„Што те нема“ е проект на Аида Шеховиќ, истиот претставува партиципативна социјална инсталација, чијашто цел е да ја подигне свеста преку комеморирање на геноцидот во Сребреница. Проектот има номадска димензија и истиот се поставува во најразлични градови низ светот.
Систематското убивање на 8,372 мажи и деца од машки пол во Сребреница, претставува еден од најсвирепите настани после втората светска војна. Воедно ја прикажува и дволичноста на заштитничките сили на Унпрофор кои дозволуваат во тоа време, во Јули 1995 година, на територија, којашто била под нивна заштита и се сметала како сигурна зона, да се случи ваков злочин.
Кога сопругите на тие мажи биле запрашани што најмногу им недостига од нивните сопрузи, тие одговориле дека најмногу им недостига заедничкото пиење кафе. Така, секоја година на 11 јули, инсталацијата се сели од град во град со што истата станува отворена во најразлични градови и заедници за комеморирање и оддавање почит на загинатите.
Инсталацијата се состои од собирање на порцелански кафени шољи (филџани), кои притоа се донирани од страна на босанските семејства ширум светот. Вкупниот број на шољи кореспондира со бројот на пронајдени и идентификувани тела, кои на крај се закопуваат со име и презиме и датум на раѓање и смрт.