Американскиот писател на научна фантастика Исак Асимов, руски Евреин по потекло од областа Смоленск – Русија, напиша дека „пазарот“, „market is the solution“ е привремено решение на планетата како диспаритет меѓу понудата и побарувачката. Да не ги реплицираме трите закони на роботика на Асимов.
Чехот Карел Чапек во 1920 ја напиша научно фантастичната драма „РУР“. Во „Росумовите универзални роботи“ првпат се спомнува зборот „робот“, којшто доаѓа од познатиот славјански збор, „рoбота“ или на македонски работа. Според тоа место „робот“, може да користиме и „работа“, како идентификација за „робот“ затоа што секако заедничко е кратко „бот“ како автоматизиран машински град којшто работи во позадина, додека пливаме низ рекреационата иднина.
Репликаторот робот како технологија што врши работа во Стар Трек, неминовно ја менува потребата за пазар. Репликаторот ја разградува потребата од ценовни механизми надгледувани од НАТО. Репликаторот го решава проблемот меѓу побарувачката и потрошувачката. Репликаторот нема потреба од пазар и ценовни механизми кои ги амортизираат ударите од користењето на ретките ресурси и експлоатацијата којашто добива експресија во револуциите, растурањето држави со војни за да се освојат пазарите на другите народи коишто во освојувачкиот налет на воените блокови стануваат економски робови. Репликаторот е машина за еднаква дистрибуција на богатство и личен развој. Со Репликаторот доаѓа и социјална структурна промена.
Репликаторот е логички крај на индустриската револуција затоа што репродукцијата без репликатор е ужас без крај. Индустриската револуција е револуција на вградување на луѓето во механизмот на капитализмот, кога цели народи беа вградени во машините. Гулазите и денес постојат како дел од оклопно-механизираната Кина.
Репликаторот е точка на раздвојување на човекот од машината. Ако сите работи поврзани со „пазарите“ се привремени, како што пишува Асимов, тогаш се субјекти на случајност. Планетарно, време е да ги откачиме машините од нашите грбови. Репликаторот ни’ ги покажува начините помеѓу желбата и стварноста, со кои веќе сме достигнале општества со напредна физичка commons инфраструктура, коишто мора да бидат достапни за сите. Капитализмот на дваесетиот век, имено, ја заврши својата работа.
Commons во модернизам и commons во постмодернизам. Да ги раздвоиме, модернистичкиот commons како прва или хардвер економија, видлив како патишта, крвоточна железница, телекомуникациски сателити, патнички авиони и истражувачки ракети, океанска инфраструктура за интернет, комплетно автоматизирани и роботизирани бродски пристаништа, архитектура како прва уметност од формализмот на секојдневието. Холокаустот е прозорец во модернизмот. Да го раздвоиме формалниот карактер на архитектурата од постмодерната или втора, софтверска невидлива економија, којашто e огромна и далеку поголема од првата, во формалната структура како тивка, вмрежена, автономна, секогаш „on“, глобална, бесконечно преобразлива и преобразувачка, конфигурациски и негриевски, самоорганизирана, андерграунд. Работните места во транспортните системи се први на удар на автоматиката. Колосален автоматизиран удар на софтверот.
Пишувам за класната територија на необрабената и деструктурирана територија на желбата која добива постмодерни ужасни феноменолошки облици на интернет. Сателитски интернет наместо кабелски подводни магистрали во океаните под контрола на НАТО.
Сѐ што станува дигитално автоматски станува бесплатно. Интелектуалните сопственички права се минато во присуство на црната дупка и класна територија на интернет, како софтвер, како иновации, во дизјан на склопови, со трансакциската размена меѓу мобилни смартфон апарати во блок-чејн, централни банки во процес на деакумулација.
Капитализмот се самоуништува поради своето дете, технологијата. Модернистичките commons територии како воздух, вода, глобално затоплување без паркови и шуми, физичка инфраструктура, железници и автопатишта, коридори на пластика и фекалии во скиселените океани како нов универзализам во рамки на психологијата на Ојдиповиот универзум, го открија и покажаа лимитот на капитализмот.
Доцниот капитализам е некомпатибилен со физиката на планетата. Планетарниот универзализам се препелка меѓу социјализам и комунитаризам/комонизам, со радикални лимитирања за екстракција, деградирање и загадување на човековата околина, коишто ги загрозуваат сите живи битија, играјќи си со лего коцките на трудбеничкиот дваесети век во којшто беше создадена масивна индустриска цивилизација со универзитетски печат за технолошките иновации.
Во момент кога човештвото ќе го совлада глобалното затоплување како закана по мирот на планетата со нула емисии на стакленички гасови до проектираната 2050, фосилизираното НАТО веќе нема да биде закана за светскиот мир.
Кина е реликт на комунизмот, но продолжува со трансформативни пенетрациски реестетизирања и реструктурирани атмосферични формалности во низи од формализирачки формализми. Кинески капитализам.
Меките дисциплини како право и економија, денес сѐ уште ја субординираат техничко интелектуалната елита. Меѓучекор е управувачка хибридизација помеѓу меките дисциплини забарикадирани во капиталистичката матрица со хард-кор техничката интелектуална елита. Во хоризонтални управни структури за да се сфатат ризиците за општествата и за да се реагира соодветно. Македонската Влада е егземплар кога броиме колку кадри од елитата од технички бекграунд се внатре во. МАНУ да се подели на природно-математичко крило и крилатица со меки дисциплини. Научно-наставните совети на факултетите во сите образовни институции во хоризонтала се модел за управување и за градинки, основни и средни школи, институти и универзитети, без мешање на Министерството за образование во управувањето. Хоризонтални организации се за паметни солидарни луѓе. Медиумите.
Универзален приход за сите во неможност капитализамот да обезбеди работа за сите. Дали Универзален приход за сите, којшто ќе значи комплетно реструктурирање на пензиските фондови на Бизмарк со солидарно додавање од прва за втора и втора за трета генерација и класична месечна редистрибуција и воедначување на приходите или пак Социјален фонд, е прашање на теорија со пракса. Сепак, со сигурност пензиски фондови како што ги живееме денес нема да постојат.
Комплетната инфраструктура се враќа под директна контрола и сопственост на државите, „државата“ којашто во регионални блокови веќе е релативна категорија во име на повисоките commons каузи кои се де-факто левичарски. Европски.
Заедничките работи може да бидат ништо друго освен commons. Ресурси како вериги на руди, водни коридори, атмосферичност на воздух, шумски еко-системи коишто ослободуваат цели региони од топлина и стабилизираат микроклима. Нема повеќе толеранција за екстракциски капитализам, дури и да се работи за микропериоди на концесија базирани на килограм биомаса, којашто може да се регенерира во одреден период. Колку килограми биомаса ќе може да регенерира природата во микро подрачје, на толку време ќе биде концесијата за одреден ресурс. И ништо повеќе, ако за 100 тони дрвна маса се потребни 20 години, концесијата за дрвна маса од 100 тони ќе биде до моментот кога природата ќе регенерира 100 тони маса. Регенерација на алуминиум на депониите. Вреди да се таргетира идниот систем како алгоритамска циркулација базирана на ресурси со строги лимити со либерален и спонтан саморефлективен нелимитиран пристап до депонии. Ресурсна, поради тоа што ресурсите на планетата се лимитирани, а ѓубрето е ресурс. Комплетната енергетика се враќа под директна и строга контрола на државата. За Македонија, енергетиката е 50 проценти од целокупниот и иден зелен БДП. Ѕинго!
Кина не може да се стопира. Америка се уплаши кога се виде себеси и во огледалото. Прашањето е: Како и зошто Кина се разбуди? Кој маоизам? Маоизмот на Мао Це Дунг? Не. Културната револуција? Но, како и Вториот закон на термодинамика, така и Кина денес е вградена во репликаторот на Асимов. Тактовите на репродуција во Кина се во рангот од 300.000 до четиристотини (400.000) илјади парчиња по продукт. Нема земја на планетата којашто може да биде конкуренција на америчкиот хорор. Сакавте капитализам? Еве ви го! Доаѓа од Комунистичката партија на Кина.
Се чини дека Кина ја фундира планетарната сила за репродукција со реверзибилен инженеринг на комплетното интелектуално богатство и „интелектуалните права“ на глобалниот север, со плански меркантилистички стратегии, не на пет, туку на сто години. Подобро плански отколку „sky is the limit“ спонтани, саморефлектирачки либерални скупови дражеи за купови празноглави алиенати од поединци. Капитализмот на дваесетиот век е систем на рефлективниот неметодолошки алиениран поединец лузер, убиен од структурната моќ на културата.
Во моментот кога и Индија ќе стигне слично ниво, глобалниот север ќе постане музејот на Набоков. Ако маоистите во Индија од „црвениот коридор“ којшто зафаќа третина од територијата на Индија низ џунглите ја превземат и ја променат структурата на политичка моќ, тактот на репликаторот на Индија како бекап фабрика на светот многу побрзо од очекуваното ќе се појави на хоризонтот.
Термодинамика на вмрежени неизолирани теории на системи се неминовност. Ентропија е непознатата информација. Во тек е развивањето на филмот на дискурзивниот динамички процес којшто е на дневен ред на Комунистичката партија на Кина како „16 + 1“ којшто ќе ги раздрма заспаните Словени по копнениот „пат на свила“, додека Кина не ги стави под контрола Пацификот и цела Австралија, ресурсната база за светот – Африка, а можеби и сето што се наоѓа источно од Сибир.
На планетата во овој момент има нешто повеќе од 7,5 милијарди луѓе. Со математички модел е покажано дека бројката ќе се стабилизира на 12,5 милијарди луѓе во моментот кога бројот на новородени ќе биде ист со бројот на починати во една година. Стабилност кога здравствената заштита ќе биде достапна за сите, образование достапно за сите, статус на средна класа. Практично, колку повеќе луѓе на планетата, толку помалку биосвет, толку помалку животни, птици, риби, уништени океани, затоа што веќе е очигледно дека океаните стануваат канализацијата на светот. Со океаните има два проблеми, имено, зголемена температура од каде торнада и урагани црпат енергија, и киселост, којашто уништува корали и ја менува структурата на живиот свет во океаните. Да не заборавиме, многу се битни и Амазон и Конго, но сепак 50 посто од кислородот на планетата доаѓа од океаните.
Капитализмот го добива обликот на структурата на желбата, го имитира желбовниот универзум и комплекси. Капитализмот е експлозија на искомплексирана, незауздана и неконтролирана желба за повеќе. Симптоми за повеќе. Повеќе што? Повеќе ова, повеќе ова, капитализмот е за нешто повеќе. Експлозија од ментални болести во постмодернизмот. Данок на додадена вредност е нешто. Име на структура на желбата, фантазии, кошмари, страв, проекции, итн. Како плус задоволство, како плус задоволување на мазохизмот врз другите, како хиерархиската тортура на ПАКС НАТО врз светот.
Наместо за толеранција, дали може да прочитаме кој колку и што поседува, колку пари има во банка, дали рента сопственост како станови и земја, колку инвестиции има во хартии од вредност ваму или таму, дали има наследство, колку приход има, колку има продукти и хартиено ѓубре во џебот, за толеранцијата пишувам, во рамка на инвестициите на сите кои што ја бранат спогодбата со Грција. Толерирани стратификации со генетски наследен пристап до катедри. Толеранција место материјална класна борба и материјализирачка сигурност. Толеранција е кога партиските газди доместифицираат 450 илјади хумани, коишто јадат еднаш на ден. Толеранција пар екселанс.
Варшанскиот пакт и НАТО се проектираниот филм од минатото
На интернет платформите, пролиферацијата на „Република Македонија“ или Republic of Macedonia а пропо фиром/fyrom стојат во сооднос 1000000 (1 милион) спрема нула (0) во корист на Македонија. Интернет е добитникот во редистрибуцијата на моќта како меѓународна правда на планетата. Физичкиот дел од стварноста на ФИРОМ не важи во интернираниот интернат со име интернет. Дигитално, брендот .фиром е заштитен во интернет хаосот како македонски поддомејн за специјални работи. Дигитализирана Македонија е неуништлива ем бесплатна за трансформативни интерпретации. Дигиталниот отисок е побитен од физичкиот отисок.
Влез по прагот на интернет како човеково право преку квака од врата, како крадец којшто ѕирка во незаклучена форма како филмска анксиозна подсвест.
Во филмот формата е сѐ. Најбитните и најзначајните режисери се формалисти. Ејзенштајн, Тарковски, Куросава, Сорентино. Позадината на Хичкок, Висконти, Де Сика, Пазолини, Бертолучи, Луис Мал, Буњуел, Хироши Тешигара.
Сите добри марксисти се формалисти. Архитектура и филм даваат формализам. Или фотографија како подвижни слики. Формализмот и социјалната анализа не се исклучуваат, разврзување на социјалното милје како социјална анализа којашто гледа во хоризонтот што надоаѓа.
Еуропа вози по темен колосек нa Лaрс фон Трир.
Трилогијата на Тарковски е перфектна дијалектичка тријада на стварноста.
Сталкер на Тарковски можеме да го читаме како реализирана желба. Сталкер ја реализира најдлабоката желба, вели Жижек, само под услов, ако сте способни да ја формулирате. Желба за нуклеарна војна или удар врз Хирошима ко пример од кој умреа 300000. Нуклеарен холокауст виси над планетата, а економската војна којашто не е трговска војна меѓу Америка и Кина го дава победникот за наредните 50 години.
Соларис на Тарковски е машина за репродукција на вина. НАТО е машината на виновникот Меккејн. Како Матрикс. Машина за репродукција на капиталистички екцесивни фиксации.
Носталгија на Тарковски е филм за жртвата и самоубиството. Прашањето на самоубиството за Ками е единственото философско прашање во коешто е вградена жртвата без забелешки.
Формулирање во исто време дијалектички ја задоволува желбата за формула и живот во јазикот. А кога сме во домот на битието, живееме во рамка на тортурата на Конески. Невидливата територија. Ако Македонците станат детериторијализиран народ како Балочите, Курдите или Берберите, формирањето на виртуелна држава во интернет формат ала NSK* има смисла.
*NSK neue slovenische kunst blablabla
Автор: Кирил Минанов
за левичарскиот портал glasnik.mk