СКОПЈЕ, 1 Мај 2018 – По повод денот на трудот – 1 Мај во Скопје се одржаа протести од пет различни појдовни точки и различни организатори. За првпат во историјата на независна Македонија една политичка партија, партијата на трудот – Левица организираше првомајски протест, на кој јасно ги упати барањата до владата за унапредување на работничките права.
Со црвени знамиња, транспаренти и скандирања антикапиталистички и про-работнички пароли, членовите и поддржувачите на Левица маршираа низ улиците на Скопје, кадешто истовремено ги упатија барањата до владата за унапрдување на работничките права:
Другари и другарки, работниците во земјава, иако ја носат економијата на своите плеќи, се жртви на непочитувањето на нивните права на работното место, на инертноста на институциите на трудот, кои ги игнорираат нивните проблеми и интереси. Во услови на речиси непостојна одбрана на работникот од притисокот на капиталот и државната бирократија, унапредувањето на трудовите права е заборавена тема. Затоа, мораме да настапиме офанзивно во протестот против социјално-економскиот гнет што го трпат работниците и не само да побараме почитување на стекнатите права туку и да посегнеме кон освојување нови, понапредни:
1. Намалување на максималното времетраење за кое може да се склучи договорот за вработување на определено време од пет години на шест месеци.
2. Намалување на работното време од 8 на 7 часа дневно, без негативни импликации на висината на платата и додатоците кои ги примаат работниците.
3. Наместо подлегнување под притисокот на меѓународните финансиски институции за намалување на породилното отсуство (од 9 на 6 месеци), заложба за зголемување на породилното отсуство (од досегашните 9 на 12 месеци).
4. Враќање на правото на исплата на патни трошоци и хранарина на работниците.
5. Безусловно овозможување здравствено осигурување за сите.
6. Право на пензија и по основ на работен стаж од 35 години.
7. Инспекторатот за труд да обезбеди доследно почитување на законските норми што се однесуваат на работничките права и особено да се ангажира околу:
– трансформацијата на прикриените работни односи во законски;
– исплатата на плати, вклучително и минимална плата;
– плаќањето на прекувремената работа и останатите додатоците на плата;
– почитувањето на правото на платен годишен одмор.
8. Укинување на приватните извршители и враќање на извршителите во суд.
9. Укинување на условувањето на минималната плата со исполнет т.н. нормиран учинок.Другари и другарки, трудот, главниот двигател на економијата, не смее да се задоволи само со површни корекции на легислативата, туку треба полноправно и делотворно да учествува во создавањето и спроведувањето на политиките на сите нивоа и во сите општествени домени, а пред сè во економијата. Оти под името на трудот се вбројува најголем дел од народот! Како луѓе што се хранат себеси, го хранат општеството и ја движат историјата со својот труд, ние мораме да ја препознаеме нужноста за унапредување на нашата политичка моќ. Затоа, ги упатуваме легитимниве политички барања до власта во земјата:
1. Ослободување на синдикалното организирање од легислативните и бирократските кочници.
2. Вклучување на претставници на трудот во извршната државна власт.
3. Вклучување на работниците во управните и надзорните тела во јавните претпријатија и приватниот сектор преку работнички совети .
4. Пренасочување на буџетските средства за превоз на јавните функционери кон обезбедување бесплатен колективен јавен превоз за работниците.
5. Стоп за натамошната приватизација на јавните претпријатија (пошта, железници, водостопанство и енергетика).Другари и другарки, ние, работниците и сиромашните, сме општествена класа, која има свои заеднички социјални, економски и политички интереси! Дефокусирањето од стварноста на оваа состојба е клучниот механизам на нашето политичко и економско заробување, смислен и управуван од политичките партии што се водат според императивот на капиталот и империјалните центри. Жолтите синдикати, пак, се помошна алатка во нашето политичко обезмоќување. Затоа, мораме на припадниците на нашата класа, на работното население во Република Македонија, да им упатиме апел за политичко организирање на трудот. Клучно во таа насока е да се застане здружено со:
1. Поддршка на автентичното синдикално организирање и охрабрување на работниците да ги преземат во свои раце оние синдикати кои ги штитат интересите на синдикалната бирократија наместо интересите на работниците.
2. Повик до работниците во Македонија да ги препознаат своите политички интереси и да се вклучат во борбата за класно освестување и ослободување преку свои претставници во Собранието на Македонија, во локалната самоуправа и во извршната власт.
Освен политичката партија Левица првомајски протест организираа и членови на Левичарското движење Солидарност, коишто исто така потенцираа на работничките права:
Другарки и другари, денес текстилните работнички во Штип и Крива Паланка се повредувани и убивани на нивните работни места, работниците од Кавадарци и Скопје умираат работејќи без соодветна заштита и обука, хонорарните и сезонските работници се прекарна категорија во пораст, а многу луѓе работат и во сивата економија чиј труд ниту се мери, ниту цени, ниту се плаќа соодветно. Тие се без заштитени работнички права, живеат без достоинствена плата, а во такво општество не е можна социјална, економска и еколошка правда.
Првомајски протест од пред зградата на МРТВ до владата организираше и Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ).
Протести организираше и Самостојниот Синдикат на Македонија (ССМ) од пред нивното седиште.
Од повелбата за солидарност пак, маршираа од плоштадот Карпошово Востание, кај споменикот на Филип Втори до Собранието и владата. Членови на Повелбата за солидарност се Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници(ССНМ), Синдикатот на управата и правосудството (УПОЗ), кој е дел од ССМ, синдикатот на дипломатската служба, синдикатот на култура и Независниот академски синдикат.
На крајот повеќето групи се сретнаа пред влада, кадешто беа одржани неколку говори и скандирани пароли. Од партијата Левица сметаат дека жолтите синдикати секогаш работат во корист на власта, но дека работниците треба да се изборат да ги преземат во свои раце.