Од Букурешт 2008 до Брисел 2018

Десет години преговори за промена на името и идентитетот

Оваа 2018 година бележиме мал, неславен јубилеј, а тоа е 10 години преговори за името на државата и идентитетот на македонскиот народ. И додека македонската преговарачка страна, покажува флексибилност во преговорите, со цел влез во НАТО и Европската Унија, грчката преговарачка страна не отстапува ни милиметар од своите позиции, без оглед на тоа дали на власт е Неа Демократија, ПАСОК или Сириза.

„Земи, или остави“

Македонската дипломатија последната година е камиказа дипломатија. Очигледно преголема е желбата на македонската страна (или притисокот од страна е преголем) за да се реши спорот. Во ситуација кога грчката преговарачка страна не попушта ни милиметар од своите позиции поставени уште пред самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, преголемата желба на Заев (или преголемиот притисок од НАТО и ЕУ) за решавање на спорот не значи ништо друго, туку постепено и целосно прифаќање на грчките барања. Иако јавноста се замајува со поетските изјави на премиерот пред секоја рунда преговори (после кои се добива впечаток дека процесот се одвива со заемни попуштања), сепак објективната вистина е поинаква, грчките барања се јасни уште од 2008 година, и тие треба да се прифатат во целост или да се остават.

Во интервју од 2009 година, тогашниот премиер Никола Груевски ги открива тие барања, од кои клучни се следните три:

1.Ново име за севкупна употреба (erga omnes), т.е. едно име за внатрешна и надворешна употреба, што подразбира промена на уставот и промена на сите називи на институции и издадени документи на кои сега пишува „Република Македонија“.
2. Новото име да биде: Република Северна Македонија, Република Горна Македонија или Република Нова Македонија.
3. Македонскиот народ и македонскиот јазик да бидат преименувани согласно избраното име на државата (северномакедонски, горномакедонски, новомакедонски)

 

Дека грчките позиции се непроменети (Република Северна/Горна/Нова Македонија), а денес само прифатени од македонската страна, потврди и насмеаниот Заев во изјавата за Ројтерс.

Груевски – Милошевски (2008 година)

На 27 февруари, 2015 година, СДСМ ја објави т.н. 33-та бомба, прислушкувани разговори од 2008 година меѓу тогашниот премиер Никола Груевски, министерот за надворешни работи, Антонио Милошевски и амбасадорот во САД Зоран Јолевски. Македонската преговарачка страна тогаш прв пат влегла во преговори кои ги земаат предвид грчките барања за промена на името со географска одредница. Траекторијата за промена на името (прво договор, па референдум) уште тогаш била поставена. Па да се потсетиме на клучните делови од тие разговори.

Разговор помеѓу Никола Груевски и Антонио Милошоски:

Н.Г.: И сега мучкаме што да правиме, па сакав и тебе да те чујам. Нашиов вика дали да одиме со пред Република.

А.М.: Пред аха, аха, ааа што би било?

Н.Г.: Пааа, ова да речеме, долу-горе, знаеш тие работи.

А.М.: Аха, аха. Па, ако е со ова со горе, што викаш, хахаха.

Н.Г.: Хахаха.

А.М.: Ако е со тоа, нека се проба. Од сите лоши варијанти оваа може…

Н.Г.: Јас мислам дека тоа е ризично тоа да пројде кај нас после.

А.М.: Да, ризично е, но ние сега правиме муабет затоа што знаме секакви глупости што паѓале како предлози.

Н.Г.: Да.

А.М.: Па, пред Република да биде, да. Независна Република Македонија во заграда, сега зборам нај, најдиректно, во заграда горна, независна или суверена Република Македонија, во заграда северна или…Значи ние во случај официјалната компонента, онаа најважната, суштинската од името, нема нас да ни донесе ризици, ќе си го сочуваме Република Македонија со нешто еве, условно речено оплеменето со Независна или со нешто друго, географската нивна ќе стои, во заграда.

Н.Г:. Антонио, сè тоа е во ред, ама на што ќе личи името?

А.М.: Јас сега правам вака споредба, мене кога би се рекло, ако имаме две понуди…

Н.Г.: Ама на референдум кога ќе го ставиме на што ќе личи, а не за после…

А.М.: Не не, добро, и за референдумот поаѓаме од основ што е тоа за нас прифатливо или неприфатливо. Значи, ако јас имам два избори: едната да биде Горна Република Македонија или на англиски Апер Репаблик оф Маседониа, и втората да биде Индипендент Рипаблик од Маседониа во заграда Апер, јас како Македонец, гледано вака долгорочно би одел на втората.

Триесет и третата т.н. бомба (прислушкувани разговори на Никола Груевски и соработниците за името) беше една од клучните бомби со која се сруши долгогодишната пропаганда на ВМРО ДПМНЕ како „чувари на името“.

Заев, во најавата на бомбата дури го кажа следното:

Кога ќе слушнете до каде отишол човекот со името и што тоа прифатил, ќе видите колку ни’ е загрозена и државата и народот.

 

Ќе го потсети ли некој Зоран Заев за оваа изјава? Ако за него „Независна/Суверена/Самостојна Република Македонија плус во заграда Горна/Северна/Вардар, претставува име што ја загрозува државата и народот, тогаш од каков карактер и влијание се предлозите за името кои сега се вртат како можни решенија во преговорите (Република Северна Македонија/Република Горна Македонија и.т.н.)? Патем во преговорите, Зоран Заев и Никола Димитров отидоа и чекор понапред т.е. прифатија име за севкупна (erga omnes) употреба, што значи промена на Уставот, а дополнително преговараат и за називот на народот и јазикот. Го прашувам Зоран Заев: Не го загрозува ли сега државата и народот новиот сет отстапки на македонската преговарачка страна?

СДСМ само во опозиција очигледно „се грижи“ за правилно разрешување на македонското прашање. Од позиција на власт, тоа е партија која очигледно е донесена на власт што побрзо да го смени името на државата со цел влез во НАТО, за подоцна да го промени називот на народот и јазикот со цел влез во ЕУ. Грчката преговарачка страна е спремна во две фази да ја реализира својата максималистичка позиција, па затоа изненадува фактот, што идентитетските прашања се отвараат сега, иако поканата за влез во ЕУ е далечна иднина…

Заев – Димитров (2008 година)

Владата на Зоран Заев и СДСМ прослави една година битисување на власт. Тие претставија „План за живот“ кој требаше да ја поправи социо-економската беда на најсиромашната држава во Европа, но наместо тоа, тие го претставија „Планот 3-6-9“, план за промена на уставното име Република Македонија и привремената референца за меѓународна употреба БЈР Македонија, со цел влез во НАТО пактот до средината на 2018 година. Официјалното објаснување е дека после влезот во НАТО ќе следи „живот за сите“ затоа што НАТО бил гарантот за економски раст, странски инвестиции, слобода на медиуми, демократија… и што уште не! Оттука, се добива впечаток, дека нешто сосема ново прави Заев, туркајќи ја Македонија со сите сили во НАТО, без оглед на отстапките кои треба да се направат поради непопустливоста на Р. Грција.

Но, не ќе да е така. Мојот впечаток е дека ова што сега го прави Заев, ова срамно виткање на кичмата (нешто што го најави пред неколку години) е само заокружување на она што беше започнато пред 10 години од неговиот претхоник Никола Груевски, пред самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година. Иако факт е дека ВМРО ДПМНЕ предводена од Никола Груевски не беше спремна да оди во крајностите во кои заглави сега СДСМ предводена од Заев, сепак факт е дека со штетните преговори се почнало уште тогаш. Промената на името на државата, дури и да не биде придружено со останатите грчки барања за промена на називот на народот и јазикот, е само по себе отворање на пандорината кутија, а тоа е идентитетскиот пакет, што пак ја преставува суштината на грчкото противење кон северниот сосед. Суштината е дека на грчкиот национализам му пречи посебниот македонски идентитет. И крајната цел на преговорите е тоа- промена на идентитетот. Промена на името е само прва фаза.

Дека СДСМ и ВМРО ДПМНЕ се верни слуги на својот господар- меѓународната заедница видена во лицето на НАТО-ЕУ двоецот, беше јасно уште во 2008. Само што тогаш ВМРО преговараше, а СДСМ јавно божем негодуваше, а тајно се согласуваше. Сега улогите се сменети. СДСМ преговара, а ВМРО божем негодува. Името за меѓународна употреба е веќе продадено. Христијан Мицкоски на последниот митинг одржан на 2 јуни, зборуваше само за тоа дека за ВМРО-ДПМНЕ неприфатливо било да се менува уставот…

До каде се спремни да одат СДСМ-ДПМНЕ во разнебитувањето на Асномска Македонија?

СДСМ разнебитувањето го почна во раните 90-ти преку приватизацијата, којашто во доцните 90-ти ВМРО ДПМНЕ ја дозапечати. СДСМ во 2002 година ја зеде во власта ДУИ, политичката партија создадена од лидерите на ОНА кои ВМРО ДПМНЕ ги амнестираше во 2008 година. Сега ДУИ е дел од македонската преговарачка страна, дел кој притиска да се попушти под грчкиот притисок. И додека ВМРО ДПМНЕ владееше 10 години, период во кој паралелно го чуваше името но антиквизираше (процес кој одеше во прилог на грчката преговарачка страна за името), сега СДСМ сака да владее исто толку долго, прифаќајќи ги речиси сите барања на грчката преговарачка страна. Дури и тоа да значи владеење над северномакедонци, горномакедонци или новомакедонски, дури и тоа да значи владеење на двоецот СДСМ – ДУИ со бинационална држава на новите македонци и албанците, држава во која останатите етнички заедници се само статистичка бројка. Таквата нова разнебитена некаква си Македонија, битно ќе биде под безбедносниот чадор на НАТО.

Жална Македонија… Жална поради три децениската неприкосновена власт на партијата СДСМ – ДПМНЕ…

Автор: Зоран Василески, член на Президиумот на Левица

|2018-06-09T14:57:23+00:004 јуни 2018|Актуелно, Став|