Комодификација на воздухот

Скопје, 19 декември 2017

И воздухот има вредност! Особено по смртоносниот смог што го проголта Скопје минатата недела. Чистиот воздух уште во 1860–те е комодифициран. Според европските доктори и научници од тие години, алпскиот воздух бил добар за здравјето. Железници и планински туристички објекти ќе го направат достапен, ќе бидат неговата опаковка. Токму драстичното опаѓање на квалитетот на воздухот со индустриско производство во градовите ќе ја создаде неговата вредност. Во градот му се одзема, а на планините зголемува неговата вредост. Воздухот не е производ на човековиот труд, но е резултат на истиот. Фабричките печки и мотори кои ќе работат со комодификуваниот човеков труд, чистиот воздух ќе го претворат во продукт за потрошувачка.

И во Скопје деновиве воздухот се купува. Цената се движи од неколку стотини до неколку илјади денари. Толку чинат маските на пазарот. Има и прочистувачи на воздухот за затворените простории. Нивната цена се движи и до неколку илјади евра. И да се живее во населби со почист воздух треба да се плати. Воздухот во Лисиче, Топаана или населбата Водно не е ист, исто како и цените на станбениот простор. На Водно куќите може да достигнат цена и до неколку милиони евра. Подалеку се од Цементарница Усје или Железарница, населбата Водно е опкружена со шума, нема градски сообраќаен метеж… Таму не се сечат дрвја ниту градат трговски центри и индустриски погони. И планинскиот воздух зимава ќе биде само за неколкумина, а најмалку за децата на оние коишто едвај преживуваат со минималните плати. Повеќе не работат детските зимски одморалишта низ планините. Приватните викендички и хотелите се единствена можност за престој. Комодификацијата на воздухот е потполна.

И водата е во приватизациските шеми. Концесионерите на минералните извори се нејзини сопственици. Инвеститорите во малите хидроцентрали го контролират нејзиниот проток. Паралелно со распродажбата на правото за користење на водата се уништуваат јавните градски водоводи. Изворот Рашче не е заштитен, а бунарите кај Лепенец и Нерези се под закана. Рудниците кои почнуваат да се отвараат ќе го уништат водоснабдувањето на голем број градови и села во источна Македонија. Голем дел од нив се градат над или во непосредна близина на изворите со вода. Таков е случајот со Казандол и Радовиш. Слично како и со воздухот, со уништувањето на чистата вода ќе започне нејзината комодификација. Граѓаните ќе бидат приморани да ја купуваат чистата вода во шишиња. Комодификацијата на јавните добра во неолиберализмот е процес. Борбата против неа е клучен елемент во обидите да се создаде општество во кое ќе постои социјална правда и демократија, а ќе бидат гарантирани и работничките права. Минималната плата не е доволна за сите тие маски, пречистувачи  и шишиња со вода.

За маските против загадениот воздух и одговорноста на сите нас

Васко Цацановски, долгогодишен активист за социјална правда и дел од Левичарското Движење Солидарност на својот фејсбук профил поттикнат од актуелната тема околу маските против загадувањето објави неколку совети. Редакцијата на Гласник објавата ја презема со согласност на авторот, поради советодавната содржина и интересот на јавноста,чија одговорност на застанува само со купување на маските туку и со активно пронаоѓање на себе си како фактор за промена на оваа состојба.

Совет за маски до сите (оправдано) загрижени од воздухот. Бидејќи возам точак, потребна ми е маска (повеќе од на тие што „се спасуваат“ возејќи коли и со тоа придонесуваат на уште поголемо загадување), па веќе 2 сезони (релативно) редовно користам маски. Многу сум револтиран од фирми – лешинари кои сакаат да ве излажат користејќи ја големата загриженост во врска со воздухот, што и ме мотивираше да го пишам ова.

1. Стандарди. Задолжително купувајте маски со ознака FFP2 (еквивалент N95, т.е. филтрира 95% од честичките) или FFP3 (еквивален N99, 99% од честичките) (повеќе инфо https://en.wikipedia.org/wiki/Respirator) . А кај нас како заштита од загадувањето се продаваат маски без стандарди, со FFP1, хируршки маски… Сетоа тоа е украс, грд украс… лешинари шиткачки преварантски…

За еден ист производител од иста продавница, најчесто FFP3/N99 е многу поскап од FFP2/N95. Доколку тоа е случај, и доколку не работите со био-хазардни гасови (скопскиот воздух сепак баш и не е составен од био-хазардни гасови, иако е многу загаден), сепак тие 4% разлика во филтрацијата пресметајте си дали вредат разликата во цената што ја имате како избор.

2. Активен јаглен. Многу лешинари ќе ви продаваат маски со активен јаглен кој не е корисен за филтрирањето на ПМ честичките, туку апсорбира само молекули (https://en.wikipedia.org/wiki/Air_purifier… -> activated carbon). Овие маски се многу поскапи од тие без јаглен. Затоа, лешинарите што ви ги продаваат овие маски како заштитa од скопскиот воздух, веднаш да ги заобиколите. Ако имате други здравстени проблеми, надвор од загадувањето со pm честички, тоа е друго. За филтрирање на простории каде се готви/пуши со вакви филтри, исто така има логика, но за лични маски, апсолутно е бескорисно.

3. Неопренски/шарени маски. Некои од маските на пазарот се џиџани: „меки“, „шарени“… Сетоа тоа е ок, но не е фукнционален дел од маската. Некои од нив вршат улога на термичка изолација, што можеби за зима е ок, но да си знаете дека освен естетика и можеби термичка изолација, не добивате повеќе од тоа (важен е стандардот).

4. Животен век. Не постои филтер на светов што има неограничен животен век. Дополнително филтрите со користење ги намалуваат перформансите. Затоа, немојте да се летате по фенси скапа маска и да ви е жал да ја смените, туку купете поефтини маски (со стандарди и реномирани производители) и почесто менувајте ги или менувајте ги само филтирте ако маската има филтер што се менува.

5. Цена… Од она што стигнало како информација до мене и од мое искуство имате 2 опции: итно да купите од локална продавница и да си нарачате поефтино од интернет поголемо пакување на маски.

5.а. Локално, барем засега од она што сум сретнал на .mk интернет , апсолутен фаворит е http://www.dvornik.mk/opremaGlavna.aspx?id=5 -> филтер маска (немам никава врска со фирмава и не знам што имаат на лагер ). Цените им се најразумни во споредба со било каде: 50-100 денари маска, а производителот е honeywell (што не е no-name, т.е. е ок).

5.б. ebay/ali express. Било кој производ што задоволува FFP2/N95, и е од реномиран производител и праќа до Македонија е ок. Јас лично нарачувам (не мора да изберете баш тоа): ebay search “3M 8210″ (3M производилел, 8210 е модел, стандардот е N95), во пакетче од 20 маски. Доаќа околу 10 долари (520 денари) сите, т.е. 25 денари по маска (колку поголемо пакетче, поефтино). Испораката од Кина до тука трае од 30 до 60 дена. Искуството вели дека маските се ок, се чувствува разликата,но да ви сертифицирам – не можам , а не можете ни вие. Едиствена маана е што ластичињата лесно се кинат после неколку носења, што го решавам со хефталица. Една маска користам 7-10 дена, дневно користење 2х25 минути. Планирам да пробам наскоро со „3M 9152” (ист стандард, ист производител, друг модел) чисто заради споредба заради проблемот со ластичињата.

За крај 2 пораки на темата
– Не бегајте од личната одговорност како вие загадувате!
– Национализација на Топлификација! (а не гасификација па нејзина приватизација… како што беше со топлификација)

|2017-12-19T12:34:59+00:0017 декември 2017|Актуелно, Економија, Став|