Солидарност со штрајкот на рударите во Булќиза, Албанија!
На 25 ноември 2019 во градот Булќиза во северна Албанија започна еден од најголемите работнички штрајкови во изминатата деценија. За да се разбере степенот на експлоатација на работниците во овој регион, мора да кажеме дека Булќиза е една од најсиромашните области во цела Албанија иако е богата со ресурси и всушност токму во оваа област се ископува најголем процент од хромот што го извезува земјата. Само од 2013 година до денес 43 рудари го загубија животот во рудникот на АлбХром во Булќиза, и уште десетици други се повредени (во некои случаи и посериозно) без никакви правни последици врз работодавците.
Синдикатот на обединети рудари од Булќиза го свика штрајкот, кој е првиот штрајк организиран од чисто трудово и класно освестен синдикат. Токму затоа штрајкот подлежеше на толку голема репресија и од државата но и од други синдикати на работодавачи, што не само што не го поддржуваат туку се и непријателски настроени кон него. Главните причини за штрајкот се безвременски и вообичаени за работничката класа во целиот свет: ниски плати, несоодветни па и непостоечки мерки за заштита и отпуштања.
Но поводот за започнување на штрајкот беше разрешувањето на Елтон Дебреши, претседателот на синдикатот, од страна на рударската компанија АлбХром. Наскоро следеше и отпуштањето на повеќе синдикалисти, членови на синдикатот – очигледно нелегален и одмазднички чекор, заради нивната синдикалистичка активност. Набрзо потоа АлбХром створи штрајкбрејкерски механизам користејќи работници кои немаат работно искуство во подземни рудници за хром. И покрај сите тешкотии и пречките, работниците имаат поддршка од своите колеги но и од граѓаните на градот Булќиза, што за време на протестите ги придружуваат во рудниците. Ги поддржува и студентското движење, кое минатата година и самото водеше динамични борби против албанскиот образовен систем во екот на неговата приватизација.
Овој штрајк е наследство на постарите борби на работниците од оваа област, а особено на големиот штрајк што се случи во 2011 година со барања за зголемена плата, зголемување на заштитните мерки и отворање нови рудници за обезбедување на работни места. Штрајкот во 2011 година беше до толку динамичен што 16 работници штрајкуваа со глад 24 дена во рудниците и запреа дури кога полицијата им се закани со насилна евакуација.