СКОПЈЕ, 24.11.2017 – Триесет фамилии роми, кои живееја во импровизираната населба под скопско Кале, од минатата недела привремено се згрижени во контејнери во Визбегово. Уште десет фамилии чекаат згрижување. Овие четириесет фамилии, ќе бидат привремено засолнети до месец март идната година. Но, дали нивното згрижување далеку од центарот на градот е нивна гетоизација и сегрегација? Дали центарот на градот кадешто овие луѓе со својата работа ја обезбедуваат својата егзистенција се претвора во ексклузивна населба во која нема место за ромите и истите се отстрануваат со изговор дека се работи за подобрување на нивниот живот.
Mинатата година овие луѓе беа присилно иселени од нивните бараки, кадешто живееја десетина години, со цел на нивно место да се гради хотелски комплекс во барок стил, како дел од проектот „Скопје 2014“. Овие граѓани беа принудени да направат импровизирани живеалишта педесетина метри подалеку од тоа место. Подоцна, беа згрижувани во центарот за бездомници во Чичино село, кадешто во три соби беа распределени 120 членови на овие семејства.
Со уривање на нивните бараки, а со цел да се изгради хотелски објект претходната власт присилно ги исели овие луѓе, за да деновиве тие бидат комплетно отстранети од централното градско подрчје. Имено, тие својата егзистенција ја обезбедуваат преку работење низ центарот на градот, собирајќи картон и пластика. Со нивното преселување можноста да ја работат таа работа им се одзема.
Новиот министер за труд и социјална политика презема чекор за привремено решение, односно да ги смести овие луѓе во подобри услови oваа зима. Но, неизвесно е, што ќе се случи со овие семејства после месец март идната година. Дали новата влада има некаков план за местото на кејот на Вардар, кадешто досега во импровизирани живеалишта домуваа овие семејства. Зошто нивното згрижување не се направи на територијата на општина Центар? Овие прашања ги упативме до министерството за труд и социјална политика, меѓутоа до објавувањето на веста, одговор не добивме.
Редакцијата на гласник разговараше со овие семејства.
„Триесет семејства се сместени во контејнери во Визбегово. Останавме уште десет фамилии, кои чекаме да се направат уште десет контејнери за да бидеме сместени. Ова сместување ќе биде до март идната година, а после тоа што ќе се случи со нас не знаеме. Ова не е решение, иако е подобро отколку сместувањето во Чичино село“, вели еден од жителите на импровизираната населба под Кале.
Актуелната министерка за труд и социјална политика, Мила Царовска, неодамна на конференција за сиромаштијата изјави дека е битно зимава овие луѓе да не спијат во шатори под Кале, туку во привремени живеалишта во Визбегово.
„Сите регистрирани семејства, ќе си бидете сместени таму. Вашите деца ќе мора редовно да одат на училиште, без исклучок. Ќе си примате социјална помош и ќе ве посетува социјален работник еднаш неделно. Таму ќе има откупен пункт „Пакомак“, за да бидете ангажирани, затоа што тоа што го правите со собирање пластика не е мала работа за државата“, рече Царовска.
Во врска со долгорочно решение преку социјални станови за бездомни лица, министерката рече дека, размислуваат каков тип на колективно станбено живеење можат да обезбедат за овие луѓе. Според неа, една од опциите е, лицата да не смеат да го купат станот, туку да го користат додека се наоѓаат во економска немоќ, а потоа да го отстапат на друго лице.
Но, оваа група на обесправени граѓани со ромска етничка припадност се постојано во економска немоќ. Со нивното иселување надвор од градот им се одзема можноста да го заработуваат и она малку што досега можеа, работејќи во централното градско подрачје. Се поставува прашањето, зошто министерството не им обезбеди згрижување оваа зима во центарот на градот кадешто досега живееле? Дали централното градско подрачје е ексклузивен простор за богатите и средната класа која полека исчезнува, а периферијата на градот е местото каде сиромаштијата и ромите се сегрегираат и гетоизираат? Се поставува и прашањето дали можеби ваквите присилни преселувања на ромската заедница како и останатите сиромашни граѓани е новата форма на обесправување, а со цел да се отвори можност за лукративни заработки на градежни фирми кои би граделе на локации каде се наоѓале нивните поранешни живеалишта?
Во конкретниот случај токму изградбата на луксузен хотел беше иницијалната каписла што доведе до влошување на нивното право за домување. Се разбира, во оваа ситуација овој бизнис проект зависеше од промената на деталниот урбанистички план со што се уништија нивните бараки, се промени катноста и намената на замјиштето. Впрочем, стихијното менување на деталните урбанистички планови во Скопје последниве децении се воспостави дека е во корист на еден мал број бизнисмени поврзани со власта.
Проблемот не е само во Македонија
Слични присилни иселувања на немоќните и најобесправените се случуваат во многу урбани центри низ светот, кадешто поради финансиските интереси на неколкумина во соработка со државата ги преземаaт централно лоцираните населби на сиромашните, нивните жители ги иселуваат далеку од градот, давајќи им стан во замена, или пак паричен надомест.
Таков е случајот со ромите во централната истанбулска населба Сулукуле. Целата ромска заедница од оваа населба, којашто се наоѓа на атрактивна локација во стариот град беше отстранета присилно од страна на градските власти со цел да се отвори простор за градење на нова луксузна населба. Борбата на ромската заедница на која им се придружија активисти од градот траеше со години, но сепак не се успеа во обидот да се спречи преселувањето на ромите на речиси 30 километри оддалеченост од центарот на градот.
Скоро истото се случи и со населбата околу Кадифекале, кое важи за историски споменик во Измир. Градските власти присилно ги иселија жителите на оваа населба, коишто со години живееја и работеа овде и во околината. Кадифекале се наоѓа во централен дел на Измир. Жителите, чиишто куќи беа срушени, претежно се од курдското население во Турција. Ним им беа дадени станови во замена многу далеку од центарот на градот, а на некои од нив само мала сума на пари, со којашто не можеа да си купат ново живеалиште. Градските власти присилно ги иселија овие луѓе далеку од центарот на градот, со изговор ова место да го направат туристичка дестинација.
Слична политика кон ромите спроведува и нашиот јужен сосед. Летото 2017 Европскиот центар за права на ромите ја обвини Грција за етничко чистење на ромите кои живееле на островот Миконос. Полицијата во рок од неколку дена ги собрала сите роми на островот и ги ставила на брод. Со тоа целокупната ромска заедница била елиминирана од островот, којшто е познат како атрактивна летна дестинација за туристи од целиот свет.
Авторка: Сенада Ибраимова