Пишува: Јордан Шишовски
Под превезот на пропагандните машинерии – популарно нарекувани „односи со јавност“ или „ПР“ – зад внимателно изработената маска на чесност и искреност на политичарите, секогаш стои човек. Човек со сите маани како и секој од нас. Но, понекогаш и со дополнителни маани, дополнителна патологија што го турка во политиката.
Политиката и политичкиот повик може да имаат два аспекта што ќе ги наречеме „светла страна“ и „темна страна.“ Светлата страна на политиката е идеалната – како треба да се разбира политиката во едно праведно, слободно и демократско општество. Во едно такво општество на површината треба да излезат личности кои постигнале многу во своите животи, помогнале на многу луѓе околу себе. Како такви, со силно развиени доблести, со развиен карактер, се одзиваат на повикот, на должноста да помогнат и на заедницата.
За овие личности јавната служба е несебично служење на наредните генерации. Преобразба на општеството во поправедно и послободно. За нив јавниот интерес е пред и над личниот интерес. Повикот на служба во сферата на јавноста за нив е света должност. Праведните и слободни општества ги препознаваат овие личности и ги избираат за свои претставници. Од друга страна, луѓето кои го ставаат својот интерес пред јавниот ги оддалечуваат од јавната сфера. Во древната атинска демократија, овие луѓе биле нарекувани со зборот „идиотес,“ што во слободен превод би било „саможиви“ или „себични.“
Темната страна на политичкиот повик произлегува од овие, аномалични, особини. Политичарот што преминал на Темната страна е лицемер – тој се преправа дека е несебичен и искрен. Но, неговиот „повик“ е жедта за брзото и лесно збогатување. За него личните интереси се почетокот и крајот на неговиот интересот за политиката! Тоа се суштества без доблести, без карактер, без образ. Неслободните и неправедни општества се заробени од овој вид на аномалии во костуми. Тие доминираат. Нивните (не)-вредности се законот на земјата.
Црпењето од Јавните добра за лична корист ги пресушува Јавните добра. Принципот „и,стото исто привлекува,“ значи дека овие луѓе се окружуваат со себични и саможиви помошници. Така, целото општество тоне. (Не)-вредностите на елитата премината на Темната страна се хегемониски. Тие се само-очигледни. Јавниот говор за потреба доблести и личности со карактер во јавната сфера се прифаќа со цинизам и недоверба.
Македонија јасно спаѓа во втората категорија. Политичките елити јасно спаѓаат во категоријата на аномалии во одела преминати на Темната страна. Маските за искреност и чесност многу лесно паѓаат преку мали знаци, мали „фројдовски слизнувања на јазикот.“ Тоа е кога некому, сакајќи да ја скрие вистината, таа несакајќи ќе му се „лизне.“
Мислам дека една такво „фројдовско слизнување на јазикот“ му се случи денеска и на нашиот градоначалник на Општина центар, Андреј Жерновски. Имено, јасно е дека тој не успеа да го одржи ентузијазмот заради кој ги доби претходните избори во невозможни околности. Граѓаните на Центар се разочарани од недостатокот на резултати и од нефункционалност на општината. Но, како типичен македонски политичар, тој си ја постави својата цена на маса пред СДСМ: или ќе му биде исплатена или ќе се кандидира повторно – што значи сигурна победа за ВМРО. СДСМ попушти – Жерновски влегува во партијата и во висока позиција во централната власт.
Тука доаѓаме до клучното фројдовско слизнување на јазикот. Жерновски во своето срцепарателно простување од функцијата на својата Фејсбук страна објави:
Како одговорен човек и политичар, секогаш ќе ги ставам единството и напредокот пред личните интереси. Затоа ја повлекувам независната кандидатура и давам целосна поддршка на партијата во новата битка која ни претстои.
Што значи ова фројдовско слизнување на јазикот? Многу јасно значи дека за Жерновски, во случајов парадигматичниот политичар од Темната страна, јавната функција, градоначалничкиот повик претставува личен интерес. Употребата на множинската форма е уште попарадигматична, тој вели „личните интереси“! За Жерновски, според сопствените зборови, јавната служба како градоначалник на Општина Центар спаѓа во категоријата лични интереси. Тој навидум се откажува од функцијата, односно од „личните интереси.“ Но, видовме дека „откажувањето“ е всушност обична зделка за подобра функција. Ако за Жерновски градоначалничкиот јавен повик се „лични интереси“ тогаш секако дека и повисоката функција за него ќе биде од уште поголемо значење за неговите лични интереси!
Ставовите искажани во овој текст се лично мислење на авторот. Редакцијата на Гласник.мк не нужно се согласува со истите.