Работник од ГЕИНГ КУК до Гласник: „И нам ни’ доцнат платите“

СКОПЈЕ, 25.04.2018 – Откако ја објавивме веста за доцнењето на платите на над илјада работници во Секјуриком, до редакцијата на Гласник се обрати работник од фирмата ГЕИНГ КУК – КРЕБС УНД КИФЕР ИНТЕРНЕШНЛ, фирма регистрирана во Скопје, а која работи со повеќе претставништва низ државата.

Работникот испрати информација дека и кај нив платите доцнат. Последна плата имаат земено за февруари, а ене го кај е 1 Мај денот на трудот!

„Почитувани, јас сум вработен во фирмата ГЕИНГ КУК и кај нас касни платата, последна плата што е земена е за февруари 2018, а сега се збори во фирма дека до крај на месец ќе нема плата. Минатата година беше три месеци има плата, три месеци нема плата и изгледа на газдиве им одговара така да тераат и си продолжија и во новата 2018 по тој ред. ДА ЖИВЕАТ ГАЗДИТЕ, ние ќе почекаме за да дојде живот за нас, не се брзаме“, стои во пораката која пристигна до редакцијата на Гласник од работникот кој сакаше да остане анонимен.

Инаку, во Македонија политиките на кршење на работнички права продолжуваат и по смената на власта. И оваа владејачка гарнитура се покажа како и претходната, односно дека работи во интерес на профитот и капиталот за себе и за најбогатите.

Се ближи 1 Мај, денот на трудот, на овој ден пред повеќе од 100 години преку протести и борба се извојувани работнички права, 8 часовно работно време, одмор за викенд, пензионирање и слично. Денешната ситуација покажува дека голем дел од овие права се изгубени, или секојдневно се кршат.

Редакцијата на Гласник упатува повик до сите работници да излезат на протест и таму да го изразат својот револт и заедно да упатиме порака до власта, дека политичката моќ треба да биде во трудот. 1 Мај живее!

Авторка: Сенада Ибраимова

|2020-05-22T14:19:56+00:0025 април 2018|Актуелно, Вести, Економија|