КРИВА ПАЛАНКА, 05. 12. 2017 – Сто работници ќе продолжат со работа во Веибо, додека на останатите нема да им биде продолжен договорот. Причините не ги знаат ниту вработените, ниту пак од инспекторатот на труд. Инспекторите извршиле увид и доставиле прекршочна глоба до раководството на фабриката. Работниците стравуваат дека ќе бидат повторно искористени и нивниот труд ќе остане неплатен, а фабриката ќе се затвори и ќе се отсели од Македонија.
На сто, од двесте вработените во „Веибо“ ќе им се продолжат договорите, додека на останатите сто нема да им се продолжат, дознава Гласник преку анонимни извори од фабриката. Работниците кои се побунија минатата недела за заостанатите плати, беа отпуштени од работа, а во халата директорот на фабриката им ја исклучи електричната енергија.
Прво десет вработени на кои не им биле исплатени заостанати плати побарале истите да им се исплатат и поради тоа биле отпуштени од работа, како што за Гласник изјавува еден од отпуштените работници во Веибо. Десетте вработени биле отпуштени во четвртокот. Додека во петокот, работниците протестирале за своите плати, по што директорот ја исклучил струјата и ги пратил дома.
„Работниците во Веибо не ги уживаат основните човекови права. Немаат право на летен одмор, немаат право на одмор во работото време, не можат да користат ниту правото за одење во WC, ниту пак во итен случај да треба да се контактира со детето дома, дали е добро или не, некогаш е болно затоа што е мало. Тоа е забрането. Не добиваме ниту К 15, потпишуваме секоја година договори дека се откажуваме од истото поради долговите коишто ги има фабриката и кои треба да ги исплаќа“, истакнува работник во Веибо, чијшто договор бил продолжен.
Околу минатонеделните настани, нашиот извор истакнува дека, ги добиле платите само за месец октомври. Додека за ноември немаат ниту потпишано договор на дело, како што тоа го правеле претходно секој месец. Стоте работници на кои им е ветено продолжување на договорот, се сомневаат за уште една проневера од страна на раководството на фабриката. Директорот им кажал дека оваа недела ќе работат по 12 часа на ден. Не се знае ниту кога ќе се потпише договорот, ниту колку ќе биде дневницата и прекувремените часови кои ќе ги работат работниците. За трагедијата да биде уште поголема, во фабриката се зборува дека од наредната недела и стоте работници, коишто продолжија со работа ќе бидат отпуштени, додека пак фабриката ќе се затвори.
„Инспекторите коишто беа во фабриката во петокот, го казнија одговорното лице за неисплаќање плати со 1500 евра и си отидоа“, изјави анонимен извор за Гласник.
Редакцијата на Гласник контактираше со претставници на трудовиот инспекторат во Скопје. Тие се запознати со случајот, но конкретни одговори и решенија немаат. Според нив, случајот бил пријавен до инспекторатот и на лице место интервенирале регионални трудови инспектори. Како што истакнува државниот инспектор, платите кои не биле исплатени во петокот ги исплатила фирмата до вработените.
Додека пак, за отпуштањето на вработените, односно не продолжувањето на договорот на половина од работниците, од инспекторатот тврдат дека тоа е направено според мерата и потребите на сопственикот на фирмата. Работниците во таа фирма работеле на договор на дело и секој месец го продолжувале договорот.