Според новиот извештај на Агенцијата за бегалци при Обединетите нации, бројот на бегалци што влегуваат во Европа преку медитеранската рута е намален, но опасностите од смртност остануваат високи.
Според извештајот забележано е драстично намалување на бројот на бегалци благодарение на договорот на Европската унија со Турција. Првата половина на 2017 година бележи намалување за дури 94% по морските патишта на Источниот Медитеран. Додека, вкупното намалување на протокот на бегалци во целиот Источен медитеран, вклучително и кон Бугарија, Кипар и копнената граница меѓу Турција и Грција бележи пад од огромни 92%. Со тоа централна рута на Медитеранот претставува Италија со 83.752 пристигнувања, а западната рута, кон Шпанија е зголемена за 93%.
Иако бројот на пристигнувања е значително намален, смртоносната опасност останува висока. Имено, според извештајот се проценува дека 2.171 бегалци загинале при обидот за премин на Медитеранот, споредено со 2.470 во истиот период минатата година. Најопасни точки се Нигерија, во чии што пустински предели огромен број бегалци се киднапирани, Либија, со злогласните логори каде што бегалците се измачуваат, и секако морскиот премин преку Медитеранот, каде што е најголема смртноста. Ризикот од смртност на море, според извештајот, е 1 од 39 обиди.
„Преземањето мерки за намалување на бројот на бегалците и мигрантите кои пристигнуваат во Европа, без истовремена подршка на мирот, развојот и безбедноста, е морално неприфатливо,” изјави Високиот комесар за бегалци Филипо Гранди. „Не можеме да си дозволиме да ги игнорираме злоупотребите едноставно затоа што тие се случуваат надвор од нашиот поглед”, додаде тој.
Изразито е висока и смртноста на бегалците по копнената рута, каде што најголем број, 73% од смртните случаи се забележани на граничните премини помеѓу европските држави. Насилните трговци со луѓе, како и полициските кучиња на граничарите однеле 29 животи.
Извештајот на ОН вели дека продолжуваат грабежите и киднапирањата од страна на шверцерите. Властите на Бугарија, Хрватска, Унгарија, Грција, Романија, Србија, Шпанија и Македонија, според извештајот, ја влошуваат ситуацијата преку одбивања на азил, па дури и случаи на насилство.