(Оваа колумна претставува реакција од авторот на интервју на Самуел Жбогар за „Независен весник“)
Кампањата за успешен референдум за промена на уставното име на Република Македонија со цел евентуален влез за една година во НАТО и евентуален влез во ЕУ за непознат број години, е започната. Нема Државна изборна комисија и нема датум за референдумот, но владата на СДСМ и ДУИ, заедно со евро-комесарите и евро-амбасадорот, веќе се во влезени во кампања. Заканите со стап и ветувањата со морков, започнаа. Најпрецизно оваа тактика, засега се согледува од последното интервју на амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар за „Независен весник“.
„ЕУ за тебе“ (предупредувања и закани)
Копенхашки критериуми, пополнети десетици прашалници, спроведени (килаво, или во целост) низа реформи, либерализирана економија, продадени фабрики во клучни индустриски гранки, најнизок данок за европските корпорации… Сето тоа е залудно за Жбогар, сега прифаќањето на Преспанскиот договор е клучниот критериум за започнување на преговорите на Европската унија, евентуално за Северна Македонија.
Не е лесна одлуката , ниту за партиите, ниту за луѓето. Секој, едноставно кажано, има две опции како да гледа на ситуацијата. Можете да бидете против договорот, да мислите дека е лош и дека не треба да биде прифатен, но во тој случај имате две обврски. Првата е да презентирате алтернатива на него, реалистична, подобра опција и договор кој има шанси да го прифати другата страна. Ако одбивате нешто, треба да кажете што е решението, поради сериозноста на одлуката. И втората обврска е да прифатите дека во случај да го одбиете договорот, ќе треба да ги вратите НАТО и ЕУ-поканата. Патот ќе запре тука. Треба да се размисли за овие две опции. Другата можност е да не се согласувате со договорот, но да го прифатите како единствен што е сега на маса и што кога и да било досега бил на маса и кој може да го реши проблемот. И да размислите каква можна алтернатива имате. А ова е единствената што ја имате в раце, потпишана и ратификувана. И да го прифатите како факт тоа дека секој договор е компромис. Тоа е едно од правилата на ЕУ, да прави компромиси за да постигне договори. А компромис е кога некој добива нешто и во замена треба да даде нешто. И треба да сфатите исто така дека со овој договор патот кон ЕУ и НАТО се отвора. Ова се двете размислувања околу кои треба да се преиспитате самите.
(Самуел Жбогар, Скопје 08.07.2018 година)
И пред да видиме дали навистина немаме алтернатива на мрачното сценарио кое ни’ го пророкува Жбогар доколку на референдум не го прифатиме Преспанскиот договор, ајде да видиме, да видиме што се случува и што прави „ЕУ за тебе“ среде оваа драма за престојното референдумско себепреименување…
Амди Бајрам од Словенија
„Вашата земја ќе добива сè повеќе и повеќе како што ќе влегувате во процесот. Колку што повеќе ќе влегувате во преговорите, толку повеќе пари и поддршка ќе влегуваат во земјата. Така што ќе речам, да, целата земја ќе добива повеќе од ЕУ. Но, има многу фондови веќе, даваме 100 милиони евра годишно и од неодамна ја промовираме таа помош повеќе за да сфатат луѓето колку ЕУ е присутна тука. Многу од парите не се искористени сè уште, иако искористеноста е зголемена значајно во изминатите години. Идната 2019 година ќе дадеме околу 20 милиони евра во вашиот буџет за образование и за социјални прашања. Тоа е нешто ново што ќе го правиме сега. Во моментов развиваме многу идеи како на друг начин можеме да ве поддржиме за да ја видат луѓето љубовта на ЕУ, ако можам да кажам така. Да видат дека ЕУ и земјите членки се грижат за тоа земјата да оди напред и да се унапреди ситуацијата, а тие да се чувствуваат подобро околу нивната иднина“.
(Самуел Жбогар, Скопје 08.07.2018 година)
Аха. Значи 120 милиони евра за 1.8 милиони на избирачки список. Тоа се 66,6 евра по човек. Мора да се признае дека Амди Бајрам пред избори во Шутка е можеби послаб во споредба со Европска унија во Македонија пред референдум. Но, парламентарни/локални избори има на секои 2 години, а референдум од ваков вид еднаш на сто години…
А тоа дека нашата земја ќе добива „се’ повеќе и повеќе понатаму“, е само предизборно ветување кое е далеку од ветувањето на Тупурковски за милијарда евра само за чинот на признавање на Тајван во 1999-тата година. Имено, „се’ повеќе и повеќе“ – ако референтна точка од која се тргнува е 120 милиони евра, значи дека милијардата на Циле во следните 10 години е недостижно ветување дури и за ЕУ. Очигледно нивната проценка е дека многу помалку коштаме, дури и кога ја менуваме сопствената историја, дури и кога се преименуваме доброволно на референдум…
Но, шегата настрана…
Алтернатива има
Да се потсетиме, во горенаведеното интервју, Жбогар со насмевка на лицето и строгост во очите ни’ вели „размислите каква можна алтернатива имате“.
Еве една алтернатива за почеток. Бојкот на референдумот, и одбивање на морковот-милостиња на ЕУ, 120 милиони евра годишно.
Како ќе се преживее без тие пари? Едноставно. Прво се безначајни, второ само укинување на рамниот данок на добивка од 10% и воспоставување на прогресивен корпоративен данок ќе го направи морковот небитен. Какви стапки на данокот на добивка? Нека бидат тоа законски определените стапки на прогресивен данок кои во моментот важат во една од членките на Европската унија, Р. Словенија, од каде што доаѓа Жбогар, т.е стапка од 20% прогресивен данок на добивка, За почеток, алтернативата е еден предлог закон на тандемот Тевдовски – Јовановиќ кој треба да помине во Собрание. Стотици милиони евра поради најнискиот и рамен данок на добивка, се испумпуваа од Македонија во вид на законски дозволени профити за странските инвеститори. Една година после таа даночна реформа, не 120 милиони колку што изнесува морковот на ЕУ, туку неколку пати по 120 милиони евра ќе се слеат во Буџетот на РМ за инфраструктура, социјала, образование и здравство.
Европската унија се’ уште нема решение за државите членки кои се наоѓаат на нејзината периферија. Овие држави се наоѓаат во должничко ропство, додека невработеноста е на највисоко ниво. Тоа не е онаа Европа за која ни’ зборуваше 25 годишната СДСМ-ДПМНЕ пропаганда во Македонија.
Затоа, додека Европа не се смени, ние име не менуваме ниту Преспански договор признаваме. Алтернативата на Македонија не е Северна Македонија во НАТО и ЕУ под овие услови. Алтернативата на Македонија е во рацете на самите македонски работници.
Автор: Зоран Василески, правник и член на Президиумот на Левица