Втор „Квир бунт“ во СЦ „Дуња“

На 26 Јуни, 2022 година (недела), со почеток од 16:30 часот, во Социјалниот центар „Дуња“, втора година по ред ќе се одржи настанот „Квир бунт“.

Зборот „квир“ со потекло од англискиот јазик, означува чудно, настрано, поинакво, а се користел како навредлив термин за хомосекскуалните мажи. Зборот бил присвоен од ЛГБТ+ заедницата како намерно провокативен термин, како еден од начините за борба против хомофобијата. Во денешно време зборот „квир“ е општ израз што се однесува на луѓето кои не се хетеросексуални и цисродови.

Бунт е изразување на незадоволство, отворено противење. Неопходно е да бидеме бунтовни, кога се доведува во прашање уживањето на нашите права и слободи.

Овогодинешниот „Квир бунт“ ќе биде поделен на два дела, со две посебни активности кои нудат можност за креативно изразување на учесниците, споделување на своите идеи и ставови, како и подоцна уживање во музички настапи и неформална дружба.

„Гласник“ го пренесува целосно соопштението на организаторите на утрешниот настан:

„Преку настанот, повторно сакаме да ја потенцираме реалноста — да си квир значи да си бунтовник. Во време кога сме сведоци на сè построга реакција и сè почести напади врз квир заедницата (како и врз репродуктивните права и телесни слободи), важно е да се соочиме со реалноста: единствен пат кон слободата на квирот е преку борба, а не преку асимилација со нормативното кое толку немилосрдно нè напаѓа. Важно е и да ги отфрлиме обидите за наше разделување, особено кога сме сведоци на напади таргетирани конкретно кон нашите трансродови другари. Затоа, да ја негуваме солидарноста и взаемната помош меѓу нас и да бидеме гласни и немилосрдни во нашата одбрана и отпор.

Како дел од овогодишниот Квир Бунт, првата активност (со почеток во 16:30 часот) ќе биде zine работилница. Зиновите се кратки самоизработени и издадени креативни дела кои се осврнуваат на некоја тема од интерес на авторот. Како дела на самоизразување, зиновите можат да бидат начин за осознавање на својот идентитет, разработување на општествени прашања и споделување на своите сознанија со други. Не мора да бидете креативно талентирани за да учествувате во правењето зинови, само да бидете отворени за ново искуство.

Од 19:30 часот, ќе се дружиме на свирка на J∆M и подоцна ќе бидеме придружени од DJ Peneva.“

Како што објаснуваат другарите од колективот на „Дуња“ дека единствен пат кон слободата на квир заедницата е преку борба, така повикот на овој настан истовремено е и повик за меѓусебна солидарност.

„Квир бунт“ е исто така бунт и против сите оние кои пробуваат ЛГБТ+ борбата да ја зачуваат во рамките на денешниот опресивен капиталистички систем, наместо препознавање на фактот дека борбата на оваа заедница мора симултано да се одвива со борбата против капитализмот.

Настанот и оваа година ќе се одржува во дворчето на социјалниот центар Дуња. Ова е совршено место за еден поинаков начин на дружба, во простор опколен со зеленило, меѓу бетонот на главниот град.

За тие што не знаат каде се наоѓа социјалниот центар, адресата е ул. „Рајко Жинзифов“, бр. 22, Скопје, веднаш позади автобуската постојка спроти Градежниот факултет.

„Се гледаме на 26 Јуни, 2022, во 16:30 за промовирање на културните вредности според кои што сакаме да живееме!“ – истакнаа од организаторите на настанот.

 

Симона Наумоска

 

|2022-07-03T18:34:20+00:0025 јуни 2022|Актуелно, Вести, Гласни идеи, Култура|