СТРУМИЦА, 26. 12. 2017 – Претставниците на рударскиот сектор после дебатата што се одржа минатиот четврток во Стопанската комора беа едногласни во својата порака во која се вели дека, активистите против изградбата на рудниците немаат никаков аргумент со што ќе го потврдат нивното тврдење и дека рудниците нема да направат штета по животната средина, туку напротив – ќе донесат „позлатување на целиот регион“.
„Досега сите невладини организации, не донесоа ниту еден факт, ниту еден доказ, ниту еден пишан документ, дека активните рудниците во Maкедонија и рудниците кои се во изградба и кои ќе се изградат, загадуваат или прават влијание надвор од законските прописи, нашите закони се исти како европските регулативи“, изјави Горан Серафимов, претседател на Здружение на рударски и геолошки инженери од рударскиот сектор.
Во сличен стил, продолжи потпретседателот на Асоцијацијата за рударство, Џефки Алити.
„Тоа се рудници за позлатување, со системот за минирање не се нанесува никаква штета. Излишно е да се зборува за штета, туку за позлатување на целиот регион,“ потенцира Алити.
Но, не сите се согласуваат со овие изјави. На овие пораки, веднаш реагираа активистите од здружението „Здрава Котлина“ од Струмица, преку низа на податоци, цитирани научни трудови за штетата што ја прави рудникот Бучим врз почвата и уништување на реките преку нивно контаминирање.
„Река Маденска (реката со изразена чудна тиркизна боја што ја гледаме на патот Радовиш – Штип, кај Бучим) ја промени бојата и скоро пресуши поради воведеното лужење во Бучим. Во 2010 реката имала рекордна, фантастична и благопријатна концетрација на бакар од 485 мг/л.
Новината е “спасот” на реката со воведувањето на лужењето и таа концентрација била сведена на помалку од 1мг/л. А тоа што до 2013 постојано труела не е битно. Се занемарува.
Секако овој “спас” на реката не е без цена зашто скоро пресушила ама тоа не е битно. “Спасена” е од бакарот и сега тече колку за лек!“, велат активистите.
По издадените 86 концесии за изградба и отворање на нови рудници од владата на ВМРО-ДПМНЕ во 2012 година, се појавија голем број на иницијативи за спас на југоистокот кои се спротиставуваат на визијата за југоистокот како рударски регион, а не земјоделски. Активистите често потсетуваат дека рудници и земјоделство не одат во иста реченица, и отворањето на рудници ќе донесе геноцид на 400 000 граѓани во овој регион.
Преку референдуми, волјата на народот од овој дел на Македонија беше јасно манифестирана – југоистокот треба да продолжи да се развива преку земјоделство, а не преку рудници во било каква форма. Тие често нагласуваат дека рудниците за бакар, сребро, злато ја девастираат околината околу која се наоѓаат и бараат да се почитува нивната порака, за што побрзо запирање на изградбата на новите рудници.
Во продолжение може да го видете видеото за рудникот Бучим што го објави иницијативата „Спас за Гевгелија“.