Зошто јас бојкотирам
Настаните на македонската политичка сцена се одвиваат како на филмска лента. Премиерот Зоран Заев најпрво најави обврзувачки референдум за промена на уставното име со цел влез во НАТО, во периодот крај на септември, почеток на октомври. Владата организираше и прослава за т.н „покана“ за влез во НАТО, прослава која беше бојкотирана од народот. Ден по дебаклот на овој т.н. „НАТО-фест“, премиерот Заев и високи претставници на власта предводена од СДСМ и ДУИ, ретерираа од првичниот став за задолжителниот и обврзувачки карактер на референдумот донесувајќи одлука истиот да биде консултативен и непосредно пред Илинден, го изгласаа со просто мнозинство во паралментот и го пуштија во Службен весник, следното референдумско прашање:
„Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“
Гледајќи го референдумското прашање, на прв поглед во очи боде првата лага. Имено, договорот од Отешево/Нивици, за македонската јавност попознат како Преспанскиот договор, е договор склучен меѓу Грчката Република и Втората договорна страна, држава без име, примена во Обединетите нации во 1993 година. Но, да го оставиме настрана тоа, да ја оставиме настрана и сложеноста на референдумското прашање кое допушта 6 различни одговори.
Суштинската грешка на референдумското прашање е неговиот консултативен карактер, што преставува противуставен акт и недемократски акт против суверенитетот на граѓаните на Република Македонија (РМ).
Планот 3-6-9 беше итен план, усвоен без широка јавна дебата, ненајавен пред парламентарните избори, што само по себе значи дека владината коалиција на СДСМ и ДУИ немаат легитимитет да го спроведат преку своето мнозинство во парламентот.
Пристапот во Европската Унија и НАТО пактот се две различни работи, или барем такви би требало да бидат (неспорна е равенката НАТО е военото крило на ЕУ = ЕУ е економското крило на НАТО во Европа). Сепак кога веќе официјално и службено се два различни сојузи на држави, како такви и треба да се третираат. Заедничко на двата процеса кои сега се обединуваат, им е судирањето со народниот суверенитет и Уставот на РМ, доколку минимум нема одвоени референдуми, за секој пристап посебно. И тоа два одвоени референдуми од задолжителен карактер.
Власта се фали како ја вратила правната држава. Ако е така, ајде да ја потсетиме власта на членот 120 од Уставот на Република Македонија.
„Одлуката за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави ја донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Одлуката за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави е усвоена, ако на референдум за неа гласало мнозинството од вкупниот број избирачи“, чл. 120 од Уставот на Република Македонија.
Толкувајќи го доследно Уставот на Р. Македонија, оправдано се добива впечаток дека самиот Устав е гарант на демократичноста на одлуката ЗА или ПРОТИВ членството на Македонија во воениот сојуз НАТО, економскиот сојуз ЕУ или било кој друг сојуз на држави. Сепак власта се реши да го погази уставот и волјата на граѓаните, распишувајќи консултативен референдум 3 во 1.
Зошто бојкотирам? Македонија е принудена својата капитулација да ја завери на референдум. Пенкалото на Столтенберг ќе се најде во избирачките места. Наместо единствениот потпис на министерот Никола Димитров, за да изгледа капитулацијата подемократска, треба да ја потпишат и неколку стотици илјади граѓани, но не и потребните 900 илјади…
Зошто Левицата бојкотира
Принципиелниот став за БОЈКОТ на нелегалниот, недемократски и ненароден референдум, чиј потврден исход за влез во империјалистички сојузи ќе значи промена на уставното име на државата создадена преку антифашистичка борба, е став кој секој левичар треба да го заземе. Во време кога премиерот Зоран Заев, се колнеше дека нема да ја изигра волјата на народот, и дека референдумот ќе биде од задолжителен карактер, овој став за бојкотирање на изборите, беше несомнено единствениот исправен став кој првично го зазеде политичката партија Левица. Исправноста на таквиот став останува и покрај консултативноста на референдумот, затоа што за левицата овој процес е нелегитимен од самиот старт, а не од моментот на објавата во Службен весник пред недела дена.
Принципиелниот став за БОЈКОТ на референдумот, останува исправен, и покрај тоа што на таквиот став се залепија отпадоците на ВМРО ДПМНЕ и СДСМ (Филип Петровски, Стефче Јакимовски и Солза Грчева), потоа ребрендираниот Јанко Бачев и неговата русофилска (од опортунистички побуди) „Единствена Македонија“, како и национал-шовинистите „Христијанско братство“, „Тврдокорни“ и други… Сепак, и покрај појавата на овие лица и партии зад „знамето на „бојкотирам“, останува фактот дека Левица е единствена партија во Република Македонија која уште од своето основање е јасно и недвосмислено против зачленувањето на Р. Македонија во НАТО. Активисти на Левица уште од 2008 година водат кампања против зачленувањето на Македонија во НАТО, политика која Левица ја презеде од денот на своето основање.
Принципиелниот став за БОЈКОТ на референдумот, останува исправен, и покрај засилената канонада од „независните новинари и експерти“ зависни од својот познат или непознат за јавноста работодавец. „Националистичка левица„ „Фашистичка левица“.., таквите етикети беа глупави и ќе останат глупави. Ваквата црна пропаганда против Левица е јалова. Народот нема слаба меморија како што многумина веруваат. Во предизборната кампања за парламентарните избори 2016 Левица јасно повика на итен прекин на преговорите за влез во НАТО Пактот.
Левица во предизборната кампања за парламентарните избори 2016 година се залагаше за влез на Македонија во реформирана ЕУ. Од реформата, засега само наслушнавме дека погласно се размислува за напуштање на принципот на едногласност на членките кога се работи за прошируваето на унијата со нови членки, што пак би значело неможност Грција да стави вето за Македонија.
Сепак, парламентарниот циркус со европското знаменце, кој не само што не се одвиваше пред очите на домашната македонска јавност, туку и пред очите на ЕУ лидерите и комесарите, е знак дека левичарите во Македонија, треба да размислат за ревидирање на својот недефиниран став на неоснован оптимизам за некаква си идна реформирана Европската унија. Имено, никој од евро-бироктатите, не застана во одбрана на парламентарната процедура и во одбрана на парламентарната демократија. Неоснован оптимизам е верувањето дека идната реформирана Европа (но, се’ уште ЕУ на банките и корпорациите) ќе им служи на работниците на Унијата. Сурова реалност е тоа што евро-бироктатите не ги почитуваат ни основните принципите на парламентарната демократија, процедурата, уставноста и законитоста.
Законот за двојазичност, Преспанскиот договор и законските измени на Изборниот законик беа изгласани преку европското знаменце. Ниту владата, ниту владејачкото мнозинство посочија која европска директива се услогласува со сега веќе изгласаниот закон, ратификуван договор и останати законски измени на други системски закони. Ниту ЕУ централата, кажа збор за таквото подразбирање на парламентарната демократија како диктатура на парламентарното мнозинство кое системски закони и билатерални договори сведува на скратена собраниска постапка со дрско кршење на деловникот и Уставот.
НАТО и ЕУ го покажаа своето вистинско недемократско и имепријалистичко лице. Граѓаните имаат избор да погледат право во тоа лице, или да свртат поглед и да ја слушаат поезијата на власта. Но, левичарите немаат таков избор. За нив работите се одамна повеќе од јасни.
Од сето погоре наведено, јасно е дека Левица нема ништо заедничко со анти-НАТО и анти-ЕУ популизмот и национализмот на некои десничарски партии и групации кои во моментов се приклонуваат кон левичарските антиимперијалистички позиции и повици за бојкот на референдумот. Левичарите не им веруваат на тие луѓе, тие довчерашни пратеници, министри и амбасадори на СДСМ – ДПМНЕ, верните НАТОви слуги. Левичарите не им веруваат ниту на верските лица, впрочем поглаварите на МПЦ и ИВЗ беа во првите редови на Собранието на РМ кога гостуваше Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Левичарите не веруваат во ниеден ребрендиран политичар кој сега зазема асномски, суверенистички или проруски став. Борбата за пратенички места е ѕвезда водилка на овие довчерашни НАТОви слуги. Левицата во Македонија, од 2008 до денес, останува на истите и непроменети позиции и аргументи:
– НАТО не интервенира во внатрешните конфликти на земјите-членки. Меѓуетничките односи се домашна задача. Сиромаштијата генерира етничка нетрпеливост. Справувањето со сиромаштијата, невработеноста и ниските плати, е исто така домашна задача.
– НАТО не е заштитник на слободата, демократијата и човековите права. ЕУ не е гарант на економскиот просперитет и добриот животен стандард. Турција е членка на НАТО, а знаеме каква слобода, демократија и човекови права има. Бугарија е членка на ЕУ, а на последните протести против сиромаштија, луѓе се самозапалија од очај.
Правата на малите народи (преку принципот на самоопределување) се мисловна именка за двоецот НАТО-ЕУ. Меѓународното право е обичен безвреден лист хартија. Преку војни за профит и најниски даноци во европа на профит, овој двоглав сојуз се храни. Задача на левичарите е да ја тргнат Македонија од оваа злосторничка софра на империјалистите, да го делегитимираат овој процес и против истиот да организираат народен отпор, во прв момент тивок, преку БОЈКОТ.
Автор: Зоран Василески, член на Президиумот на Левица