Анѓушев – неподносливата леснотија да се биде еден од најбогатите луѓе во државата

Луксузирање со државни пари на Вицепремиерот кој се фалеше дека ја донира платата

Вицепремиерот Кочо Анѓушев, или како што некои новинари го нарекуваат „Сергеј Бупка во бизнисот“, секој месец трошел државни пари во износ од 2500 евра на разни работи во текот на неговите патувања. Иако се фалеше дека ќе ја донира министерската плата за социјално загрозени семејства и стипендии, вицепремиерот Анѓушев во првите 6 месеци потрошил скоро 1 милион денари државни пари што е еднакво на 2500 евра месечно, односно скоро 2,5 пати повеќе од министерската плата.

Најмногу пари Анѓушев потрошил на авионски карти – 370.000 денари, односно 1000 евра секој месец. Не е познато дали летовите биле со економска или бизнис класа, но, да потсетиме, Александар Донев беше сменет од функцијата директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот заради лет со бизнис класа кој чинеше 40.000 денари повеќе од редовната цена.

Вицепремиерот Анѓушев потрошил и 200.000 денари на хотели, што значи дека секој месец на оваа намена трошел 550 евра. На дневници за службени патувања во странство потрошил 63.000 денари, односно 170 евра секој месец, а на јадење и пиење по ресторани во странство, вкупно 370 евра.

Во текот на овие патувања потрошил и 300 евра на ВИП салони, веројатно затоа што „господинот“ Анѓушев не е навикнат да чека за влез во авион заедно со обични смртници.

Освен луксузирањето при патувањето во странство, Анѓушев трошел и 1600 денари државни пари секој месец за мобилен телефон. Не е јасно како можел да потроши волку многу, кога најскапиот месечен пост-пејд пакет во Македонија, кој вклучува и разговори во странство, чини помалку од ова.

Вицепремиерот потрошил и 200.000 денари на кафиња и води во неговата институција, што е повеќе од 1000 денари дневно.

Најсимптоматично е сепак тоа што Анѓушев потрошил 1.100 евра на изнајмување коли во странство. Не е познато дали колите биле Масерати (130 000 ЕUR) или Порше Кејн (120 000 ЕUR), какви што поседува тој во Македонија, но очигледно е дека додека вицепремиерот се луксузира, сиромаштијата во државава останува рекордна во Европа.

Македонскиот Сергеј Бупка во дисциплината „приватизирачки скок за лет надолу“

По одредени постапки, а и по слободата и моќта што ја ужива, денес е јасно дека господинот Анѓушев е главниот „мозок“ зад економската политика во Македонија. Тој најчесто е задолжен за да ги спроведе „спасувачките“ приватизирачки зафати за здравството, енергетскиот систем и Македонски Железници (МЖ).

Анѓушев e дежурниот апологет во јавноста околу либерализација на пазарот на електрична енергија. Тој, бранејќи ја оваа одлука изјави дека либерализацијата се прави за да им се даде можност на граѓаните да си одберат снабдувач, да се избегнат конфликтите на интереси и да се синхронизираат македонските со ЕУ легислативите. Анѓушев гарантира дека нема да има поскапување на струјата и дека економската либерализација ќе почне кон крајот на оваа година.

Во врскас со Македонски Железници, Анѓушев само ја најави можноста за приватизирање, за потоа набрзо Министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски да соопшти дека Анѓушевиот белег – приватизирањето „се прави исклучиво за да им се излезе во пресрет на работниците, да не ги изгубат работните места“.

Како што претходно пишувавме, и здравството, коешто во секоја држава е еден од најесенцијалните сектори, не е имуно на приватизирачкиот бран. Министерството за здравство преку јавно-приватното партнерство ќе бара инвеститори коишто ќе се вклучат во обнова на здравствените објекти.  Уште од почетокот на смената на власта е очигледно дека социјалдемократот Заев не го направи тоа што беше во неговата програма за да ја води државата, туку напротив, води политики кои и понатаму го осиромашуваат народот, а ги збогатуваат бизнисмените.

Првиот скандал за Анѓушев во медимите беше оној кога доби вицепремиерско место и дозвола за електрична енергија во ист ден. Имено, ден пред изборот на новата влада, Регулаторната комисија објавила статус на привилегиран производител на електрична енергија на друга хидроцентрала, каде Анѓушев повторно е косопственик. Ако тоа се случеше само два денa подоцна, тоа би било еклатантен пример за криминал. Но, вака е само едно вообичаено коруптивно-елитистичко однесување и поигрување со законите.

Исто така, Анѓушев неодамна ја брануваше јавноста со добиениот тендер од ЕЛЕМ во висина од 2.6 милиони евра. Тендерот го доби фирмата „Фероинвест“, во која Анѓушев има 80% од акциите. Запрашан за тоа дали има конфликт на интереси, затоа што има значајно место во владата и истовремено добива огромен тендер од ЕЛЕМ, тој се бранеше со фактот дека тој не е управител, туку само сопственик.

„Нема конфликт на интереси со компанијата „Фероинвест“. Не управувам со компанијата и како потпретседател на владата не сакам да имам никаков бенефит од моето работење во владата“, изјави вицепремиерот Анѓушев.

Кочо Анѓушев неодамна беше изгласан од магазинот Форбс за Топ 5 најбогати македонци со 28 милиона евра богатство. Имаше добра соработка со претходната влада на ВМРО ДПМНЕ, но сега е главниот играч кога е во прашање економијата во Македонија. Тоа не го прави само клучна индивидуа за економските прашања, туку и за политичките генерално, затоа што економските стратегии најмногу влијаат врз политиката и врз животот во една држава.

И за крај, најбитните сектори во државата, како електричната енергија, водата, транспротот, образованието, здравството, треба да останат во државна сопственост. Кога овие основни услуги ќе станат цел на „либерализирање“  кое во превод значи профит и трошковни минимизирања од страна на шака капиталисти во државата, тоа за народот е еквивалент на влошување на животниот стандард. Најголемите класни разлики во Македонија споредено со цела Европа ни’ го покажаа тоа. Избрканите и омаловажени работници со урнисано достоинство се сличен доказ. Коруптивните практики од олигарсите кои само го натрупуваат своето богатство – исто така. Нашиот Бупка е само анахрон и гротескен аватар на ваквата историја која започна со првиот приватизациски бран во раните девеести. Нека не не’ залажува „филантропијата“ со донирана плата и возење на приватно Масерати, место државен Мерцедес. Но, еве и да земеме дека тоа е велелепна големадушност, се поставува прашањето, што е филантропија во случајот: донирање на плата, додека паралелно се трошат 2 500 евра државни, наши пари месечно, или раздавање од своето 28 милионско чекмеџе!?

„Филантропијата е за пофалба, но не треба да предизвика кај филантропот превид за околностите на економската неправда што ја направи филантропијата неопходна,“ кажа Мартин Лутер Кинг.

Нам концентрирани 28 милиони на една сметка, кај еден човек во ваква сиримашна земја, ми личат на економска неправда, а Вам!?

 

|2018-03-26T08:27:05+00:0026 март 2018|Актуелно, Економија, Став|