Социјалниот центар „Дуња“ организира филмска вечер на 18.8.2022 година со почеток од 20 часот, на улица „Рајко Жинзофов“, број 22, веднаш позади автобуската постојка спроти Градежниот факултет со филмот „Живеј и остави да живеат“.
Во целост го пренесуваме текстот на организаторите на настанот:
„„Живеј и остави да живеат“ е документарец што го адресира нашиот однос кон животните, обработувајќи ги етичките, еколошките и здравствените причини што ги мотивираат луѓето да станат вегани.
Етиката и хуманизмот, климатската криза, болестите предизвикани од начинот на живот, скандалите со храната, сето тоа поттикнува сѐ повеќе луѓе да размислат околу сопственото јадење месо и производи од животни. Преку касапот што стана вегански готвач и преку сопственикот на фабричка фарма што неа ја претвори во прибежиште за животни од фармите – „Живеј и остави да живеат“ ги раскажува приказните на шест личности што одлучија да престанат да консумираат производи од животни поради различни причини и го покажува влијанието на таа одлука врз нивните животи.
Она што го јадеме е важно за животните, за природата и, на крајот, за нас самите. Овој документарец, а и самото веганство воопшто, ни овозможува да излеземе од комфорната зона и да го преиспитаме и прошириме значењето на клучните концепти како експлоатација и доминација.
Документарецот е на германски и англиски јазик, а ќе биде прикажан со титлови на англиски јазик. Неговата должина е 80 минути, по што ќе следи дискусија.“
18.8.2022, четврток, 20:00 во С.Ц. „Дуња“ е закажана проекцијата на „Живеј и остави да живеат“, а ова е линкот до фб настанот. Одете и уживајте.