Во изминатите години еден од клучните митови за Грците е оној за нивнoто „расипништво“. Логиката е јасна: од перспектива на богатите земји што го поседуваат грчкиот долг, најважно е овој долг да се отплатува, а грците треба „да го стеснат својот ремен“. Но, долгот, за разлика од она што се презентира во таблоидите, не произлегува од прекумерната потрошувачка на храна и пијалок на имагинарниот „просечен грк“, туку произлегува поради нееднаквата економска размена во рамките на еврозоната. Помеѓу другото, ова објаснува зошто долгот, и покрај сите „мерки за штедење“, всушност се зголеми во последниве години.
Во грчката држава постојат сегменти каде навистина се трошат огромни средства несразмерно со големината на земјата. Но, ова е првенствено за војската, т.е. за купување на оружје. Се разбира, земјите што им го продаваат оружјето на Грција, а истовремено го „поседуваат“ грчкиот долг (Германија, Франција), вложија посебни напори за мерките на штедење да го заобиколат воениот сектор.
Наместо таму, „болните резови“ се изведени во други сектори, каде што потрошувачката никогаш не беше преголема, но каде што, за разлика од војската, се многу клучни за секојдневното функционирање на мнозинството на граѓаните. Помеѓу овие сектори е и здравствениот сектор, за чија состојба во последните денови се појавија загружувачки податоци. Скоро третина од луѓето кои почувствуваа болки или имале некои други здравствени проблеми, немале посетено доктор. Главната причина за тоа се финансиите. Згора на тоа, 50 % од луѓето кои отишле на преглед, го направиле тоа дури откако станало неизбежно. Десет години порано, тој процент изнесуваше вкупно 20 %, додека повеќето оделе на редовни прегледи или само за рецепти. Причините за сето ова не се никаква мистерија. Во 2006 година, повеќе од половина од населението имаше целосно бесплатна здравствена заштита. Денес ова важи само за една четвртина.
Овие денови, беше објавена друга интересна студија која е поврзана со станбеното прашање. Пред кризата, Грција беше позната како една од европските земји со најголем процент на сопственост на станови. Тоа е последица на „дивите“ социјални политики во текот на минатиот век, кога владите допуштале нелегално градење од страна на руралните мигранти во големите градови без некој посебен план. Но, ако во 2006 година дури 82% од населението имале свој стан или куќа, денес таа бројка изнесува само 74%. Се разбира, станбениот фонд не се намали, но бројот на сопственици на станови е намален. Ова значи дека денес мал број луѓе имаат многу повеќе станови, а поголем дел од луѓето немаат.
Накратко, Грција стана понееднаква, посиромашна, понездрава и позадолжена. Се разбира, ништо од ова не ги мотивира ниту една од европските институции, ниту европските медиуми, да си ги преиспитаат своите наративи за „грчкото расипништво“.
Teкстот е преземен од www.bilten.org.