Антикомунизмот на победниците од студената војна

Победници и квислинзи

Ако последната голема војна од светски размери, беше Втората светска војна, тогаш победниците се сојузниците Велика Британија, СССР и САД. До пред речиси 30 години, тие ја пишуваа историјата. Земјите на Неврзаните, исто така имаа можност да ја пишуваат својата историја.

Но низа војни и внатрешни бунтови и задушени бунтови, револуции и контрареволуции, се одвиваа на различни делови низ светот во периодот на постоење на Обединетите нации. Тоа не беше мирен период. Напротив. НАТО и Варшавскиот пакт беа новите противници. Судир на два концепта при нерамномерен распоред на ресурси. САД брутално го задушуваше во крв секој обид на држава или народ на оттгрнување од нејзини канџи. Смртниот непријател беше СССР, првата држава која се осмели да воспостави некаков вид на социјализам во сите тие услови и опкружување. Факелот на борбата против социјализмот се пренесуваше од рака на рака, прво СССР го нападнаа одделни земји на Антантата, потоа СССР беше брутално и фронтално нападнат од Нацистичка Германија, за на крај, Соединетите американски држави и НАТО да го докрајчат СССР економски во центарот, и воено во периферијата. Докрајчени беа и Неврзаните, движењето го изгуби своето значење и својата историја со распадот на СФРЈ, распад кој беше охрабрен од водечките земји на Европската економска заедница, меѓу кои предничеше Германија. Победникот од Студената војна, НАТО пактот, САД и Европската економска заедница, сега пишува нова историја во која фашизмот и комунизмот се изедначуваат.

Во тоа светло единствено може да се огледа бојкотот кој го доживеа 9 Мај, Денот на победата над фашизмот, во, се’ уште Република Македонија. Win Win ситуација. Двата “еднакви тоталитарни системи“, според македонската историографија и марионетска пропаганда, со начинот на неодбележување на 9 Мај, се победуваат. Така, 9 Мај, Денот на победата над фашизмот, од ниедна институција на централната и локална власт не беше одбележан. Од она што го забележавме на ТВ каналите, електронските медиуми и социјалните мрежи, од сите политички партии, парламентарни и вонпарламентарни, единствено Левица го одбележа денот со свои тематски настани, изјави и положување цвеќе во знак на почит кон паднатите борци во борба против фашизмот. Ден претходно, на некаков гротексен начин беше одбележан Денот на Европа, како роденденска забава на Европската Унија. На крилата на Договорот за добрососедски односи со Бугарија, кој ќе ги брише написите „бугарски фашистички окупатор“ од спомениците и учебниците, бугарски војски маршираа во Македонија, а македонски во Бугарија. Со работа ќе почне и мултиекспертската комисија за хемиско чистење на „застарената коминтерновска историја“. Победниците Зоран Заев и Бојко Борисов ликуваат. Ликуваат како марионети, но секој со својот интерес на домашната владејачка класа, партиски или само личен интерес. Јенс Столтенберг, во неговата последна посета на Скопје, го прогласи Зоран Заев за „човек на годината“…

Ретуширана и ревидирана историја

Западот целосно ја избриша вистината за Втората светска војна. Сме се запрашале ли, од каде милионите на Нацистичка Германија за тоталната војна против Советскиот Сојуз? Точно е дека отпорот на Полска, Белгија, Франција, Скандинавија, Југославија и Грција, не го истоштија и истрошија Третиот Рајх. Поради успешниот блицкриг, ниту поголеми човечки, ниту поголеми финансиски ресурси се потрошија. Но, затоа Источниот фронт беше тотална војна во времетрање од 4 години. Финансиските средства за производство на еден тенк или авион, би требало да биле исто големи како и сега. Тоа е време на државен протекционизам, после црниот четврток од 1934 година. Нацистичка Германија може да се рече дека финансиски е послаба од денешна Германија. Од каде тогаш милионите? Нацистичка Германија била и по број на население еднаква со сегашна Германија (според пописот од 1939 година, 80 милиони жители). Од каде тогаш милионите луѓе за борба против милионите на Советскиот Сојуз? Одговорот на ова прашање го дава самиот Адолф Хитлер во следниот говор:

Одговорот, од каде милионите и од каде војниците, т.е. од каде финансиските и човечки ресурси, треба да се бара во економијата и политичката географија во периодот пред избувнувањето на Втората светска војна. Нацистичка Германија и покрај протекционизмот во светската економија, сепак била корисник на англо-амерички кредити, кои пристигнувале дури и во првата половина од 30-тите години на минатиот век, кога доверителите гледале дека кредитите се трошат на вооружување. Земјите кои прогласиле неутралност како Франкова Шпанија и Швајцарија, сепак тргувале слободно со Нацистичка Германија.

Фактички пролетта 1941, континентална Европа, отворила војна врз Советскиот Сојуз со речиси сите свои финансиски и човечки ресурси. Само силите на отпорот и партизанското движење се спротиставиле. Народниот отпор против силите на корпоративниот фашизам беше од исклучително значење. Во самиот Советски сојуз, само концептот на народна одбрана можеше да пружи отпор на фашизмот на цела Европа подпомогната од банките и корпорациите.

Проценки

Интересно е тоа што, Сојузниците почнуваат рамноправно да учествуваат во војната, дури после 4 години активно војување. До 1943, исходот на војната се кршеше на Источниот фронт. Какви биле проценките на политичките, финансиските и воени елити во САД и Англија, за тоа како ќе заврши војната, и дали САД се вклучија во Војната откако Црвената армија почна да напредува кон Источна Европа, останува прашање за економска и воена проценка во познавање на историјата.

Познавањето на сегашноста го кажува следното; Социјалистичката идеја не е победена. Напротив. Пожива е од било кога. Антикомунизмот во различни облици ќе се обиде да ја заплаши и корумпира секоја револуционерна искра. Но, таа не тлее во срцата и главите на неколкумина. Таа е жарче кое тлее во самите противречности на капитализмот кои го водат кон неминовен крај. Какви се проценките кога ќе дојде тој крај, останува прашање за економска и воена проценка на сегашноста и иднината.  Додека победниците владеат, ќе владее антикомунизмот.

Антикомунизмот е фашизам.
Смрт за фашизмот! Слобода за народот!

 

Автор: Зоран Василески, правник и член на Президиумот на Левица.

|2018-05-14T11:53:12+00:0014 мај 2018|Актуелно, Свет, Став|