СКОПЈЕ, 17.07.2018 – Неформалната иницијатива „Го сакам Водно“ вчера во соопштение на социјалните мрежи уште еднаш образложија зошто се против планираната траса на магистралниот гасовод кој ќе води од Скопје кон Тетово, Гостивар, Кичево и Косово. Тие стојат на ставот дека проектот е лошо испланиран и има низа на недоследности, а во процесот ќе се уништи густа шума од над 4 км која претставува една од ретките преостанати зелени подрачја во Скопје и вооедно е живеалиште на голем број на видови, од кои некои ендемски и загрозени. Исто така, „Го сакам Водно“ потсетува дека подрачјата, како што е парк шумата Водно, се заштитени со закон и така треба да се третираат.
Соопштението ви го пренесуваме во целост:
Граѓанските активисти остануваат цврсто на ставот ПРОТИВ уништување на Водно
(Ставот подолу ќе биде соопштен за половина час на средба со Вицепремиерот Анѓушев во Владата)
Позицијата во која е сега оваа Влада во однос на изградбата на гасоводот низ парк шумата Водно е јасна – треба да ја преземе одговорноста за лошите проекти на нивните претходници, тежината на нереализираниот кредит, последиците за кредитниот рејтинг и пресијата на временскиот фактор. Воедно, никако не дозволуваме Водно да биде жртва на овие притисоци.
Неколку годишно одложување на делот од магистралниот гасовод за да минува надвор од Водно, да бидеме јасни, не значи никако дека домаќинствата кои се греат на дрва ќе можеле да преминат на гас во тој период. Магистрален гасовод е како една голема артерија која не носи крв до секоја клетка, односно до секое домаќинство. За тоа е потребна голема мрежа на крвни садови и капилари, како што е секундарната и терцијарната гасоводна мрежа која ја НЕМА и ќе ја нема во догледно време во ниту еден град од оваа делница. Па Скопје има магистрален гасовод повеќе од 20 години, а ние сѐ уште говориме за гасификација на Скопје и сѐ уште околу 45% од домаќинствата се загреваат со дрва и се водат како еден од главните причинители за загадување на воздухот! Одложувањето на изградбата на овој дел од магистралниот гасовод не е ни од далеку доволно оправдание за да се уништи нешто што е од непроценлива важност и е создавано со децении, со голема мака, труд и вложени средства.
Грешките што се правени и направени во минатото не треба да продолжат да ја загрозуваат нашата иднина, а последиците од спроведување на лоши проекти, кои воедно кршат ратификувани конвенции и ЕУ директиви, се вина и лежат на совест на тие што ги направиле, а дали ќе се и на сегашната власт, останува да се покаже.
Врз основа на тоа и знаејќи дека постојат и се разгледувани и други траси кои не водат низ парк шума Водно не можеме со чиста совест да се сложиме со било каква траса која што би поминала низ Водно.
По заедничкото разгледување на трасата низ Водно, се покажаа основани тврдењата на граѓанските активисти за нејзината должина и импакт, наспроти мислењето базирано на информации кои им биле пласирани на вицепремиерот Кочо Анѓушев и претставници на МЕР.
Како жители на Скопје (во најголем број) кои си го знаат Водно, тврдевме дека од потегот од 9 км низ Водно, над 4 км минуваат низ шума која ќе биде уништена. Информацијата со која располагаа Вицепремиерот Анѓушев и МЕР е дека тој потег не е подолг од 600 – 1000 метри.
Го поздравуваме обидот за ублажување на импактот кој што го правеше првопроектираната траса низ Водно и обидите за нејзино менување, но тоа не ја менува суштината дека предвидената траса сѐ уште останува да води низ заштитено подрачје парк шума Водно и ќе уништи не само потег од 2км (во најдобар случај, ако е можно) густа, децениски создавана шума, туку и живеалишта на голем број на видови, од кои некои ендемски и загрозени.
Задоволни сме што, сите заедно можевме да се увериме, но и да го убедиме г. Анѓушев за штетата што овој дел од гасоводот ќе ја предизвика врз Водно. Но, во исто време длабоко сме разочарани дека и покрај утврдувањето на фактичката состојба на терен, а знаејќи го значењето и вредностите на Водно, Владата се уште останува на ставот дека Водно треба да биде колатералната штета за спроведувањето на магистралниот гасовод кој ќе води од Скопје кон Тетово, Гостивар, Кичево и Косово.
Редно е да се стави крај на поддршката на неумесни и избрзани решенија и истите да се протнуваат во нашата иднина оправдувајќи економска добит. Сите економски последици кои произлегуваат од една децениска грешка и последица на нетранспарентно работење треба да бидат адекватно испитани од соодветните државни органи и со сите правни ресусри да се изнајдат виновниците кои ја заложиле животната средина и здравјето на граѓаните во име на профитот.
Токму затоа, уште еднаш сакаме да ја потврдиме нашата позиција, дека како граѓански активисти остануваме децидно ПРОТИВ какви било градежни активности во парк шумата Водно, особено кога се покажува возможно наоѓањето на алтернативни решенија.
Ја поттикнуваме Владата и нејзините надлежни институции, да ги активираат сите свои механизми да го заштитат Водно и да најдат соодветно решение за гасоводот надвор од неговите граници. Доколку искрено се сака да се изнајде најдобрата опција, тоа секако ќе биде направено. Дислокацијата на клиничкиот центар е скорашен и недвојбен пример за менување на готов проект и изведба. Соодветно решение, по овој пример, бараме и за гасоводната траса.
На крајот, Водно не само што заслужува, туку државата има обврска да плати за него и го штити, а не да заштеди преку него и го уништува!
Граѓански иницијативи и здружениија:
Go Sakam Vodno / Го Сакам Водно, О2 Коалиција за чист воздух, Стоп на загадувањето, @Спас за водно, Зелено Тафталиџе, @Екокарпош 3,2,1, Ние сме Карпош 4, ФРОНТ 21/42, Oxygen Mountain Bike Club (МТБ Оксижен), I love hiking – group Macedonia, Go Green – Биди Зелен, Green Power, Skopje Smog Alarm, Билка – Bilka, Плоштад Слобода – Freedom Square, Eko-svest, Сакаме Аеродром да дише
.
.
.
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
.
Македонија има богата и единствена биолошка разновидност, со голема хетерогеност, преку 22,000 видови и висок степен на ендемизам, преку 1,000 видови. Подрачјето на нашата земја е рефугиум, прибежиште на загрозените ендемски видови од другите места од Европа, па и од Балканот. Дури 70-90% од целокупната балканска биолошка разновидност се наоѓа во нашата земја. Затоа сме на самиот врв на листата на европски држави, како жешка точка во однос на биодиверзитетот. Таа посебност имаме обврска да ја чуваме и заштитиме и за идните генерации.
Значењето на Водно од аспект на биодиверзитетот е многу големо. Флората во парк шумата Водно се состои од 1,010 вида, што претставува скоро 1/3 од вкупната флора на Р Македонија од кои 868 се автохтони (без да ги броиме габите и алгите). Еден од центрите на ендемизам во нашава земја е Скопје (Водно-Китка). Во парк шумата Водно се наоѓаат глобално засегнати видови, околу 20, значајни видови кои се загрозени на регионално (Европско) ниво (според Директива за птици – Анекс I и Директива за живеалишта, анекс II и IV), околу 26, потоа ендемски видови, околу 21, ретки или засегнати типови живеалишта (глобално, во Европа или во Македонија), 3 и видови од Светската црвена листа. Дополнително, овие резултати не се конечни, зошто последните истражувања укажуваат на сѐ уште неоткриени таксони со големо флористичко значење, недоволно се проучени и без’рбетниците кои се воедно и најбројни, што значи дека е можно пронаоѓање на нови видови кои живеат во неа.
Заштитените подрачје, како парк шумата Водно, се заштитени со закон. Заштитата на биодиверзитетот на Водно мора да е еден од приоритетите, покрај функцијата на парк шумата како заштитата од ерозии, порои, свлечишта и обезбедување на чист воздух на жителите од најзагадениот град во Македонија, Скопје. Конвенцијата за биолошка разновидност и конвенцијата за заштита на дивиот свет и природните живеалишта во Европа, кои Македонија ги има ратификувано, ѝ налагаат на нашата држава да го заштити биолошкиот диверзитет за идните генерации, особено засегнатите и загрозените видови и живеалишта, какви што има во парк шума Водно. Државата има обврска, како потписник на овие и други конвенции, при изградба на гасовод, ако има било каква можност, да го избегне навлегувањето во заштитени подрачја и со тоа загрозување на видовите и хабитатите кои се заштитени. Таква можност има, со одење по алтернативна траса надвор од Водно, зошто да не заборавиме, оваа траса е избрана само поради нејзината пократка основна траса и минимална експропријација.
Изградбата во највисоките делови, како гасоводот по сртот на Водно, претежно на отворените простори со тревеста вегетација, кои се поразнообразни и побогати со видови, драстично се редуцираат и така малите површини со вакви хабитати, со што директно се загрозува опстанокот на големиот број видови. Честаците со зеленика која се наоѓа на трасата на гасоводот имаат подеднакво, ако не и поголемо значење од одредени типови на шуми кои ќе се уништат, зошто се ретки и засегнати живеалишта. Шумите не се ни од далеку единствената штета при изградбата на гасоводот низ Водно. Биолошката разновидност има непроценлива вредност зошто е основа на животот.
Ние се соочуваме со климатски промени кои неминовно ќе доведат до исчезнување на видови кои нема да може да се адаптираат. Исчезнувањето на едни видови, ќе придонесе и до исчезнување на други во годините што следат. Дополнително уништување поради градење на гасовод кој може да се гради и надвор од Водно е неприфатливо и значи кршење на ратификуваните конвенции и ЕУ директиви.
Потврдено е дека локалната управа ја има и ја носи најголемата одговорност за состојбата на заштитеното подрајче, бидејќи таа има најголеми придобивки од него, односно локалното население. Град Скопје под чија надлежност е парк шумата Водно мора да биде главен носител на одлуките по однос на гасоводот низ ова подрачје и не смее, како до сега, да се заобиколи, минимизира и девалвира неговиот став по однос на ова прашање. Централната власт во однос на заштитетните подрачја е субординантна. Гласот на локалното население кое има најголеми придобивки од заштитеното подрачје е глас кој мора да се слушне.
Нештата еднашка треба да се стават на своето соодветно место. За Водно, тоа време е сега.