Заев: „Рудниците сепак нема да бидат запрени“

Премиерот Заев на митинг во изборната кампања за локалните избори во Валандово, кадешто рече дека рудниците ќе бидат запрени.

ВАЛАНДОВО, 01.12.2017 – Жителите на Валандово по 16 години власт на ВМРО ДПМНЕ, на последните локални избори, избраа градоначалник од редовите на СДСМ. Сегашниот градоначалник Перо Костадинов и премиерот Зоран Заев во предизборната кампања изјавуваа дека, во Валандово рудници нема да има. Вреди да се истакне дека, новоизбраниот градоначалник на Валандово, е еден од првите членови на неформалната иницијатива „Спас за Валандово“, која се креираше со цел да ја запре работата на рудникот за бакар „Казандол“ што приватниот инвеститор, компанијата „Сардич МЦ“ забрзано го гради во близина на Валандово. Во денешното интервју за магазинот Капитал, премиерот Заев изјави дека, рудниците сепак нема да бидат запрени.

Заев, во интервју за новиот број на магазинот „Капитал“ изјави дека, нема да ги спречи рудниците да се изградат затоа што, наводно државата ќе треба да плати оштета кон ивеститорот.

 „За да не платиме како држава над 70 милиони евра отштета. Државата е дел од договорот и пеналите се тука. Тим веќе работи на правно – формалните аспекти и убеден сум дека ќе се најде најпогодното решение, како да се извлечеме од ситуацијата“, изјави Заев.

Тој понатаму во интервјуото вели дека, во Македонија ќе има нови рудници но, оти тие мора да бидат според сите еколошки стандарди.

„Македонија сигурно нема да биде единствената земја што има рудник, но тоа мора, значи мора да биде во една еколошка рамка. Тука е многу јасно што е спорно. Прво, еколошките дозволи не се валидни, а второ, преминато е од арсен на цијанид. Поради алчност. Јас ги видов документите. Не се лутам на инвеститорите, тие “бркаат” профит, се лутам на државата, на претходната власт што ги склучила овие штетни договори. Оваа Влада тоа нема да го дозволи, бараме најсоодветно решение и од ова ветување не бегаме – се испитуваат сите правно – формални аспекти“, потенцира Заев.

Oва е значително модифицирање на сопствените ставови на премиерот Заев од пред два месеци кога беше во посета на Валандово  и изјави дека изградбата на рудниците ќе се запре.

„Рудниците ќе  застанат, добро е да се подготви целиот менаџмент за рудниците да застанат, затоа што тие носат лошо здравје, слаби перспективи и уништување на иднината на сегашните и идните генерации“, истакна Заев во Валандово.

Референдумот во Валандово не успеа поради тоа што немаше 50 % излезеност на граѓаните, но тие 4 700 гласа кои беа против изградба на рудникот на реферндумот и тоа како се демократски глас кој треба да биде слушнат и применет во новата реалност која ја наследи СДСМ.

 

|2017-12-01T15:01:19+00:001 декември 2017|Актуелно, Вести, Некатегоризирано|