СKOПЈЕ, 30.01.2018 – Вчера, на прес-конференција во Стопанската комора, Македонската асоцијација на рударство (МАР) обвини дека, „обвинувачи без никаква стручност шират лаги за рудникот Бучим и неговата штета по околината, а посебно се шират лаги за животните и птиците околу рудникот“. Тој ги повика новинарите да ја прикажат „реалната вистина“.
„Во Бучим, во погонот за лужење, не можеме да се ослободиме од ластовички. Значи, се кажуваат големи невистини, и ние практично не знаеме веќе дали треба да се браниме против такви невистини. И затоа, ве молам вас медиумите, вие може да придонесете многу во прикажување на реалната вистина. Ние бараме само реалната вистина да се прикажува“, истакна Николајчо Николов, претседател на Асоцијацијата.
Но, како што претходно објавивме, активистите од струмичката организација „Здрава Котлина“ имаат друга анализа на ситуацијата. Тие, преку низа на податоци, цитирани научни трудови за штетата што ја прави рудникот Бучим врз почвата и уништување на реките преку нивно контаминирање, и видео интервјуа од жители на селата најблиску до Бучим даваат комплетно различна перспектива на тоа што значи да се живее или умира во близина на рудник.
Конферецијата вчера, беше воглавно свикана за да се потенцира дека, предлогот за именување и дополнување на Законот за минерални суровини со кој се предвидува експлицитна забрана за експлоатација и преработка на минерални суровини со примена на цијаниди, сулфурна киселина и други опасни супстанци, ќе има катастрофални последици по економијата во Македонија.
Според нив, ако овие предлози се прифатат, ќе треба да се затворат веќе постоечките рудници за олово и цинк во Македонија, „Тораница“, „Злетово“ и „Саса“ кои употребуваат цијанид во процесот на работа. Тие исто така, истакнаа дека ако владата проба да ги раскине договорите за концесии, ќе плати огромна сума оштета кон инвеститорите.
Државата има преземени обврски во договорите за концесија и при евентуaлно раскинување на договорот ќе претрпи штета. Само од раскинување на договорите за концесии штетите би достигнале од една до три милијарди евра – рече Максим Прохоров од рудникот „Саса“.
Покрај елборациите дека, растворите од сулфур диоксид и цијанид нема да ја загадат животната средина, никој од претставниците на МАР не објасна во колкава мера ќе се наруши земјоделството во југоистокот со отворање на рудниците, колку тоа ќе влијае на приходите и на семејствата што живеат таму и дали е испочитувана нивната волја за отворање на рудници на земјата во цел југоисток.
За проблемите и дилемите околу рудниците, во Скопје во Социјалниот центар Дуња (наспроти Архитектонски факултет), во среда во 19:00 часот, ќе се одржи интерактивна работилница со наслов „Како да се справиме со рудниците во југоисток? “ на која Симона Гетова од Спас за Валандово ќе направи преглед на настаните околу досегашната борба на македонскиот југоисток против рудниците на смртта (како што тие ги ословуваат) и потоа заеднички ќе се дискутира кои се начините за поголемо вклучување на пошироката македонска јавност во оваа борба.