Задругата Артикултура во Битола, со јавен повик за донации со цел да опстане

БИТОЛА, 23.01.2017 – Првата задруга-кафуле „Артикултура“  се креира во Битола во мај оваа година и за кратко време внесе свежина на алтернативната битолска сцена со својот некомпромитирачки став кога станува збор за уметност и автентични музички изблици, но сега таа има потреба од финансиска помош за да може да опстои.

Задругата, секој вишок на профит, според задругарските правила го вложува во организирање на културни настани кои ќе бидат поголеми и поквалитетни. Артикултура има хоризонтална структура на одлучување која е нетипична за едно кафуле, затоа што нема еден сопственик, туку сите основачи и вработени се вклучени во одлуките.

Во период, во кој Битола се’ подлабоко тоне економски, социјално и културно, Артикултура со своето егзистирање е грам надеж за градот и популацијата дека еден ваков објект, како правен субјект може да функционира со начела и визии за прогрес, солидарност и авангардност, пред профитот и популарностa.

Артикултура е еден од ретките независни простори во Битола каде што слободно без цензура се промовираат прогресивни културни концепти и идеи, бидејќи создадовме слободна зона полна љубов за сите, без разлика на возраст, род, сексуална ориентација или социјален статус и бидејќи во 9 месеци самостојно организиравме над 80 културни настани, меѓу кои настапи на многу бендови од Македонија и странство, настапи на диџеи, претстави, изложби, саем на книга, проекции, дискусии и шо уште не“, велат од Артикултура за Гласник.

Една од причините поради кои се наоѓат во непогодна ситуација  ја лоцираат во сопственикот на изнајмениот простор, кој бара да му се исплатат кирии за време кога просторот не беше оперативен и згора на тоа се заканува со други притисоци.

„После 9 месеци постоење на сегашната локација и релативно успешно работење, наидовме на финансиски проблеми, пред се’ ради фактот што СИЗ-от ни бара 2 и пол кирии плус за момент кога просторот беше нефункционален, без одвод и без можност да се отвори. Секако, не ни помага премногу бескомпромисноста при програмската селекција и фактот што нашата таргет група, средношколци и студенти, финансиски не е многу моќна, но сепак се’ до овој момент и заканите за присилна наплата со извршители, успевавме да врзуваме крај со крај. Како и да е, што и да се случи, не се откажуваме, и доколку не успееме да го задржиме просторот каде што сме сега, ќе најдеме друг модел и дефинитивно продолжуваме со исто темпо како и досега“, потенцираат од Артикултура.

Секој што сака да им помогнме на Артикултура може тоа да го направи на тој начин што ќе  станe член на Артикултура преку плаќање на годишна членарина од 60 евра, да донира средства (јавно или анонимно) во Артикултура, или на сметка. Повеќе информации за начинот на донирање, може да најдете во јавниот повик за донации во Артикултура.

|2018-01-23T13:48:58+00:0023 јануари 2018|Актуелно, Вести, Култура|