Тевдовски и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска се сретнаа со претставници на репрезентативните Синдикати во Македонија. Според Тевдовски, работодавците изразуваат подготвеност да ги зголемат платите, а во меѓувреме да не трпат притисоци од страна на политичките партии.
На фејсбук профилот на Здравко Савески, член на Президиум на Левица и долгогодишен активист за работнички права, се појави своевидна реакција на најавите за зголемување на минималната плата. Савески ја поздравува оваа тенденција, со забелешки околу правилноста за истата. Тој вели дека, минималната плата беше зголемена и во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, но оти, нејзиното исплаќање беше игнорирано, односно беа употребени незаконски механизми за неисплаќање на истото, како пријавување на скратено работно време и враќање на дел од платата кај сопственикот кое после 2015 година претставува и кривично дело.
„Кога се оценува висината на минималната плата, многу често се заборава дека од 2009 во платите се вклучени хранарината и превозот. Односно, дека за овие издатоци поврзани со работата сега плаќа работникот од својата плата. Што ќе каже дека неговата реална плата, кога ќе се изземат трошоците за храна и превоз, е за неколку илјади денари пониска од она што таа формално гласи, потенцира тој.“
Доколку зголемувањето на платата изнесуваше 15.000 денари, државното субвенционирање ќе беше до некаде оправдано, смета Савески.
За субвенционирањето на минималната плата, како и за други теми поврзани со зголемувањето на платите во секторите коишто исплаќаат најниски плати во Македонија, потребни се јавни дебати. На тие јавни дебати би се утврдиле модусите на разликување на фирмите кои можат да исплаќаат најниска плата и фирмите кои не можат да ги исплаќаат тие плати, со што оние кои не можат да исплаќаат минимални плати би биле субвенционирани, заклучува Савески.
Побаравме мислење и од претставници на Министерството за финансии. Оттаму ни’ пренесоа дека, веќе е започнат процесот на консултации со засегнатите страни за зголемување на минималната плата. Набрзо после разгледувањето на предлозите и конкретните услови, од министерството ќе излезат со решенија за зголемувањето на минималната плата.
„Исплатата на минимална плата од 12.000 денари планираме да започне од септември, за што веќе се предвидени средства со ребалансот на буџетот во висина од 1,5 милиони евра месечно, односно 6 милиони евра до крајот на годинава“, велат за Гласник од министерството.
Минималците во едни од најтешките индустрии како што е текстилната и понатаму нема да можат да ги подмират основните потреби за живот
Во однос на минималната плата и даноците кои работниците ги плаќаат на државата, на својот фејсбук профил реагираше економистот Бранимир Јовановиќ.
Минималната плата во Македонија изнесува 150 евра. Текстилната работничка што ја заработува ѝ плаќа на државата директни даноци од 33% (персоналец + придонеси). Највисоката плата во Македонија изнесува 205.000 евра. Менаџерот што ја заработува ѝ плаќа на државата директни даноци од 11%, пишува тој.
За тоа како би влијаело покачувањето на минималната плата најавена од сегашната власт, се обративме до една текстилна работничка, којашто работи во текстилна фабрика во Струга, а чиешто име побара да остане анонимно.
Пред да биде донесен законот за минимална плата, оваа работничка земала плата во износ од 8.500 денари. Со донесувањето на законот за минимална плата во износ од 10.080 денари, работодавецот се придржувал кон законската обврска, но, од друга страна ги принудил работниците да ги работат и сите саботи во месецот.
Одработувајќи над 200 работни саати во месецот, работниците во текстилната фабрика во моментот работат за 56 денари од саат. Покачувањето на минималната плата, ќе ја зголеми саатницата за само 10 денари, т.е. ќе изнесува 66 денари.
Оваа работничка, доколку се остварат најавите за покачување на минималната плата, ќе работи за дневница од 530 денари, а од таа дневница ќе биде принудена да го плаќа превозот до работа, како и дневниот оброк.
„Со најскромен оброк припремен од дома, иако работата е физички напорна, дома ќе можам да однесам едвај 400 денари на ден. Се сомневам дека, како и досега ќе можам да ги подмирам најосновните потреби за семејството“, вели таа, додавајќи дека Регрес, односно К-15 не добила со години.