СКОПЈЕ, 25.07.2017 – Претседателот на собранието, Талат Џафери изјави дека, одморот на пратениците ќе започне на 4. август, а оти локалните избори треба да бидат распишани до 6. август.
„(Одморот на пратениците ќе почне) од 4 август, а има можност да почне и од 6 август затоа што засега нема никаква иницијатива во однос на локалните избори и ако вака останат работите 6 август е краен рок да ги распишам локалните избори и со тоа да почнат да течат роковите и организацијата во однос на локалните избори и потоа би работеле до почетокот на предизборната кампања до 25 септември“, изјави Џафери за државната новинска агенција МИА
Во однос на ова, на својот фејсбук профил, членот на президиумот на Левица и долгогодишен синдикалец и борец за човекови права, Здравко Савески го изнесе својот кртички став. Тој вели дека, пратениците цели три месеци, односно од јануари до март годинава веќе беа на одмор. Притоа нагласува дека, тие земаа плата, а не одеа на работа.
Според него, тие доволно одмараа и сега ги чека работа. Додава оти, во момент кога имаат доста незавршени работи, тие размислуваат за годишен одмор.
„Ова се први 100 дена од новата влада. Во текот на првите 100 дена парламентарното мнозинство размислува за одмор?! Единаесет години ги трпевме ВМРО – ДПМНЕ, хаос направија во државата, треба сериозно да се засукаат ракавите и да се работи, а пратениците размислуваат за одмор?!“, истакнува Савески.
Од друга страна пак, најмалата плата на пратеник во Собранието изнесува 1.335 евра. Ова е сумата која, ја земаше пратеникот кој има најниска плата и кога Собранието не работеше, односно од јануари до март оваа година. Додека пак, новата влада предложи покачување на минималната плата на работниците на 12.000 денари. Разликата е неспоредливо голема. Партениците ги уживаат сите работнички права, земаат високи суми на плата, и’ покрај тоа што, владата е новоформирана тие ќе користат годишен одмор. Минималците пак, во текстилната, кожарската и другите нископлатени индустрии, работат и саботи, а прашање е дали некои од нив и ќе користат годишен одмор. Најчесто, тие претходно работејќи и на празници и саботи си го одработуваат годишниот одмор.