СТРУМИЦА, 25.07.2017 – По донесената одлука за одржување на референдум во Босилово за гласање за „ЗА“ или „ПРОТИВ“ рудникот во Иловица, денес Советот на општина Ново Село едногласно донесе одлука дека референдум ќе има и таму
Еколошкото здружение „Здрава Котлина“ на својот фејсбук профил објави дека можна опција за одржување на референдум во Ново Село е за 17. Септември, односно две недели по референдумот во Босилово.
„Со задоволство објавуваме дека на денешната седница на Советот на Општина Ново Село, советниците едногласно изгласаа одлука за распишување на референдум на локално ниво во врска со рудникот Иловица. Како и во случајот со Општина Босилово, ќе се направат дополнителни проверки на законитоста на Иницијативата и одлуката, по што во најскоро време ќе уследи уште една седница на Советот на која формално ќе се потврди денешната одлука, вклучително и датумот за одржување на референдумот. Опцијата е за 17.09.2017, две недели по референдумот во Босилово“, велат од здружението.
Тие додаваат дека, пред да одлучи Советот, претставници на „Здрава Котлина“ и иницијативата „СТОП за рудникот на смртта Иловица“ имале свое обраќање, кадешто детално ги образложиле контроверзите и опасностите од евентуалната работа на рудникот.
„Изразуваме задоволство од третманот и соработката со првите луѓе на општината и одговорниот пристап на советниците од двете партии. Свеста за повисокиот, надполитички интерес на заедницата доведе до исклучително важна одлука од нивна страна, со што сите се ставија на страната на граѓаните и нивното право сами да решат дали се ЗА или ПРОТИВ рудникот“, додаваат од „Здрава Котлина“.
Во април се одржа референдум во Гевгелија, кадешто жителите се изјаснија дека се против отворање на рудник за злато на планината Кожуф. Во јуни, жителите на Богданци, исто така се изјаснија против отворање на нови рудници и дека се против продолжување со работата на рудникот во Казандол. За ова прашање на 20. Август ќе се изјаснат жителите на Општина Валандово. Во Босилово жителите на 03. септември ќе имаат можност да се изјаснат во однос на работата на рудникот Иловица, а по денешната донесена одлука и жителите на Ново Село ќе гласаат на ваков референдум.