Новите сознанија и вештачења отвораат сомнеж дека поетот Пабло Неруда бил отруен

ЛОНДОН, 21. 10. 2017 – Неодамнешните вештачења, потврдиле дека животот на чилеанскиот поет Пабло Неруда не згаснал поради рак на простатата, јавуваат светските медиуми меѓу кои и британската Бибиси. Сомнежите дека поетот бил убиен се зголемуваат и зацврстуваат, особено откако шоферот на Неруда, Мануел Араја даде изјава дека тој бил отруен со инекција која му била вбризгана во стомакот.

12 дена откако воениот пуч беше извршен во Чиле во 1973 година од страна на генералот Августо Пиноче, јавноста беше информирана за смртта на големиот поет Пабло Неруда. Официјалната причина за смртта беше рак на простата. Меѓутоа, според новите тестирања извршени од страна на екипа вештаци  причината за смртта на Неруда не бил канцерот. Понатамошни истражувања треба да ја откријат вистинската причина.

Според изјава на Араја, шоферот на Неруда, за Бибиси во 2013, Неруда додека спиел бил отруен со инекција од страна на тајните служби. На неодамнешната прес конференција вештакот Аурелио Луна истакнува со „100% убеденост“ дека ракот на простата не е причината којшто јавноста ја знаеше за смртта на Неруда. Иако поетот страдал од оваа болест, според 16 меѓународни ескперти, неговата состојба не била критична.

Неруда умира на 23 септември 1973 година, 12 дена откако Пиноче преку воениот пуч ја презема власта на Чиле и воспоставува диктатура. Смртта се случува три дена откако му бил понуден азил во Мексико.

Неруда бил близок пријател со Салвадор Аљенде, чилеанскиот претседател и социјалист. Неруда ги делел социјалистичките политички погледи и тоа е една од причините за за напуштање на својата држава каде Пиноче воведува терор против социјалистите и прогресивните политички сили. Убиството на Неруда најверојатно било посакувано од новиот режим кој најверојатно се обидел да го спречи создавањето на опозиција предводена од светски познатиот поет.

По пучот во Чиле радикално се менува политичкиот и економскиот систем. Пиноче под диктатот на економската чикашка школа или т.н. чикашки момци (Chicago Boys), ја трансформира Чиле во една бизнис ориентирана држава. Чикашките момци, кои во 70-тите и 80-тите години под инструкции на економските модели на Милтон Фридман и Арнолд Харбергер, ги инспирираат економските неолиберални политики на Чиле. Со дерегулацијата на економијата и приватизацијата на скоро сите индустриски сектори во државата, во Чиле се укинува правото на минимална плата, се урнисуваат сите обиди за синдикални дружувања и драстично се намалуваат даноците на богатите и оние на добивка.

|2017-10-24T18:35:41+00:0021 октомври 2017|Актуелно, Вести, Култура|