Министерството за правда во последен момент оневозможува кандидатски листи да учествуваат на локалните избори!?

СКОПЈЕ, 12.09.2017 – Министерството за правда испрати допис до претседателите на судовите дека кандидатите за советничките листи за претстојните локални избори, наместо уверенија од кривична евиденција, треба да достават уверенија од казнена евиденција. Овој допис е објавен 48 часа пред крајниот рок за доставување на листите. Досегашната пракса ги предвидуваше и двата типа на документи. Помалите политички партии сметаат дека ова е тивка елиминација на учество на понеимотните партии на локалните избори на сметка на поголемите и партии.

Членови на Президиумот на Левица се револтирани од оваа постапка на Министерството и Државната изборна комисија и сметаат дека ова е начин на елиминација на противниците.

Здравко Савески од Левица смета дека, оваа постапка на Министерството за правда при новата влада предводена од СДСМ е намерна, со цел да го комплицираат и оневозможат учеството на локалните избори на партии кои не се финансиски моќни.

„Веќе поради комплицираните бирократски правила ја оневозможивте Левица да учествува во една општина. Ако ви помине кецарошката финта, можеби ќе ни’ елиминирате дури 80% од листите. Браос! Со кои бирократски финти си ја штитите власта и фотелјите! И вие сте се бореле против режимот? Па вие сте бре режим во најава! Ова ни ВМРО-ДПМНЕ не го правеше!!!!“ напиша Здравко Савески на својот фејсбук профил.

Остра е и реакцијата на Димитар Апасиев кој смета дека оваа одлука на Министерството е мотивирана со цел пресметка со помалите партии.

„Се си мислам дека ова е добро осмислен и перфиден кукавички ПЛАН за тивка процедурална елиминација на политичките противници, за да можат да се појават само „големите партиски играчи“, нагласува Апасиев на неговиот фејсбук профил.

Со цел да добиеме повеќе информации, за тоа зошто во последен момент се менуваат потребните документи за поденсување на кандидатски листи за изборите, се обративме до Државната Изборна Комисија, но оттаму на повиците не ни’ одговорија. По неуспешните повици, Гласник писмено се обрати и до Министерството за правда, меѓутоа до објавувањето на оваа вест, не добивме одговор.

Досега процедурата за поднесување на кандидатски советнички листи не прецизираше дали уверенијата за неосудуваност ќе бидат од кривична евиденција, или пак од казнена. За поднесување на документите важеа и двете, меѓутоа нејасно е зошто Министерството за правда при новата влада предводена од СДСМ во последен момент одлучи дека, наместо од кривична, уверенијата треба да бидат од казнена евиденција. Рокот за поднесување на кандидатските листи е до петок, 15. септември, односно заклучно со четврток, 14. септември, што значи дека, оние кандидати на политичките партии, кои се воделе по старата постапка немаат можност да извадат нови уверенија, бидејќи рокот на издавање на ваквите уверенија може да трае и до три дена. Од друга страна пак, досега извадените документи, доколку не се признаат за важечки, ќе значат само финансиска загуба на политичките партии и голема веројатност да им пропаднат некои од кандидатските листи.

|2017-09-13T09:52:51+00:0012 септември 2017|Актуелно, Вести, Некатегоризирано|