Зошто замреа социјалните протести?

Фотографија од протестите против поскапувањето на цената на електричната енергија „Аман“ во 2012 година во Скопје.

Зошто заспа целото општество? Зошто замреа социјалните протести? Зошто замре дури и интересот за социјална правда? Ако се извлекува заклучок врз основа на отсуството на социјално незадоволство денес во Македонија, тогаш тој заклучок ќе биде дека проблемите, во голема мера, се под контрола. Социјалните протести, освен ретки исклучоци со мал број демонстранти, ги нема веќе пет-шест години. Доста индикативно, токму она што во 2012 година предизвика неколкумесечни протести, во неколку градови на Македонија, имено, поскапувањето на цената на електричната енергија и укинувањето на дневната евтина тарифа, во 2022 година предизвика – млаки забелешки по асоцијалните мрежи и типично меѓупартиско препукување. Ниту збор за организирање на протести. Барем засега.

Зошто замре бранот на социјални протести, особено изразен помеѓу 2012 и 2015 година? Има неколку причини за тоа. Причината што обично се наведува е разочарувањето од неисполнетите заложби на Шарената и од власта на СДСМ, која ја (зло)употреби Шарената. Се разбира, тоа одигра своја улога. Своја улога одиграа и асоцијалните медиуми, со канализирањето на незадоволството во виртуелната сфера и со атомизацијата на општеството и консеквентната неспособност да се организира критична маса демонстранти. А своја улога одигра и надразнувањето на националните чувства на етничките Македонци преку низа необмислени и вазалски потези на власта на СДСМ. Па фокусот беше пренасочен од социјалните на етничките прашања.

Но, има една причина за која се молчи. А која всушност е главната причина зошто замреа социјалните протести. А таа е: подигнувањето на животниот стандард на мнозинството од населението во претходната деценија. Не на сите, на мнозинството. Тоа мора јасно да се нагласи. Исто така важно е да се нагласи дека не станува збор за подигнување на животниот стандард што му овозможува на мнозинството да живее богато, туку за мало, но психолошки исклучително важно подигнување на животниот стандард, доволно да овозможи повлекување во приватната сфера, пораст на егоизмот и менување на карактерот на незадоволството, од социјално во потрошувачко. Оваа причина ги објаснува и останатите причини. Кога ножот навистина е до коска, тогаш човек ја нема привилегијата на изборот да преземе нешто или да не преземе во врска со тоа. Оваа привилегија ја има само оној кому не му гори под нозете. Па тој/таа може да одбере да биде пасивно разочаран од „новата“ власт, да го ограничи своето изразување незадоволство само на асоцијалните мрежи (без разлика на очигледната неефикасност од тоа) и, на крајот, да го има луксузот да се занимава со националните прашања.

Парите никогаш не се доста. Навлеченоста на оваа консумеристичка психологија, како и водењето на консумеристички начин на живот генерално, прави не само работниците, туку и капиталистите да се жалат дека не им стигнуваат парите. Но, на што се трошеле парите за да се дојде до ситуација при која парите што се заработуваат (и земаат на кредит) не се доволни? Дали тие се трошеле на основни средства за живот, дали се броел секој денар, дали ја имало принудата да се заштеди дури и на најопходното? Или парите се трошеле импулсивно, без многу да се внимава, за да се купи нов модел од истиот производ што е сосема функционален, правејќи трошоци поради удопства и луксуз, а не поради нужност? Првото индицира сиромаштија, додека второто индицира ниво на животен стандард што може да се перципира како недоволно високо (а при консумеризам, не постои ниво што ќе биде доволно високо!), но е јасно над нивото на сиромаштија. А на ова ниво дојдоа многу работници (не сите!) во Македонија во последната деценија, доживувајќи мало, но значајно подобрување на животниот стандард. По долгите години економска криза, социјални проблеми и стагнација, предизвикани од реставрацијата на капитализмот во 1990 година, дури по околу четвртина век крпење на животот наместо живеење, значителен дел од работничката класа во Македонија во последните неколку години конечно доби можност малку да ужива во придобивките од консумеристичкиот капитализам. И оттаму повлекувањето во приватниот живот, растот на егоизмот и замирањето на социјалните протести.

Пред да преминеме на бројките што се показател за ова подигнување на животниот стандард на мнозинството, ќе нагласам уште една важна работа. Како што остана незабележано подигнувањето на животниот стандард во претходните години (како од обичните луѓе, така и од силните „експерти“), исто така отсуствува сознанието дека овој краток период на здивнување е – на самиот крај. Веќе одредени бројки за 2020 и 2021 година го најавуваат тоа. Провладините и просистемските „експерти“ ќе ве тешат дека економските проблеми се минливи, дека повторно ќе си продолжиме каде што застанавме пред пандемијата, но натрупувањето на економските проблеми во Македонија, но и во светот кажуваат дека самиот систем, капитализмот, влегува во криза и дека нас нѐ чека период на пад на животниот стандард, а не на негово враќање на претходното ниво, или дополнително подигнување. И тогаш, ако не се организираме и спротивставиме, тоа ќе биде гаранција дека уште подлабоко ќе потониме.

Да не должам понатаму. Во продолжение ќе посочам на некои важни движења кај параметрите кои се важни за животниот стандард, во претходните десет години, од 2012 до 2021 година.

Трошоците за живот наспроти платите и пензиите

Ќе започнеме со споредбата на Синдикалната минимална кошничка, просечната и минималната нето плата, како и просечната пензија. Неодамна, новинари од „Слободен печат“ подготвија прилог во кој ги наведоа движењата на Синдикалната минимална кошничка, просечната и минималната плата. Овде ги прикажуваме податоците презентирани во овој прилог, дополнети со податоците за просечната пензија.

Табела 1. Синдикалната минимална кошничка, просечната плата, минималната плата и просечната пензија, 2012-2021. Извор: „Слободен печат“ и ПИОМ. Податокот за просечната плата во 2021 се однесува на месец ноември.

Како што може да се види од табелата, трошоците за живот на домаќинствата, мерени според Синдикалната минимална кошничка, во периодот од 2012 до 2021 се зголемија за 3.000 денари. Посебно загрижува што речиси половина од ова зголемување (1.300 денари) е само во последната година, но на тоа ќе се навратиме подолу. Во истиот период, иако пораснаа трошоците за живот, пораснаа и просечната и минималната плата и просечната пензија. При тоа, порастот на просечната и минамалната плата е двојно поголем од порастот на трошоците за живот (над 7.000 денари и двете), а повеќе од Синдикалната минимална кошничка значително порасна и просечната пензија (за речиси 5.000 денари). Ова значи дека во 2021 година работниците што примаа минимална или просечна плата имаа на располагање дополнителни 4.000 денари месечно за подмирувањето на месечните трошоци за живот во споредба со ситуацијата во 2012 година. Пензионерите, пак, имаа на располагање дополнителни 1.800 денари месечно во 2021 за разлика од 2012 година.

При тоа, треба да се има предвид дека разликата меѓу примањата и трошоците не се однесува само за еден месец, туку дека приближно во истиот износ важеше за цела година. Односно дека на годишно ниво, работникот што примал минимална плата во 2021 година имал на располагање околу 49.000 денари повеќе за подмирување на основните трошоци за живот за себе и своето семејство во споредба со 2012, работникот што примал просечна плата – околу 55.000 денари, а пензионерот со просечна пензија – околу 22.000 денари. Се разбира, сето ова не значи дека во 2021 година ситуацијата на работниците и пензионерите стана сјајна, но значи дека неспорно дошло до одредено подобрување на животниот стандард.

Податоците што ги објавува Заводот за статистика за движењето на цените на производите, исто така, покажуваат дека се зголемила куповната моќ на платите во однос на набавката на основните средства за живот. Најновото издание на „Макстат избор“, за 2021 година, содржи податоци за тоа колкаво количество од неколку производи (леб, масло за јадење, јајца, шеќер, бензин и хамбургери) можеше да се купи со една просечна плата во 2011 и 2020 година. Споредбата покажува зголемување на количеството кај сите наведени производи, дури и кога нивната цена во овој период се зголемила. И, се разбира, ова не значи дека во 2020 година работникот кој примал просечна плата купувал, на пример, 119 килограми леб во споредба со 2011 година. Тоа значи дека за купување на исто количество леб тој требал да одвои помалку пари од она што го правел во 2011 година. А парите што му преостанувале, можел да ги искористи за друга намена.

Слика 1. Куповната моќ на просечната плата, 2011 и 2020 година. Извор: „Макстат избор“, 41 стр.

Некој би можел да забележи дека ова можеби е точно за просечната плата, но не и за минималната плата. Во 2011 година сѐ уште не беше утврдена минимална плата, но ако ја примениме за 2011 година минималната плата од 2012 година (која важеше за најголемиот дел од дејностите), тогаш пресметката кажува дека, повторно, за сите наведени производи, куповната моќ на минималната плата е поголема во 2020 во споредба со 2011 (2012) година. Конкретно, во 2020 со една минимална плата можеше да се купат дополнителни 121 килограм леб, 117 литри масло за јадење, 711 јајца, 277 килограми шеќер, 138 литри бензин и 39 хамбургери отколку пред десет години.

(Не)вработеноста

Самиот факт што некој е вработен или невработен влијае врз неговиот животен стандард. Постојат работници што, иако се вработени, нивните плати се толку ниски што тие и нивните семејства сепак се под границата на сиромаштија. Процентот на овие работници во 2019 година бил 8,5%. Сепак, она што е неспорно е дека вработувањето поволно (иако не нужно во доволна мера) влијае врз животниот стандард.

Во третиот квартал од 2021 година стапката на невработеноста падна на 15,7%, што е најниско ниво од реставрацијата на капитализмот, па дури и претходно, за време на социјализмот. Ако ја разгледуваме невработеноста во периодот што го анализираме, ќе забележиме дека од 2012 до 2021 бројот на невработени лица, според податоците на Заводот за статистика, е – преполовен. Овој број падна од 293 на 148 илјади лица.

Табела 2. Број на вработени и невработени лица, 2012-2021. Извор: ДЗС, Активно население.

Во овој период дојде до масовно иселување, особено на младите. Па, намалувањето на бројот на лица што бараат работа се намали токму поради иселувањето. Но, кога се наведуваат причините за намалување на невработеноста, треба да се има дека иселувањето е една од двете главни причини за тоа, а не единствената причина. Имено, покрај преку иселување, невработеноста во Македонија од 2012 до 2021 се намали и преку вработување. Во третиот квартал од 2021 година имало речиси 150 илјади лица повеќе вработени отколку во 2012 година. Тоа, повторно ќе кажеме, значи дека животниот стандард на оние лица што биле невработени во 2012 година, а се вработиле во периодот до 2021 година, се подигнал (барем во одредена мера, иако нужно не и во доволна мера). Се разбира, некои лица што биле вработени во 2012 година, сега се невработени. Следствено, нивниот животен стандард сега е понизок од 2012 година. Но, општо земено, во 2021 година во однос на ситуацијата пред десет години значително повеќе луѓе биле во работен однос и не трпеле удари врз животниот стандард поради својата невработеност.

А сепак задолженоста експлодира!

Задолженоста на граѓаните на Македонија драстично се зголеми во минатата деценија. Буквално експлодира. Овде, за потребите на нашата анализа, ќе го разгледаме само долгот на физичките лица кон банките и штедилниците, значи нема да го разгледаме јавниот долг, долгот на фирмите кон банките и долгот на граѓаните кон т.н. финансиски друштва.

Во 2012 година вкупниот долг на граѓаните кон банките и штедилниците изнесуваше 1,4 милијарди евра. Десет години подоцна, овој долг порасна за 135% и достигна износ од 3,2 милијарди евра. Ако (сѐ уште) сметаме дека во нашата земја живеат 2 милиони луѓе, тоа значи дека во просек секое лице (вклучително и децата и бебињата) им должи на банките по 1.600 евра, а едно четиричлено семејство, следствено, има долг кон банките од 6.400 евра! При тоа, треба да се има предвид дека во овие износи не е вклучен дополнителниот долг кон т.н. финансиски друштва, туку само кон банките и штедилниците.

Индикативен е и порастот на потрошувачките кредити. Тие се убедливо најзастапениот тип на кредит на физичките лица кон банките, при што во претходните десет години тие забележаа поголем раст од вкупните кредити (200%), а нивното учество во вкупната сума на кредитите се зголеми од 41% во 2012 на 53% во 2021 година.

во милиони денари

Табела 3. Кредити на банките и штедилниците дадени на физички лица, 2012-2021. Извор: НБРСМ, Монетарна статистика. Податоците за 2012-2020 се однесуваат на месец декември, а за 2021 за месец ноември.

Како да се објасни фактот дека дојде до драстичното зголемување на вкупните кредити, а особено на потрошувачките кредити на граѓаните, иако денес, во споредба со ситуацијата пред десет години, поголем е бројот на лица кои преку плата остваруваат приходи и поголем дел од платата останува за трошење што не спаѓа во категоријата основни потреби за живот?

Се разбира, некои луѓе се принудени од сиромаштијата да земаат кредити. Некои се принудени да го направат тоа за да си го платат лекувањето, затоа што во приватните здравствени установи трошоците за лекување се прилично високи. Но, има и лица кои земаат кредити, особено потрошувачки кредити, заради навлеченост на консумеристички начин на живот. Па се земаат кредити за купување нов автомобил, нов мобилен телефон, општо повисоко ниво на трошење стоки и услуги, како и летувања на поексклузивни локации. Ако се има предвид зголемената вработеност и зголемената куповна моќ на платите во претходните десет години, тогаш причините за зголемувањето на задолжувањето кон банките значително повеќе треба да се бараат кај консумеризмот отколку кај сиромаштијата.

Уште една важна забелешка. Кога се зборува за животниот стандард, често не се зема превид дистинкцијата помеѓу животниот стандард врз основа на плата и животниот стандард врз основа на вкупните приходи. Овие вкупни приходи го вклучуваат и задолжувањето, како и исклучително важните дознаки, приливи од странство од емигрантите, кои изнесуваат над милијарда евра годишно и им носат приходи на оние семејства што ги примаат во просек од 2.500 евра годишно. Помеѓу овие две нивоа може да има значителна разлика. Така, на пример, може нечија плата да не е многу висока, но ако тоа лице трупа значителни долгови, тогаш тоа може да живее со повисок животен стандард отколку што му го дозволува неговата плата. Односно, народски кажано, да ги пушти нозете потаму од чергата. Бројот на вакви лица очигледно не е минимален. А тоа на теоретско ниво кажува дека, кога се зборува за животниот стандард, не е доволно да се земе предвид само износот на платите (кој може да биде релативно низок), туку и останатите приходи, вклучително и тие што се остварени врз основа на задолжување.

Темните облаци на небото

Целата оваа анализа ја пишувам со посебна намера да предупредам дека овој краток период од неколку години кога мнозинството од работниците можеа да здивнат, да имаат комфорен, добростоечки начин на живот, без поголеми социјални потреси, со значителни консумеристички излети, период во кој капитализмот, по близу 25 години создавање социјални проблеми и стагнација, конечно нешто испорача за работничката класа – се ближи кон крајот. Луѓето и самите ги чувствуваат негативните трендови. Инфлацијата веќе подолго време не била толку висока, се зголемија цените на храната, нафтените деривати, електричната енергија.

Погледнете ја повторно Табела 1. Посочивме дека за периодот 2012-2021 година минималната плата, просечната плата и просечната пензија пораснаа повеќе отколку Синдикалната минимална кошничка. Но, нивната споредба за последната година, од 2020 до 2021 година, покажува многу поинаква слика. Како резултат на инфлацијата, трошоците за живот, мерени според Синдикалната минимална кошничка, за само една година пораснаа за 1.300 денари, додека за целиот период од 2012 до 2019 пораснаа за само 700 денари. А при овој пораст на трошоците за живот, во последната година, и просечната плата и минималната плата и просечната пензија бележат пораст кој е помал од порастот на трошоците за живот. Најдрастична е разликата во однос на просечната пензија, која порасна за 393 денари од 2020 до 2021 година, додека трошоците за живот, мерени според Синдикалната минимална кошничка, пораснаа за дополнителни 1.000 денари.

Во капитализмот, во услови на економска криза, првите што го трпат ударот се најсиромашните. Заводот за статистика минатиот октомври не ги објави податоците за сиромаштијата за претходната година. Тоа помина потполно незабележано, а што е само уште еден показател за немањето интерес за социјална правда во овој период. Поради тоа, нема достапни податоци во моментов за сиромаштијата во 2020 година. Претходно, од 2012 до 2019 година бројот на лица под линијата на сиромаштијата се намали за речиси 100 илјади (од 540 на 448 илјади), а стапката на сиромаштија падна на 21,6%. Но, за очекување е дека сиромаштијата се зголеми во 2020, а дека дополнително се зголеми од тоа ниво во 2021 година.

Доста индикативни се трендовите кај социјалната парична помош. Бројот на социјално загрозени лица кои примаат социјална парична помош имаше постојан тренд на намалување од 2002 до 2019 година. Така, додека во 2002 година имаше 289 илјади лица што примаа социјална парична помош, до 2019 година тој број се намали за повеќе од 200 илјади и падна на 76 илјади. Се разбира, своја улога одигра и заострувањето на критериумите за добивање социјална парична помош, но намалувањето на сиромаштијата очигледно одигра значајна улога. И сега, после овој речиси 20-годишен тренд на намалување на бројот на приматели на социјална парична помош, во 2020 година дојде до драстичен пораст, од 76 на 102 илјади, што претставува зголемување за цела една третина (33,8%).

Графикон 1. Корисници на социјална парична помош, 2000-2020. Извор: ДЗС, Социјална заштита на деца, млади и возрасни лица.

Министерството за труд и социјална политика не објавува редовни податоци за бројот на приматели на социјална помош, онака како што тоа го прави Агенцијата за вработување за невработените лица. Според не сосема прецизната изјава на поранешната министерка за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, во 2021 година дошло до зголемување на домаќинствата што примаат социјална парична помош за 5.500 домаќинства, што значи дека тој тренд на значителен пораст на лицата кои исполнуваат критериуми да примаат социјална парична помош продолжи и во 2021 година.

Не само статистичките податоци, туку и секојдневниот живот покажуваат две важни појави. Прво, дека во последните неколку години кај мнозинството од населението дојде до пораст на животниот стандард, а што коинцидира (и предизвика) не само замирање на социјалните протести, туку и губење на интересот за социјална правда и доминантен егоистички менталитет „секој за себе“. Но, второ, поради трупањето на економски проблеми, во 2020, а особено во 2021 година почна да се случува обратен тренд на влошување на нивото на животен стандард, што носи процес на осиромашување на значителен дел од работничката класа и веќе фрли во сиромаштија одреден процент од нејзините најранливи делови. Сакале-нејќеле, борбата за социјална правда наскоро повторно ќе се врати на голема врата во Македонија.

Здравко Савески