Богданци кажа „не“ за „Казандол“, продолжува борбата на локално ниво против изградбата на рудник на Кожуф

СКОПЈЕ, 12.06.2017 – На одржаниот граѓански референдум во општина Богданци на 11 јуни, 4200 од вкупно 6918 жители со право на глас од Богданци, како и  од населените места Стојаково, Ѓавато и Селемли рекоа „НЕ“ за изградба на рудникот за бакар Казандол, во Валандово. Граѓанските здруженија сметаат дека, евентуалната работа на еден ваков рудник, ќе предизвика многубројни и огромни штети, како за земјоделското подрачје, животната средина, така и за здравјето на луѓето кои живеат во околината

Жителите на Богданци изгласаа запирање на активностите и понатамошна изградба на рудникот Казандол во Валандово, како и да не се отвораат комплекси во нивната општина. На 12 избирачки места, жителите со право на глас имаа можност да одговорат на двете референдумски прашања кои гласат: „Дали сте „ЗА“, или „ПРОТИВ“ продолжување со работа на рудникот Казандол?“ и „Дали сте „ЗА“, или „ПРОТИВ“ отоврање рудници на територијата на општината?“.

Иницијативата во Богданци следи откако на крајот на месец Април граѓаните на Гевгелија на референдум со огромно мнозинство на гласови се изјаснија против отворање на рудници на планината Кожуф.

Граѓанското здружение „Спас за Богданци“ ги собра потребните потписи од граѓаните и ја поднесе иницијативата до Советот на општината, со цел да се спречи изградбата на рудникот и дополнителната контаминација на животната средина. Иницијативата едногласно е поддржана од сите 11 советници. Во општинскиот совет СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ имаат по 5 советници, а ВМРО – НП еден советник.

Од граѓанската иницијатива „Спас за Богданци“ изјавија дека, жителите на Богданци јасно и недвосмислено си кажаа оти рударски комплекси не им се потребни во нивната општина. Тие нагласија дека, под итно треба да се стопира Казандол, поради како што велат, сета прашина ќе дојде во населената околина и ќе се загади животната средина.

„Гевгелија, ние, утре задутре Дојран, Валандово, ако кажат против, централната власт треба да ја почитува волјата на околу 50 илјади граѓани од овие општини и да стопира се што е тешка индустрија во овој дел од државата“, велат активистите од иницијативата.

Изминатите денови, за отворање на рудникот Казандол, реагираа и од Федерацијата на фармери (ФФРМ), според кои на удар може да бидат околу 13.600 хектари обработливо земјоделско земјиште. Тие ја изразија својата поддршка за референдумите и побараа во иднина за ваквите проекти да бидат консултирани и земјоделските здруженија.

Рударскиот комплекс Казандол и понатаму се гради и досега се изградени над 30% од предвидените работи. Наесен се предвидува да се почне со ископ и производство на катоден бакар.

Инвеститорот тврди дека и понатаму се шират невистини за нивниот процес на работа, потенцирајќи дека, овој рудник воопшто нема да ја загадува животната средина, ниту пак да му наштети на земјоделското производство во Валандово и Богданци.

Кои се штетите што би ги предизвикал еден ваков рудник

Штетите од изградбата и работата на еден ваков рудник се многубројни и огромни, како за плодното земјоделско подрачје, така и за луѓето коишто живеат во околината.

Валандовската општина го зафаќа југоисточниот дел на Македонија. Сместена е во Валандовската котлина, која иако од сите страни е заградена со планински гребени, благодарение на долината на реката Вардар и на превоите кон Струмица, Дојран, таа е лесно пристапна и комуникативна, не само со соседните котлини, туку и за многу поширок географски простор.

Функционалната поврзаност на општината е условена од природните услови, од една страна и од социо – економските фактори од друга страна. Природните карактеристики овозможуваат развој на земјоделството, а воедно и овој простор е еден од најаграрните во државата. Во него се застапени скоро сите растителни видови кои се карактеристични за Македонија, како и одредени земјоделски видови, кои пак се најкарактеристички само за овој регион, како што се калинките, смоквите и јапонските јаболка.

Според анализите на геолошкиот состав на подрачјето околу селото Казандол е констатирано дека, е застапена бакарната руда. Инвеститор кој сака да ја експлоатира оваа руда е англиско – украинската компанија Сардич МЦ ДООЕЛ експорт импорт – Скопје. Освен ова, компанијата сака да отвори топилница за преработка на рудата. Површината на која треба да се наоѓа рудникот, од државно земјиште треба да се преименува во Г – производство, дистрибуција и сервиси, односно посебна класа на намена Г1 – Тешка и загадувачка индустрија. Местоположбата на лежиштето на оваа руда е на само неколку стотици метри од селото Казандол, а од градот Валандово е на околу еден километар воздушна линија.

Еколошките здруженија кои во послениот период алармираат за евентуалните штети од изградбата на рудникот прецизно ги лоцираат истите.

„Рударскиот басен во кој е предвидено топењето на рудата е во водотекот на реките Мичкова и Анска река. Поголем порој може да го наруши не само објектот и басенот, туку да придонесе до излевање на материја и јаловина. Позицијата на рудникот лежи на подземни води, кои се на самите горни слоеви на површината“, велат од Еколошкото друштво „Калинка“ од Валандово

 

При изградба на рудниците се отвораат дупки на самите места. Ова предизвикува уништување на огромни хектари шуми, како и уништување на подземните и околните води. При изградбата се употребува тони динамит, што пак претставува закана од секојневни земјотреси. Прашината која се крева од рудниците, ќе се расфрла насекаде во околината, а луѓето коишто работат на самиот рудник и оние кои живеат во оклината, ќе бидат изложени на вдишување на таа штетна прашина. Освен ова, плодноста на почвата во тие подрачја станува неплодна со години.

Од друга страна пак, од профитот од ваквиот рудник Македонија би задржала само 2%, што значи дека, штетата е неизмерно голема, односно на сметка на здравјето на жителите и загадувањето на животната средина, најголемиот профит ќе го имаат експлоататорите на рудата.

За рудникот „Казандол“ на 18 јуни на референдум ќе излезат и жителите на општина Дојран, а во постапка за референдум се и граѓаните на Валандово.

Првиот ваков референдум на локално ниво успешно се спроведе во Гевѓелија, кадешто околу 70 отсто од граѓаните се изјаснија против отоврање на рудници на планината Кожуф.

Информации за правната постапка и процедура за покренување на граѓанска иницијатива на локално ниво може да се најдат на следниот линк: https://www.ihr.org.mk/p.php?pid=196

 

 

 

|2017-06-12T20:34:41+00:0012 јуни 2017|Актуелно|