На последните парламентарни избори одржани во Декември минатата година, граѓаните, генерално избраа уште една влада предвоена од двоецот СДСМ-ВМРО, ако се земе предвид дека овие две партии заедно освоија 100 пратенички места од вкупните 120. Турбуленциите околку формирањето владина коалиција завршија. СДСМ продолжува онаму каде што застана ВМРО. ДУИ-нг бизнисот со тендери продолжува. По завршување на мандатот на новата влада, ВМРО и СДСМ ќе се изедначат во времетрањето поминато на власт (секоја по 15 години). ДУИ ќе ита кон 20-тата година континуирано владеење.
За живот во Македонија“ – гласеше слоганот на крајниот победник СДСМ. Претходно, кампањата за симнување на власт на ВМРО ДПМНЕ се одвиваше под слоганот „Вистината за Македонија“. Деновиве, кога изминаа и заминаа првите 100 дена од владината коалиција предводена од СДСМ, знае ли македонскиот гласач кој ги реши изборите, која е вистината за Македонија? И ги почуствува ли, обичниот македонскиот граѓанин, барем првите знаци за живот во Македонија“? Чуствува ли разлика во животот пред доаѓањето на власт, и после востановувањето на власт на СДСМ? Апологетите на СДСМ ќе речат, „чекајте“ „па само 100 дена се“.
„Да“ – е одговорот. Но сто и кусур-те дена власт на СДСМ се повеќе од доволни да се види во кој правец ќе се одвива нивната политика во 4-годишниот мандат. Овие 100 дена покажаа толку многу работи, што само кратко осврнување на дузина „реформи“ е доволно за да се заклучи дека излез од лавиринтот на транзицијата нема. Само во мрачните ходници, се гледаат фатаморганите, „оазите на живот“ од предизборните ветувања на на новооткриената социјалдемократија во редовите на СДСМ.
100 и кусур дена „живот во Македонија“
(поглед од сенка)
Овој преглед ќе се осврне повеќе на она што се најавува дека ќе се направи т.е на големите наративи, затоа што она што е веќе направено- ниту ја изложи „Вистината за Македонија“ ниту ја отвори вратата „За живот во Македонија“.Во меѓувреме, инсталација на џиновска макета на леб со натпис „Леб за сите“ беше поставена во центарот на Скопје од страна на анонимни автори. Инсталацијата информираше за следното: „Стапката на сиромашни лица во Република Македонија изнесува 21,5 отсто или повеќе од 450.000 луѓе. 70.000 луѓе можат да си дозволат три достојни оброци неделно. Повеќе од 100.000 луѓе преживуваат со помалку од 100 денари дневно“.
- Министерство за надворешни работи, Министерство за внатрешни работи и Министерство за одбрана
Р. Македонија секоја година ќе одвојува 2% од буџетот (наместо досегашните 0.7%) за полноправното членство во НАТО. Според истражувањата на креираното про-нато јавно мислење, граѓаните се загрижени за безбедноста на својот гол живот и празен стомак, и се согласуваат Р. Македонија да троши дополнителни 60 милиони евра за потребите на „сиромашкото“ НАТО, наместо за најзагрозените наши сограѓани.
Редовно насмеаните и скапо дотерани министри Шеќеринска и Димитров се тука злосторството да го претворат во триумф.
И министерот внатрешни работи Спасовски, два месеца претходно, изрази лојалност кон американската војска, дојдена наоружана до заби и со тешки оклопни возила, во центарот на Скопје. Мирниот протест на членови на политичката партија Левица и граѓански активисти заврши уште во првиот половина час. Со апсење на четворица од нив. Единствено нешто што направија овие млади активисти, беше носење транспарент „Против војните за профит“ и jугословенско знаме, нешто што според власта- било „говор на омраза“!? За министерот и македонската полиција, очигледно многу поприоритетно беше да се лишат од слобода овие лица, во период кога двајца вмровски функционери осомничении за криминал со забрана за напуштање на државата, ја преминаа македонската граница, како да преминуваат улица на пешачки премин. Вработувањето нов контигент од 500 полицајци на еден конкурс (практика воспоставена од претходната власт) очигледно е за да се спречат “радикалните“ левичари, а не сторителите на криминал. Впрочем, како и би било поинаку, кога меѓусебното амнестирање стана редовна пракса на главните играчи на политичката сцена во Македонија.
2. Министерство за финансии и Министерство за транспорт и врски
Даночната реформа на новата власт, го зафати само данокот на доход (данок за работниците со повисоки месечни примања), но не и данокот на добивка (или данокот за корпорациите). Очигледно, СДСМ како класична буржоаска партија чија единствена идеологија е опортунизмот на своите кадри за зграпчување на власта по секоја цена, и натаму повеќе гледа сојузник во македонската олигархија, отколку во македонската работничка класа. Дури и онаа придобивка, зголемување на минималната плата, се реализира до пола, и притоа-мутираше во чудна форма. Имено, наместо ветените 15 илјади денари минимална плата, покачувањето заглави на 12 илјади. Притоа, Владата реши да не го „загорзи“ својот сојузник, и покачувањето го овозможи со субвенционирање со пари од буџетот.
Со други зборови, теретот на реформата повторно ќе го платат најзагрозените, затоа што дупката во буџетот која ќе се создаде со оваа мерка, на крајот на денот, ќе се пополни преку се поизвесните мерки на штедење кои најмногу ќе ја погоди повторно оваа категорија на граѓани. Новата власт ја доби довербата токму врз оправданата критика дека претходната немилосрдно не задолжуваше, а притоа не инвестираше во капитални проекти. Во министерството за финансии, како советници, сега се истите оние луѓе кои креираа бројчананици за тоа колку се задолжуваме секоја минута од денот. И верувале или не, сега ја бранат истата стапка на задолжување, а од капиталните проекти кои генерираат развој и економски раст- нема ништо. Можеби за нив, најавената приватизација на Македонски пошти и „либерализација“ (читај приватизација повторно) на железничкиот сообраќај и МК Желелезници се тоа- капитални проекти.
Ќе видиме…
3. Министерство за економија. Министерство за животна средина и просторно планирање
Новата власт ја доби довербата и поради критиките за се поголемото загадување за кое претходната власт не преземаше ништо посериозно. Министерството за економија раководено од претходната власт издало концеции за изградба на цел ланец рудници за ископ на злато во Југоисточна Македонија. Населението од овие подрачја, собирајќи потписи за одржување референдуми против отворањето на рудниците, оправдано изрази сомнеж и страв дека се работи за „рудници на смртта“ поради нивното работење со цијанидни и сулфурни раствори со широк територијален опсег на аерозагадување и контаминација на почвата, во регион чие главно занимање и извор на егзистенција е земјоделието. После еуфоричниот налет на успешните референдуми во Гевгелија, Дојран и Богданци, следеше пресврт- неуспешни референдуми по истото прашање во Валандово, Босилово и Ново Село.
На што се должи пресвртот? Случајно или не, дописот на Министерот за економија од редовите на ДУИ, Крешник Бектеши, до Центарот за развој на југоисточниот плански регион, односно, до општините каде се одржани референдуми гласеше вака:
“Во Законот за минерални суровини, како и во Законот за концесии и јавно приватно партнерство, нема основ за едностран раскин на договорот за концесија од страна на концедентот, односно Владата на РМ, поради реализиран референдум или пак, граѓанска иницијатива, против започнувањето со експлоатација на веќе доделени концесии “.
Кога работниците немаат доволно развиена класна свест, „утешна награда“ е тоа што граѓаните имаат доволно развиена еколошка свест. Сепак политичката еманципација на населението, над две децении е во заложништво на несигурната егзистенција и поданичкиот однос спрема партиите на бипартизмот. Дописот на Министерството за економија, не може а да не се забележи, дека, на некој начин, влијаеше кај определен процент од таборот “верни до гроб на партијата“ и таборот „секогаш со власта“. Процент чија апстиненција значеше пропаѓање на последните 3 референдума т.е пропаѓање на надежта дека демократијата како „владеење на народот“ може да се одбрани и спроведе преку инструментитие на директна демократија.
За сиот овој временски период од 4 месеци на собирање потписи/гласање на референдуми, Министерството за екологија мудро молчеше, како што молчеше и за ригидното толкување на законите во интерес на концесионерите, од страна на Министерството за економија. „Работата“ на овој кабинет најдобро го објаснува феноменот кој продолжува да се случува: новата власт со мислите е сеуште во опозиција. Добар пример за тоа е учеството на протест против загадувањето пред Владата на заменик министерот за екологија, дводеценискиот сдсмовски кадровик Јани Макрадули. Јани отпорашот vs Јани заменик министерот. Да не беше трагично, а состојбата аларматна- ќе беше смешно.
„Режимот“ како домашно-меѓународна коалиција против
народот на Р. Македонија
Режимот падна! Патем, „режим“ беше и сеуште е, општоприфатениот опозициски назив за 10 годишната власт на ВМРО ДПМНЕ. Според официјалната приказна на владата, Р. Македонија е веќе трет месец закочена- пред портите кои водат надвор од лавиринтот, надвор од диктатурата и сиромаштијата. Но она што се гледа надвор од тие порти е зенитот на завршената транзиција. Тоа не е „розевата“ иднина на благосостојба, просперитет, мир и демократија која беше ветувана, туку тоа е „сивилото“ на раниот капитализам и држава во служба на досегашните партии кои се менуваа на власт, запоседната од нивните кадри, држава со меѓуетничка, социјална, и еколошка темпирана бомба во темелите.
Гласачите, кои поради изборниот модел, ја поклонија, некритички, довербата на СДСМ како најголема опозициска партија, не го гледаат лавиринтот на таквата одлука- често наречена „избор на помалото зло“. Граѓаните на Р. Македонија досега излегоа на 7 парламентарни избори, и со два исклучока, секогаш го бираа „помалото зло“, без оглед дали тоа е тогашната опозиционо ВМРО или тогашната опозициона СДСМ. Оние пак, што го увидоа таквиот лавиринт, а го поддржаа СДСМ, очигледно поверуваа на спасителниот имиџ на ребрендираниот СДСМ за потребите на предизборната кампања, притоа заборавајќи ја улогата која ја има оваа партија од самите почетоци на плурализмот, поточно бипартизмот на македонската политика сцена. СДСМ, отсекогаш бил, послушен ученик на меѓународната заедница и креатор и стаблен партнер на домашната олигархија. Изолирајќи го ВМРО од процесот на формирање влада со албанските партии, меѓународната заедница (САД и ЕУ), со своето пресудно влијание, практично го донесоа СДСМ на власт. Контра-услугата која треба да ја направи СДСМ, ја гледаме или допрва ќе ја гледаме. Она што загрижува е секако фактот дека во приоритетите на меѓународната заедница за Македонија, секако не се интересите на македонските работници. Високиот претставник на ЕУ, Јоханес Прибе, толку извештаи напиша за заробената држава (притоа мислејќи на правосудството), а ништо не напиша за заробената економија- заробена од најнискиот и рамен данок на добивка во Европа. Нејасно е воопшто, како во ниеден од извештаите на ЕУ не стана збор за изедначување на просечната даночна стапка која важи за корпорациите кои работат во земјите на ЕУ (а која изнесува над 30%) со даночната стапка во Македонија (10%). Секако, од ваквиот „даночен рај“ немаат бенефит само странските компании, туку и домашните. Истите фирми, истите газди, обединети во Стопанската комора на Македонија, наместо кон владејачката ВМРО, сега парите ќе ги насочат кон владејачката СДСМ. Интересот е обостран и обусловен. Стопанската комора, гледајќи ја ранливоста на згазениот СДСМ од 10-годишното бидување во опозиција, ја испорача својата сметка уште на старотот. Г-динот Кочо Анѓушев, претставник на Стопанската комора беше назначен за вице-премиер. Сојузот „Влада на РМ-Меѓународна заедница-Домашни и странски газди“ го отгна превезот на тајновитост и стана официјален-јавен. Режимот, меѓудругото, е токму тоа. Партнерскиот однос меѓу домашно-меѓународната политиката и крупниот домашно-странскиот капитал, кој порано или подоцна, секогаш работи во насока на згазување на обичниот човек.
Конечно, тешка ќе е задачата на „Министерството за пропаганда (и 40те негови советници) паѓањето на режимот да го претставикако нешто што се случило или што почнувало да се случува. Во реалноста, режимот е диктатурата на капиталот, и неговите политички слуги. Тој наместо да падне- напротив, се засилува. Логично. Како капитализмот влегува во најнеразрешливата криза од своето постоење, така режимот ќе јакнее, како и секој режим кој ги насетува претпоставките за својот крај.
Автор: Зоран Василески