Во последните затворски години, Демачи дава неколку интервјуа за српски и за хрватски весници. Во „Вечерни лист“ во 1989, Демачи зборува со восхит за Енвер Хоџа како претседател на Албанија.
После посетата на Демачи во Албанија, неговите ставови за Енвер Хоџа екстремно се менуваат. Тој смета дека Хоџа бил безвреден.
„Ние се обидувавме да се обединиме со Албанија, затоа што не знаевме каква е ситуацијата таму. И подобро што не знаевме, затоа што доколку знаевме дека е таква ситуацијата, немаше да направиме ништо“, вели тој.
После излегувањето од затвор, Демачи изјавува дека апетитите на Хоџа за моќ биле по секоја цена присутни. Неговата квази-независност од Југославија, Советскиот сојуз, Кина и западот, ја намалила шансата за обединување на Албанија. Со тоа, Хоџа повеќе сакал моќ, отколку реализација и напредок на албанците како народ.
На 21 април 1990 пет и половина години пред изтекот на неговата казна, Југословенскиот лидершип го ослободува Демачи.
Во декември 1991 година, тој е награден со наградата Шахаров за слобода на мислењето, основана од страна на Европскиот Парламент во декември 1988 година, за признанија на лица и организации чиишто живот и дела се посветени на човековите права и слободи.
Од 1991 до 1996 година, Демачи е лидер на Советот за одбрана на човековите права и слободи, CDHRF. Во 1993 година, клубот на Универзитетските ректори во Мадрид го наградува со Специјална награда за мир, против расизмот и ксенофобијата.
Во февруари 1994 година, пет членови на норвешкиот парламент го номинираат Демачи за Нобелова награда за литература, додека во септември тој е номиниран за Нобелова награда за мир.
На 14 декември 1995 година, на Демачи му е доделена наградата Лео Еитингер за човекови права од Универзитетот во Осло.
Во време на големи судири и тензии, тој за србите зборува на јавните настани како „нашите браќа, српскиот народ“, или „херојскиот српски народ“. Тогаш се соочува и со првите критики кон него, за игнорирање на тоа што српската држава го нанесува на Косово и нејзините жители.
Демачи на овие критики одговара дека е свесен за теророт којшто се нанесува врз жителите на Косово, но смета дека српскиот народ е манипулиран од своите политички лидери и авторитети, и дека цел народ не може да се идентификува со ниту една политичка класа или моќ.
„За мене, сите народи се добри. Не постојат лоши народи. Лошите работи коишто ни’ се нанесени денес нам се од страна на српските авторитети и политичари, кои истото му го нанесуваат и на нивниот народ. Што значи, треба да направиме разлика помеѓу српскиот народ и класата којашто владее. Албанците не треба да ги мешаат овие работи, иако јасно ги разбирам тие коишто не се во состојба да ја прават оваа разлика, затоа што теророт врз нив од страна на српските власти е многу голем“, изјавува Демачи.
Тој исто така со пофални зборови настапува за оние српски интелектуалци кои како што вели, „беа доволно храбри да се спротивстават на српските власти: Богдан Богдановиќ, Милан Николич, Загорка Голубовиќ, Срџан Поповиќ, Лазар Стојановиќ“, додавајќи: „За мене, овие се вистинските синови на српскиот народ“.
Многумина добронамерници, коментираа дека доколку Демачи продолжи со ваквото опишување на Србите, ќе го изгуби целиот капитал кој го акумулираше со години со албанците. Демачи, реплицираше на овие „добронамерници“ со тоа дека не сака капитал втемелен на омраза.
„Не е прифатливо за сите тие коишто им служеа на југословенските власти да ме стопираат мене, кој цел живот се борам против југословенските власти, од употреба на фрази како „нашите браќа, српскиот народ“. Не мислам дека мојот народ е идеален народ, избран народ, кој не прави работи коишто другите не ги прават. Албанците не го правеле тоа што србите го прават, затоа што никогаш не биле на таква позиција. Секогаш биле окупирани, секогаш биле опресирани“, рече тој.
Веднаш после ослободувањето од затвор, тој изјавува дека ќе биде на страна на сите коишто се во опасност, без разлика која ќе биде цената за тоа.
„Може да паднам во затвор. Може дури и да умрам, не затоа што ги сакам србите и црногорците повеќе, туку затоа што ги сакам албанците. Јас сум против идејата за одмазда, затоа што имам за многу сметки да се раздолжам, но не сакам да се одмаздувам. Сакам да го свртам грбот на одмаздата“, истакна Демачи.
По излегување од затвор, Демачи изјавува исто така дека не сака да се занимава со дневна политика и дека не е заинтересиран да стане дел од некоја политичка партија. Во 1993 година, во интервју на БК телевизија, тој како човек кој се залага за мир, изјавува сепак дека доколку српските власти продолжат со заканите за војна во Косово, тие ќе изгубат.
На средина на 90-тите, Демачи го критикува албанскиот пацифистички косовски лидер Ибрахим Ругова. Од него очекува да направи напори за мобилизација на албанците. Не со оружје, смета тој, затоа што тоа ќе им даде причина на Белград да притиснат, туку со ресурси коишто најмалку ќе му одговараат на политичкиот естаблишмент на Белград – со секојдневна политичка борба.
Тој предлагаше активен и мирен отпор, работниците да се вратат во нивните фабрики и учителите во нивните школи од кадешто биле протерани; исто како професорите, така и студентите да се вратат во нивните факултети; новинарите во нивните медиумски телевизиски, радио куќи, како и весници.
Според Демачи, судбината на албанците е во нивните раце. Тој повика за ревизија на политичките цели, базирани на независноста на Косово, но со анекс кој предвидува, веднаш после прогласување на независност, Косово да започне преговори со Србија и со Црна гора за создавање на сојузна заедница, која ќе се нарекува Балканија.
Откако војната еруптираше на Косово во 1998 и 1999 година, во август 1998 година, Демачи е прогласен за Генерален политички претставник на Ослободителната војска на Косово, ОВК. Тој тука се откажува од визијата за Балканска федерација, додека од друга страна ОВК се откажува од обединување на сите делови населени со албанци на Балканот. Тие се согласуваат да придонесуваат за независност и суверенитет на Косово во согласност со волјата на граѓаните на Косово која беше изразена на неофицијалниот референдум во 1991 година.
Демачи одбива да учествува на меѓународно повиканата Конференција во Рамбује во 1999 година, затоа што таму е предвидена само автономија на Косово во рамките на Југославија која ќе биде предводена од страна на Српската држава. Американската државна секретарка Медлин Олбрајт, телефонски разговара со Демачи и од него бара да го убеди Хашим Тачи, тогашниот лидер на ОВК да го потпише Договорот на Рамбује.
„Благословете го Тачи. Доколку не го сторите тоа, и доколку договорот пропадне, ќе ве следи како сенка во која невините албанци ќе продолжат да гинат“, предупредуваше таа.
Демачи на тоа возраќа:
„Ние сме благодарни за вашите залагања, но ние не сакаме да брзаме. Доколку е потребно 30,000 албанци да загинат, тогаш да оставиме да загинат, но ние нема да тргнеме раце од оружјето само на основа на ветувања. Никогаш нема да се откажеме од сонот да бидеме слободни“.
Олбрајт продолжува со аргументот кој за Демачи држеше вода „Србија е силна, ве убива и ве уништува“. Одговорот на Демачи е: „Ние не започнавме војна за да пробаме да видиме дали ќе победиме; туку започнавме војна за да ја добиеме. Ние нема да се откажеме од војната за слобода“.
После војната, Демачи станува директор во Комитетот за разбирање, толеранција и кохабитација во рамките на Советот за одбрана на човековите права и слободи. Тој ги посети речиси сите места кадешто живеат етнички малцинства на Косово, охрабрувајќи ги да продолжат да живеат и барајќи од албанците да не ги напаѓаат.
„Српскиот народ е народ којшто ја сака слободата и го вреднувам многу високо, но вистината за албанците е игнорирана од страна на српскиот народ.
Секое зло коешто му се случува на српскиот народ ме боли, исто како што ме боли злото коешто му се случува на албанскиот народ, затоа што пред се’ и после се’ јас сум човечко суштество, а потем случајно сум албанец. Сега сум на страна на србите затоа што тие се сега послабата страна. Мислам за иднината и не сакам мојот народ да живее во непријателство со српскиот народ. Не сакам мојот народ да биде запаметен како народ којшто прави злодела“, нгласува Демачи.
После војната, Демачи прави многу интервјуа. Во едно од нив, зборувајќи за српското малцинство во Косово и за односите помеѓу Србите и Албанците тој истакнува:
„Србите во Косово, се во лоша ситуација и мнозинството од нив се во лоша систуација за која не се тие виновни. Жал ми е за убиствата поврзани со невините срби… Мојата мисија е да бидам на страна на послабите. Неодамна во Косово, пред околу десетина илјади албанци јас кажав: ’сега е време да ги заштитиме Србите’, со што веднаш бев исмеван. На тоа реплицирав: вие ме исмевате мене, но јас се’ уште ве сакам вас, затоа што ова вие го правите поради игноранцијата и незнаењето. Во тој момент тие почнаа да ми аплаудираат, затоа што тие знаеја кој сум јас, меѓутоа, јас им го допрев нервот барајќи од нив да го заборават минатото“.
Во ноември 2001 година, се одржаа парламентарни и претседателски избори во Косово. Демачи одбива да земе учество. Тој смета дека вистинската сила во Косово треба да продолжи да биде во рацете на Обединетите нации и UNMIK, кои беа назначени да ја имплементираат Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, чија цел беше да се заштити и целокупниот суверенитет на Југослација.
Демачи е против овие избори затоа што, според него, Косово се’ уште нема добро оформена политичка класа, туку само групи коишто се трудеа материјално да искористат од хаосот. Тој потенцираше дека ќе треба да поминат години за да се создаде интелектуална политичка класа која ќе биде во позиција да создава влада во земјата.
Во тој период, Демачи упатува сериозни и остри критики кон меѓународната заедница во Косово, велејќи дека UNMIK го третира Косово како објект, додека Србија како субјект, работејќи заедно за да се врати Косово под српска контрола.
После војната, Демачи црвсто пишува. Од 1999 година, тој спрема две дела кои се’ уште не беа објавени, лице в лице со ОВК и албанците помеѓу Америка и Европа.
Во 2003 година ја објавува политичката поема „Здраво, мојот стих“. Во 2005 година во Тирана, Институтот за албански есперанто објави еден том интервјуа на Демачи, насловени „Косово на крстопат“. Во 2006 година, се објавува романот „Хели и Мимоза“. Една година подоцна, автобиографскиот роман „Квантумот љубов на Фиљан“ излегува од печат, и во 2008 година романот „Алби Прометеј“.
Во 2009 година излегува од печат романот „Мајка Шега и петте девојки“, кој претставува продолжение на романот „Хели и Мимоза“. Веднаш после ова, почнува да се спрема трето продолжение со наслов „Пеплишта и љубов“.
Во 2006, Демачи се придружи на движењето Самоопределување (Vetëvendosjа), движење коешто опонира на преговорите со Србија за статусот на Косово: „Зошто Косово би преговарала со Србија?“, тие кои убиле илјадници невини луѓе, депортирале низ светот околу еден милион луѓе од Косово, уништиле околу 120 илјади домови и силувале стотици жени?
Според мислењето на Демачи, решението за статусот на Косово треба да произлезе од волјата на граѓаните преку референдум. Според него, една од целите на меѓународната заедница во име на правата на малцинствата е да создаде мини-држава која би била чиста етничка територија населена од етнички срби.
На 2 февруари 2007 година, после месеци преговарање, медијаторот Марти Ахтисари прати документ до Белград и Приштина во кој се поставуваат основите за иднината на Косово како мултиетничко општество во кое сите заедници ќе можат да живеат безбедно.
Ставот на Демачи за ова е дека нацртот е тој којшто специјалниот пратеник на ОН може да го ослободи Косово од српскиот суверенитет. Но исто така, две-третини од српските народни претставници во косовскиот парламент можат да блокираат кој било закон. Со тоа суверенитетот од Белград се позиционира кај српското малцинство над албанското мнозинство.
На 29 април 2008, Владата предводена од Хашим Тачи, после прогласувањето на Косово за суверена и независна држава, Демачи е прогласен како симбол на косовската независност за придонесот којшто го има направено низ сите тие години. На Демачи му беше доделена специјална пензија, кола и шофер. Во 2010 година, Демачи беше одликуван од страна на претседателот на Косово како „Народен херој“.
Умира на 26 јули оваа година (2018) во Приштина.
Првиот дел од биографијата на Адем Демачи имате можност да го проследите тука.
Превод од албански: Мариглен Демири