СКОПЈЕ, 14. 12. 2017 – Вчера, во просториите на Социјалниот центар „Дуња“ се одржа трибина со наслов „Дигитален труд – добра тезга, или нова форма на експлоатација “. Целта на оваа трибина беше да ги отвори прашањата поврзани со дигиталните услуги на работниците од Македонија коишто се приклучени на интернет платформите.
Tрибината започна со краток вовед за значењето на дигиталниот труд. Што е дигитален труд, кој се може да се квалификува како дигитален работник, итн, беа прашањата на кои се одговори, а потем се направи осврт на најужасните примери за експлотација во дигиталниот свет.
На трибината зборуваа и работници коишто активно се вклучени во интернет платформите. Тие споделија круцијални искуства и ги запознаа присутните со значајни перспективи околу дигиталниот економски пазар.
Ана Симова е една од дигиталните работнички којашто некој период работи во дигиталната сфера. Нејзиниот осврт се однесуваше на најпопуларната дигитална платформа – Upwork. Таа зборуваше за приликите и неприликите на овие платформи и за висината на провизиите коишто ги плаќаат дигиталните работници. Симова истакна дека провизијата на почеток изнесувала 10 %, а моментално изнесува 20 % од секоја зделка под 500 долари.
Васко Торков е исто така дигитален работник. Тој го сподели своето искуство и како работник кој подолг период е прикачен на овие платформи имаше и компаративен осврт во однос на тоа што се нарекува предност и хендикеп помеѓу дигитална фирма регистрирана во Македонија и фриленс работата. Торков, истакна дека предностите за работењето во фирма се: редовна плата и поголема шанса за синдикално организирање, а во фриленс работата е флексибилноста.
На трибината се зборуваше и за присуството на експлоатацијата на работниците во оваа економска гранка. Адела Ѓорѓиоска ги напомена марксистичките левичарски концепти и нивната примена во овие односи на експлоатација на работничката сила. Немањето свест за тоа дека дигиталните работници се всушност работници и од нивниот труд некој сепак на крај таложи профит, беше една од тезите синоќа.
„Работната сила во однос на капиталот се претвора во наемен труд. Кај наемниот труд работниците не се во контрола на средствата на производство“, потенцираше таа.
Ѓорѓиоска, продолжи да ја анализира пречката за организирање на дигиталните работници, преку Марксовите концепти „класа по себе“ и „класа за себе“, при што разликата помеѓу „дигитални работници по себе“ и „дигиталните работници за себе“, е што во првиот случај се има работа со група (класа) која објективни постои, но која поради немањето на класна свест за самата себе не претставува реален фактор во општествените случувања. Наспроти тоа, дигиталните работници за себе се свесни за себе како за посебна класа со посебни интереси од останатите класи и претставуваат реален фактор во општествените случувања.
Една од најзначајните перспективи на трибината беше дека се отворија прашањата за коишто голем дел од општеството во Македонија не знае, особено не голем дел од протагонистите коишто се вклучени во овој пазар на трудот. Размената на идеи и искуства на оваа трибина, може да ја овоплоти и потребата за почести собири на дигиталните работници и размена на искуствата за поактивно нивно организирање и создавање на своевидна алтернативна платформа без провизии.
Во Македонија, значаен дел од младата популација работи на интернет платформите. Македонија е држава со голем процент на работници даватели на услуги во интернет светот. Во тој свет, правилата на игра не се до крај регулирани и постојат случаи, кои иако се ретки, работниците на крај не си ги добиваат заработените пари.
Говорници на трибината беа: Васко Торков – долгогодишен софтверски програмер, Ана Симова – дигитална работничка и Адела Ѓоргиоска – активистка за социјална правда. Модератор на дебатата беше Кире Василев – активист на Левичарското здружение Солидарност.