БИТОЛА, 19. 10. 2017 – Во 2014 година јавните паркинзи во Битола, преку концесионерски договори паднаа во рацете на градежната фирма „Стентон Градба“. Образложение за ваквата одлука беше решавањето на паркинг метежот кој се случуваше во градот со години наназад, но и можните вработувања на нови лица во приватната фирма. На приватниот концесионер во 2014 за зонско паркирање му беа дадени вкупно 1.940 места. Најголемиот број од нив во централното градско подрачје. Концесионерството, коешто претставува завиена форма на приватизација на државната сопственост, меѓу другото, е поттикната од обидот на капиталот да ги претвори јавните услуги и јавниот простор во профитабилен бизнис. Овој вид на приватизација се шири во последните години низ целата држава
Приватната фирма, „Стентон Градба“ во 2015 година, освен со битолските паркинзи, почна да управува и со паркингот на битолската Клиника. Таа победи на третиот по ред конкурс за давање на паркинг под концесија во Клиничката болница. Со тоа и на ова место воведе наплатна рампа.
Минатата година, општинските советници на тогаш опозициската партија СДСМ, неколкупати излегоа на прес конференции, кадешто нагласуваа дека не го прифаќаат т.н. „зонско паркирање“. По барање на советниците на оваа партија, беше доставено барање за раскинување на Договорот за јавно приватно партнерство, кој е склучен помеѓу Општина Битола и „Стентон градба“ ДОО Битола – ДНП Градски паркинзи.
Причината за барањето за раскинување на договорот беше како што кажаа од СДСМ, неисполнувањето на прописите од договорот, односно прекршување на договорот, техничката аргументација и правилникот за работа. Еден од условите на договорот е дека, доколку во период од три години не се исполнат техничките услови предвидени со членовите на истиот, општината има право на еднострано раскинување на тој договор, без финанскиски консеквенции.
Причините за прекинување на договорот не се само техничките аспекти за коишто зборуваа советниците на тогашната опозициона партија. Има два елементи коишто ги загрижуваат граѓаните, а претставуваат есенцијална точка на овој однос на концесија. Имено, станува збор за економската логика и целта на овој договор која никако не се исполнува.
Една од причините на Општина Битола за оваа мерка беше дека општината ќе добива средства како надомест од приватниот концесионер. Тие средства во секој случај ќе бидат од џебот на граѓаните кои и така живеат во лоши социјални услови, земајќи предвид дека Битола како град последниве децении уназадува во секое можно поле, почнувајќи од економија, па се’ до политика, култура, стопанство, со што, овој начин на „финансирање“ на градот претставува еклатантен рекет врз граѓаните.
Другата причина се вработувањата на шеесетина луѓе. Но, ниту општинските власти, а ниту во аргументот на опозицијата против концесионерството не се спомнува експлоатацијата на тие работници, чијашто плата е многу ниска, на граница на минималната. Честопати нивните договори се раскинувани без претходни напомени, а во нивната фирма, како и во сите други, создавањето и членување во синдикат е забрането. Работничките права се минимизирани „до коска“.
На крај, целта на распишувањето на конкурсот за концесија на јавните паркинзи условно е решавање на проблемот со паркинзите. Три години подоцна, не само што хаосот со паркинзите не е разрешен, туку истиот е зголемен. Во Битола граѓаните се жалат на немањето идеја на градот, па и на концесионерот за надминување на овој проблем. Згора на тоа како што велат граѓаните, треба да плаќаат за нешто коешто не го ни добиваат во потполна смисла на зборот, а тоа е сообраќаен ред, а не метеж.
Што претставува концесионерството?
Концесијата е облик на јавно приватно партнерство. Подразбира отстапување, дозволување, препуштање, односно дозвола што државните (јавни) власти ја даваат на физички/правни лица со цел да извршуваат некаква дејност. Таа дејност треба да е според некакви пропишани услови.
Концесијата може да се извршува во повеќе области. Од рударство, се’ до сообраќајна инфраструктура, спорт и друго.
Концесионерството како еден неолиберален метод се јавува во рамки на концептите на јавното приватно партнерство и во Македонија станува многу присутно. Честопати власта, неможејќи да реши одреден проблем во општеството, а притоа не сакајќи да создава дополнителни институции или и јавни претпријатија, коишто ќе се справат со таквите појави, посегнува по овој принцип на решавање.
Оваа завиена форма на приватизација на јавното, меѓу другото, е поттикната од обидот на капиталот да ги претвори јавните услуги и јавниот простор во профитабилен бизнис. Економските квази бенефити кои се слеваат во буџетите на општините, но и во државниот буџет, доаѓаат од граѓаните, коишто го плаќаат данокот и останатите давачки на централно и локално ниво.
Концесионерството се шири во последните години низ целата држава. Во 2015 година, Општина Штип објави оглас за концесија за паркинзи и киосци. Фирмата „Зендолино“ ја доби концесијата, за месечен надомест од 360 евра, со што ќе стопанисува со паркингот до Трговскиот центар. Концесионерот има обврска да плаќа наемнина на општината, треба да го уреди просторот и има можност да го користи според свој начин на организирање.
Во 2012 година, дадени се концесии за бродовите во реката Вардар за рок од 20 години на управување. Покрај спорните урбанистички аспекти на истите, уште по спорни се напорите да се приватизираат и делови од реката на кои се поставени бродовите.