Враќањето назад и бавното обновување на врската со неговата мајка која тукушто станала вдовица, преку реминисценции пред семејните фотографии полека повторно го наведува да размислува за светот кој одамна го напуштил.
„Се запрашав зошто го мразев татко ми, зошто не се обидов да го видам пред да умре. И зошто никогаш не се обидов да го разберам него и неговиот живот, што не беше слободно“, вели Ерибон.
Тој ја опишува „меланхолијата на поделениот хабитус“, алиенацијата која те придружува кога си со една нога во двата општествена кампа, без да му припаднеш на ниеден, и тројната борба помеѓу гордоста, срамот и вината. Да се брани една работничка класа од која се чувстуваш алиенирано, а непријатно кога си меѓу нејзините претставници за Ерибон станало чин на жонглирање. Тој признава дека чувствувал „неопислива непријатност кога бил соочен со нивното зборување и постоење“ кое е „толку различно од оние луѓе во круговите во кои се движел…“ Дали со тоа што говорот и ставот на овие луѓе го одбивале, заедно со самото нивно присуство, дали тоа го прави класен предавник? „Што е општествената класа и во што ја претвора индивидуата? Што се случува кога ќе преминеш од една класа во друга, и како воопшто да се анализира оваа трансфузија од една привилегирана позиција?
Движејќи се од личното кон политичкото, Ерибон ја употребува својата фамилија како канал низ кој се обидува да начне зошто работничките класи во Франција (а и на други места) ја имаат напуштено левицата во полза на екстремната десница, национализмот и популизмот.
„Се обидов да го сфатам ова милје во кое живеев, милјето на моите родители, кои традиционално гласаа за Комунистичката партија, и како завршија со гласање за Нациалниот Фронт, зошто нивниот глас бил даден за десницата или за екстремната десница.“
Ерибон верува дека одговорот е во левичарската „преокупација со неолиберализмот“, што на Ерибон отсекогаш му била неподносливa тема која го тера да го повиши гласот кога зборува за неа:
„Левицата веќе не и се обраќа на работничката класа, а гласачите од работничката класа се чувствуваат предадени, напуштени, оставени сами на себе…и така гласаат за екстремната десница или апстинираат. Работниците кои беа бастионот на левицата се сега бастион на екстремната десница. Ова се случува насекаде низ Европа. Без разлика на земјата, феноменот е идентичен.“
Тој со посебен гнев зборува за Францускиот претседател, Емануел Макрон, кој е центрист, и чиј „ниту лев, ниту десен“ манифест Ерибон го гледа како врв на неолибералната цивилизација.
„Јас не гледам прогрес, туку гледам распаѓање на прогресот кој го имавме направено, тешко освоените битки. Зошто Макрон сака да ги укине привилегиите кои дозволуваат, на пример, машиновозачите да можат да се пензионираат порано, наместо да најде начин да им се дадат тие привилегии на сите?“, прашува Ерибон.
Ерибон гласал за кандидатот на радикална левица Жан Лук Меленшон во минатогодишната претседателска трка, но се спротистави на неговиот анти-европски став.
„Јас сум за Европа, но не како што е уредена денеска. Можам да разберам зошто невработените работници од Британија гласеле за да на ја напуштат, затоа што Европа ги направи нивните животи попрекаријатни. Но мораме да размислуваме за една друга Европа, една која е против уништување на правата, каде постои универзален работнички код кој им помага да се издигнат, наместо да ги влече надоле.“
„Јас сум левичарски бунтовник. Сакам голема револуција. За несреќа, не верувам дека ќе се случи. Не постојат. Но се надевам дека грешам. Сакам да бидам оптимист, и да можам да го видам револтот секаде, но силите против кои се бориме се моќни. Во Британија гледам дека младите се мобилизираат со ентузијазам за Џереми Корбин, а во Америка Берни Сандерс…, и ова, силата на младата генерација која може да создаде нов лев отпор и нов ред, токму ова ми дава надеж.
Образованието е клучно за општествена еднаквост и неутрализирање на заканата од екстремната десница. Образованието е основна алатка за поделба на општеството и за доминација на една класа над другите. Постои еден систем за богатите, и сосема друг за сиромашните. Оние чии родители немаат пари не одат во квалитетни универзитети, одат во локални. Ова се два различни света, и тие ги репродуцираат општествените класи, така што дури и сиромашните деца кои стигаат до високо образование, сепак се чувствуваат изолирано и поинаку, и имаат помали очекувања, дури и несвесно. Ништо не се прави за овој проблем, напротив, тој се засилува. Се наоѓаме во еден длабоко неправичен систем, и таа нееднаквост е најдлабока во образованието. „Во северна Франција, во оние региони каде нивото на образование е најниско, тоа е истата мапа каде влијанието на Националниот Фронт е најголемо. Колку помали шанси имаат луѓето за образование, пристојни работни места и покажување на незадоволство, толку се поголеми шансите дека ќе се чувствуваат културно и економски запоставени, и е поверојатно дека ќе се свртат кон екстремната десница, Националниот Фронт, како форма на протест“, објаснува Ерибон.
Минатата година, кога почина мајка му, тоа значеше крај на едно поглавје. Тој вели дека е малку веројатно дека ќе развие контакт со браќата со кои има многу малку заеднички работи. Во неговата книга Ерибон пишува дека морал да „нулира некои односи… и да ги отсече браќата од неговиот живот.“ Како резултат на тоа, една од неговите снаи го има обвинето дека е „педерот што го напуштил семејството“.
„Мајка ми беше последната врска помеѓу мене и моето минато, помеѓу мене и милјето од кое доаѓам. Сега кога врската е раскината, не сум сигурен како се чувствувам. Тоа е нешто за кое треба да размислувам… Веќе не ми е тешко да кажам дека сум син на работник во фабрика. Знам дека сум. Но, ми требаше многу време“, вели тој.
Минатата година, театарскиот режисер Томас Остермајер претвори еден ракопис (кој тој и Ерибон признаа дека бил „нетеатарски“) во интересна претстава, која се одигра на интернационалниот фестивал во Манчестер, па потоа и во Берлин и Њујорк. Во претставата играше актерката од „Homeland“, Нина Хос. Мајл Билингтон во критиката за Гардијан напиша:
„Паралелите со модерна Британија се опипливи: не само образованието како извор на декултурализација туку и прифаќањето на неолибералната економија од страна на меката левица, заедно со нејзиното отфрлање на нејзината традиционална база од работничка класа.“
Ерибон вели: „Кога Остермајер сакаше да ме снима со мајка ми, реков не. Не можев да го направам тоа. Не можев да ја замислам мајка ми на екран. Не сакав никој да ја види. Ми беше срам. Бев убеден дека ќе рече не, но кога конечно ја прашав, се заљуби во идејата и бев заробен. Упорно прашуваше кога ќе дојдеме да ја снимаме, кажувајќи работи како „само замисли, јас, на овие години, ќе станам актерка.“ Се однесуваше како дете. На крај, снимивме и беше тешко, но јас верувам дека беше еден редок момент на среќа во нејзиното постоење. Мислам дека мајка ми беше многу горда на мене, и бев изненаден кога го сфатив ова.“
Ерибон раскажува дека неговото бегство од корените е исклучок кој не е генерално правило.
„Луѓе се изнедруваат од работничката класа за да станат уметници, инжењери, доктори, но фактот што го прават тоа е исклучок, а не правило. Дете од работничка класа обично останува работничка класа и работи таква работа. Системот е така уреден. Индивидуите кои се обидуваат да избегаат се соочени со насилството и бруталноста на системот, што не го анулира правилото на општествена судбина. Постојат индивидуални чуда. Јас сум едно“, вели тој.
Ова е вториот дел од преводот на интервјуото со францускиот социолог Дидие Ерибон. Првиот дел може да го прочитате тука.