Здрава Котлина: Ова е крик на обичниот граѓанин наспроти корпоративната машинерија за профит

СТРУМИЦА, 11.06.2018 – Струмичките активисти од „Здрава Котлина“ објавија детално известување до медиумите и целата јавност, во кое се потенцираат повеќе причини за протестот против отворањето на рудникот Иловица-Штука кој треба да се одржи на 16-ти јуни.

За нив, најавениот протест е тотално легитимна активност и е само почеток на низа акции што ќе се случат доколу владата на Република Македонија остане „глува“ на барањата на локалното население за затворање на рудникот. Параболата за протестот може да се најде во библиската приказна за Голијат, џиновскиот воин, кој наспроти себе го има овчарот Давид. Слично на поставеноста на библиската приказна, од „Здрава Котлина“ сметаат дека протестот е борба на обичниот граѓанин против дел од моќната профитерска светска и домашна елита.

„ (…) Решивме да излеземе на протест како знак на почеток на интензивни масовни активности насочени кон сите релевантни актери кои имаат влијание, со цел конечно да победи правдата и разумот наспроти безумноста и профитот на неколкумина. Сакаме да знаете дека ние на протестот гледаме како гласна и легитимна форма на изразување крајно незадоволство од развојот на настаните со потенцијалниот рудник Иловица-Штука. Ова е крик на обичниот граѓанин наспроти корпоративната машинерија која признава единствено профит, без оглед на последиците и опасностите кои произлегуваат од работата на овој рудник “ велат од „Здрава Котлина“.

Понатаму во известувањето, потенцираат дека тие во изминатата година максимално се труделе да укажуваат за неправилностите во постапката и за ризиците што ќе ги има регионот ако се отвори рудникот, но немало значителен ефект. Тоа што сигурно имало е нетранспарентни и задкулисни договори за судбината на цела Струмичка котлина. Сите факти и ризици од страна на „Здрава Котлина“ би можеле да се вкрстат со агрументите на инвеститорот „Еуромакс Рисорсис“, но тие досега немаат прифатено јавен дуел.

„ (…) Сето ова нема вистински ефект и се’ се сведува на чекање реакција од институциите, додека во меѓувреме од страната на концесионерот се соочуваме со молк, игнорирање, непристојни поединечни понуди на нашите активисти за тајни состаноци и “координирање на заеднички активности”, лобирања по институциите, притисоци врз Владата од големи меѓународни играчи, подземни кампањи во соработка со одредени функционери на двете најголеми политички партии, мек притисок врз локалното население и генерално замајување на јавноста со платени ПР текстови во соработка со одредени медиуми“,  додаваат од „Здрава Котлина“

За проблемот со рудникот Иловица-Штука имале и средби со премиерот Зоран Заев, но и покрај предизборните ветувања, конкретни чекори како во случајот со рудникот Казандол во Валандово, досега нема. Но, тоа што има се гласини дека се креираат услови за „аминување“ на нелегалната постапка на концесионерот и инволвирање на високи владини функионери во активности за отворање на рудникот.

„(…) Се слушаат гласини за приватните посети на генералниот секретар на Владата во селата до концесискиот простор и наводните сегашни и поранешни негови активности поврзани со посредување при купо-продажба на катастарските парцели во рамките на концесискиот простор.“ откриваат струмичките активисти“, потенцираат од Здрава Котлина.

Во знак на солидаризација со борбата во Струмица, на истиот ден во Скопје пред владата на РМ ќе се одржи протест за поддршка на струмичките граѓани во борбата против т.н. „рудници на смртта“, затоа што борбата за чиста и еколошка животна средина е борба што треба да ја водат сите.

|2018-06-11T08:55:31+00:0011 јуни 2018|Актуелно, Вести|