Здрава Котлина: „Ветувањата на Еуромакс Рисорсис дека нема да загадува се лошо осмислена лага и отровен цинизам“

СТРУМИЦА, 19.07.2018 – Еколошката организација „Здрава Котлина“ од Струмица, завчера, на својот Фесјбук профил  објави низа контра-аргументи како одговор на податоците што ги објавува концесионерот Еуромакс Рисорсис за рудникот Иловица-Штука.

„Здрава Котлина“ потенцира дека ветувањата од Еуромакс за наводно работење на рудникот со „нова и безбедна технологија која нема да загадува“ се само лошо осмислена лага и отровен цинизам. Тие тврдат дека ваквиот рудник е огромен загадувач кој  трајно ќе ги контаминира почвата, водата и воздухот.

„Овде спаѓа и наводната нова технологија без употреба на цијанид и други хемикалии, која тие никаде ја немаат реално презентирано, бидејќи според сите информации таква технологија не постои, а и воопшто не им се исплаќа да копаат злато и бакар без цијанид и другите познати смртоносни отрови.

Непобитниот факт е дека рудникот спаѓа во групата Г1 тешка загадувачка индустрија, универзално докажана како најопасен загадувач на планетата,“ велат од Здрава Котлина.

Активистите од Струмица укажуваат дека нивното движење од ден на ден се зголемува и дека нема да ја изневерат довербата на граѓаните со компромитирање, или пак спогодба со Еуромакс Рисорсис.

„Сакаме да објавиме дека никој од нас, индивидуално или како здружение, никогаш и никаде нема право да прифати било каква спогодба со Еуромакс Рисорсис или со друг фактор што би ја компромитирал нашата борба. Никој нема право да отстапи од нашата цел,“ нагласуваат од Здрава Котлина.

По којзнае кој пат тие ја повикаа владата да си го одржи зборот, т.е. предизборното ветување дека „рудници во Југоистокот нема да има“. Никој нема право за потенцијалната девастација што може да му се случи на Струмичката Котлина.

„Ја повикуваме Владата на Република Македонија да ги следи пред сѐ интересите и безбедноста на граѓаните. Земјоделието од струмичкиот регион е далеку стратегиски поисплатлив економски фактор од рударска експлоатација, која притоа фатално и неповратно ќе ја уништи нашата Котлина. Никој нема право со еден потпис да ги стави во залог нашите и судбините на нашите поколенија, нашето здравје и иднината на целиот регион. Никој нема легитимитет за такво нешто. Тоа би бил опасен преседан со несогледиви последици.“, велат тие.

„Здрава Котлина“ заедно со другите неформални и формални инцијативи во Југоистокот од самиот почеток на најавените 86 рудници се борат да ги запрат овие т.н. „рудници на смртта“. Додека во минатото имаше некои позитивни сигнали од владата со укинување на концесијата за рудникот Казандол во Валандово, во последниот период Уставниот суд, еден по еден ги прогласува за неуставни локалните рефендуми каде што се слушаше гласот на локалното население за овие рудници.

|2018-07-19T13:19:15+00:0019 јули 2018|Актуелно, Вести, Економија|