Кон 100 годишнината од Октомвриската револуција

Октомвриската револуција може да се смета како еден од најважните настани во историјата на човештвото. Секако, ова е така, доколку човештвото има верба во рамноправност и слобода.

Таа е дел од низата обиди за отпор против капитализмот како револуцијата во 1848 и Париската комуна од 1871 година, коишто ја дефинираа борбата за еднаквост, слобода и работнички права во 20. век.

Во раните 1900-ти години, царизмот ја штитеше својата власт и покрај тоа што капиталистичките односи навлегуваа во руското општество. Селаните, буржоазијата и работниците истовремено се кренаа на востание против неправдата  и нееднаквоста. Развојот на настаните за краток временски период доби на интензитет.

За време на империјалистичкиот судир во првата светска војна во Русија, во февруари 1917 година царизмот беше урнат и на негово место дојде буржоазијата, а во октомври истата година, работничката класа заедно со сиромашните селани ја урна истата од власт. За првпат во кратката историја на капитализмот, работничката класа дојде на власт на територијата на една огромна империја. Ова беше првиот обид да се гради општество без експлоатација.

Во советскиот сојуз науката, философијата, уметноста, естетиката, спортот, образованието, здравството и градовите помеѓу 1917 и 1989  беа организирани на многу поразличен начин и со различна содржина за разлика од капиталистичките општества. Во советските републики се отвораа научни институти со забрзано темпо за разлика од денешните, во кои капиталистите поаѓаат од личните интереси и профитот. Во советскиот сојуз постоеше централно планирање за развојот кое беше засновано на еден колективен обид да се подигне сеопштиот стандард на живот.

Краток развој на настаните од февруари до октомври и одлуките од Петроградскиот конгрес

Со Октомвриската револуција, според стариот календар на 25 октомври, а според денешниот календар на 7 ноември, работничката класа и сиромашните селани ја преземаа политичката власт во свои раце. Но, секако, револуцијата не започна од овој посебно значаен ден, туку тоа претставува еден подолг процес.

Болшевичката партија на почетокот на август 1917 година го оствари 6. Конгрес

Во месец јули 1917, во Петроград се крена востание против буржоаската влада, на кое се приклучија масите. Болшевиците беа свесни дека, условите се’ уште не се зрели за превземање на власта. Истовремено, во другите градови во тој период нема воспоставено доминација, така што преовладува тежината на Меншевичката и партијата на селаните во многу совети, а буржоазијата истовремено е способна да упати контрареволуционерна воена сила во Петроград.

Болшевиците се обидуваат ова востание да не се претвори во контрареволуционерна победа. Тие даваат насоки на востанието и ги штитат народните маси.

По ова, се прогласува вонредна состојба. Пробиени се седиштата на Болшевиците и затворени се нивните весници.

Во вакви услови, Болшевиците менувајќи го местото на состанување за 6. Конгрес, се собираат во Петроград. Ленин не успева да учествува на овој конгрес, бидејќи во тоа време е во илегала.

Болшевиците на овој конгрес, кој се одржал помеѓу февруари и октомври (патем тие во меѓувреме тројно се зголемуваат), после долги расправи донесуваат одлука дека, времето за социјалистичка револуција е дојдено, а за ова треба да се кренат на оружана борба, така што ова претставува точка на пресвртот.

Октомвриската револуција ни’ покажа дека, револуцијата е можна токму во место за коешто според претходните теоретски размислувања не можеше да се предвиди дека ќе се случи. Русија немаше развиен капиталистички поредок, нешто кое според марксистичката теорија од 19 век беше предуслов за револуција.

Што значи зборот револуција и зошто револуцијата не може да биде шарена

Октомвриската револуција е потсетник за тоа што навистина значи револуција и не’ предупредува да не го користиме тој термин за политички акции и процеси, кои не се насочени кон рушење на капиталистичкиот поредок. Денес, кај нас, по минатогодишните протести против поранешната власт, честопати се среќава изразот „Шарената револуција“, која е далеку од тоа што во науката се дефинира како револуција. Површните законски измени, несанкционирањето на коруптивните зделки, релациите со бизнис секторот и други слични случувања по заминувањето на поранешната власт, зборуваат за тоа дека станува збор за презмање на власта од политичка партија, којашто воопшто не е револуционерна, а ниту пак радикална. Оттука, изразот „револуција“ во контекстот на протестите против владеењето на ВМРО – ДПМНЕ на чело со Никола Груевски, не само што не е оправдан, туку не’ спречува да размислуваме какви се можат да бидат револуционерните и коренитите промени потребни на Македонија.

Работниците и селаните на востание против системот во Русија, во 1917

Демонстрантите на т.н. „Шарена револуција“ фрлаа боја против тогашната актуелна власт во Македонија, во 2016

 

Авторка: Сенада Ираимова

|2020-05-21T18:38:09+00:0018 октомври 2017|Актуелно, Некатегоризирано, Свет, Став|