Охрид неколку месеци без дневен центар за третман на корисници на дрога

ОХРИД, 30. 11. 2017 – Неколку месеци е затворен дневниот центар за третман на корисници на дрога во Охрид, јавува Канал 5. Поради денационалиција на имот центарот го сместиле во две соби од центарот за метадонска терапија во охридската болница.

Дневниот центар за третирање на корисниците на дрога во Охрид од пред неколку месеци е затворен поради правни разрешувања на денационализација.

Дел од граѓаните се бунтуваа и против оваа локација на центарот, која е во близина на детската градинка „Развигорче“. Сега центарот е затворен и опасноста за дел од населението е спречена, додека пак единствено место за третман на овие луѓе е центарот за издавање на метадонска терапија кој е составен дел од охридската болница.

Просторот на метадонскиот центар е мал, односно е ограничен во две соби. коишто не можат да одговорат на потребите, а на тоа место секојдневно доаѓаат луѓе од Охрид, Кичево, Струга и Дебар.

Над 170 корисници на третман на оваа институција се наоѓаат во ситуација на „самоснаоѓање“.

Од друга страна, се’ уште не е назначен министер за здравство во владата. Откако поранешниот министер, а сега градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари се откажа од министерската функција, се’ уште не е избрано лице за тоа место. Здравството се соочува со сериозни проблеми на сите страни, додека власта не покажува волја за решавање ниту на оние видливите, ниту пак на тие „невидливите“ проблеми.

|2017-11-30T17:25:58+00:0030 ноември 2017|Актуелно, Вести, Некатегоризирано|