„Наместо патеката и каналот да бидат уредени во истата состојба, редовно одржувајќи го просторот, општината без консултации со граѓаните го работи проектот, при што се бетонира природата“
ОХРИД, 25.08.2017 – Пешачката патека, која се протега од каналот Студенчишта до хотел Парк во Охрид, којашто општината ја бетонира и реконструира повеќе од две години е во завршната трета фаза. Вчера градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески го презентираше отчетот за сработеното, испечатено на 260 страници, при што имаше реакции од граѓанската иницијатива Охрид SOS, на нивната фејсбук страница, за тоа дека, со уредувањето на каналот Студенчишта, најмногу настрада природата
Каналот Студенчишта важеше за мирно место, со релативно нечепната природа, со големи дрвореди, кадешто луѓето одеа да се прошетаат. Некои ќе застанеа на брегот да уловат некоја риба, се паркираа кајчиња и по некој брод. Вака граѓанската иницијатива Охрид SOS го опишува каналот Студенчишта, кој после проектот на општината за негово уредување не е веќе тоа што беше, туку е покриен со бетон, а исечени се десетици дрвја.
„Работите почнаа да се менуваат кога „елитите“ почнаа да ги паркираат своите скапи јахти и глисери во каналот, и тој одеднаш стана паркинг, а поради употребата на моторни масла, чистење на бродовите со хемикалии, имаше чести помори на риба. Во одредени периоди од годината водата има чудна боја. Паралелно со главниот канал, имаше и еден помал, со бујна вегетација, но помалку запуштен“, велат од иницијативата.
Тие нагласуваат дека, наместо да се уреди како што е, или да се зачисти малку просторот редовно одржувајќи се, без никакви консултации со граѓаните и без никаква најава, општината закачила табла, по што започнал проектот на уредување на каналот. Од општината најавија дека, ќе се користат природни материјали, но напротив, велат од иницијативата, овде најмногу настрада природата.
„Се исекоа десетици дрвја, се бетонира дното на малиот канал, се уништи флората и фауната, се бетонира целиот брег. Се исчисти безмалку се’ што е природно, и се замени со стерилна сценографија“, потенцираат од иницијативата.
Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, вчера во општината го презентираше отчетот за сработеното во својот мандат. Според Охрид SOS, тој овој проект го презентира како успешен, како нешто многу значајно, а како што велат, не кажува што се’ се уништи, за да се направи и колку бетон се истури врз природата.
Тие се загрижени поради молкот на мнозинството граѓани и сметаат дека, додека нема притисок врз институциите, надлежните ќе прават што сакаат.
Авторка: Сенада Ибраимова