СКОПЈЕ, 26.04.2018 – По вчерашната дојава до Гласник од страна на работник за доцнењето на платите во фирмата ГЕИНГ КУК, денес редакцијата повторно доби писмо во кое друг работник открива дека не само што платите доцнат, туку тие се кратени по 5-10%, а здравствено осигурување и придонеси не им се плаќаат.
Во вчерашното писмо кое ни’ го испрати еден од работниците во ГЕИНГ КУК стоеше дека, платите на работниците им доцнат и оти последната земена плата е за месец февруари. Тој исто така информираше дека минатата година платите доцнеле дури по три месеци.
Надоврзувајќи се на својот колега, еден друг работник од истата фирма кој нагласи дека сака да остане анонимен бидејќи му се заканува отказ, денес ни’ испрати писмо во кое вели дека не само што доцнат платите, туку истите се кратени и без придонеси.
„Почитувани,
Најпрво би замолил за анонимност или ќе останам без работа…
Би сакал само да го дополнам колегата од Геинг..
Покрај каснење на плати, веќе една година платите кои ги добиваме се скратени од 5-10%, а здравствено воопшто немаме и сме принудени да плаќаме приватни услуги… За се има пари, само за плата нема… А од работа умираме…Колегите си даваат откази цело време а нови не доаѓаат….
Јас би ве замолил да го контактирате газдата (кој воедно е и професор на Градежен факултет) и да направите интервју што тој има да каже на ова!!.. Можеби е до нас , можеби ние сме во филм што бараме редовна плата…ДА ЖИВЕАТ ГАЗДИТЕ… НИЕ ЌЕ ПОЧЕКАМЕ…“, стои во писмото од револтираниот работник.
Редакцијата на Гласник се обиде да стапи во контакт со сопственикот на фирмата, или пак друго одговорно лице, но на нашиот повик административното лице кое не се ни претстави кратко ни’ одговори дека немаат време за тоа и побараа прашањата да им ги испратиме по е-пошта. На официјалниот е-маил од веб страната на фирмата испративме неколку прашања во врска со информациите од дојавата на двајцата од вработените, меѓутоа до објавувањето на оваа вест, одтаму не добивме одговор.
Авторка: Сенада Ибраимова