Во одбрана на Дебар Маало и жителите бараат од општина Центар да ја среди бучавата од кафулињата и да ги ослободи окупираните тротоари

СКОПЈЕ, 16.08.2017 – Граѓанската иницијатива „Во одбрана на Дебар Маало“, заедно со соседите – станари од објекти на потегот на ул. Ленинова и ул. Пиринска бараат од општина Центар во Скопје и од надлежните служби, итно да се спроведе Законот за угостителски објекти, како и инспекциските служби да утврдат, дали угостителските објекти ги задоволуваат условите за работа, согласно пријавената дејност и опрема во законски предвидениот елаборат за животна средина.

„Во одбрана на Дебар Маало“ во соопштение до јавноста ги упатија своите жалби до општина Центар и надлежните институции дека живеат среде бучава, која е неколкупати посилна од дозволеното, а која, како што велат, доаѓа од угостителските локали, кои на незаконски начин поставуваат звучна опрема на летните терасни, односно на тротоарите, кои се узурпирани од овие локали.

Граѓаните се жалат дека не можат да спијат, и дека, нивниот живот и мир е нарушен.

„Истовремено, некои од локалите целосно ги окупираат тротоарите и оставаат мала, или речиси никаква можност пешаците да ги користат. Граѓаните се приморани да се движат на самиот коловоз, каде им е загрозена безбедноста. Некои од локалите отстапуваат од законските прописи, кои дефинираат тоа што е летна тераса и имаат изградено подови и покриви. Со тоа тие се де факто дивоградби, коишто ја нарушуваат безбедноста во сообраќајот“, велат од граѓанската иницијатива.

Тротоарите се окупирани од летните тераси на угостителските објекти, како и од паркитаните возила, при што жителите не можат слободно и безбедно да се движат

Доставени барањата до општина Центар и надлежните служби

„Во одбрана на Дебар Маало“ и соседи од станбените згради на потегот околу раскрсницата на ул. Пиринска и ул. Ленинова доставија официјално барање до општина Центар, итно да се решат овие проблеми. Овој допис содржи предлози за низа итни, среднорочни и долгорочни мерки, како и преглед на релевантната законска рамка.

Тие од општината бараат, да им наложи на локалите меѓу ул. Пиринска и ул. Ленинова, како и на локалите во општина Центар, опремата, која создава бучава да ја постават внатре во објектите и да ги отсранат нсоодветно поставените тераси, да извршат инспекција и да утврдат дали угостителите ги прекршуваат обврските предвидени со Елаборатот за животна средина. Дополнително, на среднорочен план, односно во временски период од 1 – 12 месеци бараат, да се вршат континуирани мерења на нивото на бучавата од локалите, да се направи мапирање на бучавата во Дебар Маало со континуирани мерења и да се постават мерачи со дата логери. Додека пак, на долгорочен план, до 2 години, бараат во урбанистичкото планирање, намената на деловниот простор  да биде ограничена на станбени објекти на дејности, кои не се „агресивни кон околината“. Исто така, бараат, тротоарите да им се вратат на пешаците, со тоа што ќе се ограничи употребата на тротоарите во станбените квартови за угостителска дејност, како и сериозно да се превземат обврските што ги сносат угостителските објекти и општината за изработка на Елаборат за животната средина.

Од граѓанската иницијатива и граѓаните на градската четврт потенцираат дека, во никој случај не се против егзистенција на вработените во угостителските локали во Дебар Маало. Тие додаваат дека, како и во случајот со пазарчето Буњаковец, на чиешто зачувување работат, ќе се заземат и за остварување на правото за работа во општината.

„Ние го креваме нашиот глас против хаосот, којшто во моментов е создаден и неможноста да живееме во услови кадешто бучавата не е во законски рамки. Долгорочно сметаме дека, локалите на Ленинова и Пиринска го немаат интересот да продолжат со оваа практика, бидејќи се’ поголем е бројот на нашите сограѓани, кои ги бојкотираат локалите, кадешто се нарушуваат законските рамки со прекумерна бучава и окупирање на слободен простор за движење на тротоарите“, се вели во соопштнието на „Во одбрана на Дебар Маало“.

Според Законот за градење и Одлука за утврдување стандарди за поставување времени објекти и урбана опрема на подрачјето на Град Скопје, забрането е да се поставува било каква опрема (фрижиедери, телевизори… звучници и сл.) на летна тераса.

Дел од локалите на предметната локација Ленинова и Пиринска, во неколку аспекти ги прекршуваат условите за поставување летна тераса од Одлуката на Град Скопје, така што претставуваат дивоградби. Сопствениците на овие локали, не го оставиле пропишаното растојание од препреките за движење (дрва, рабници, бандери и сл), а изградиле подови страници, покриви, што пак е стриктно забрането. Воедно, поставиле и тераси на радиус од раскрсница, што не е дозволено.

Гласник побара изјава од општина Центар во врска со доставените барања на жителите на Дебар Маало, но ниту телефонски, ниту по електронска пошта, досега не добивме одговор.

„Во одбрана на Дебар Маало“ е самоорганизирана група на жители од Дебар Маало и Буњаковец во Скопје, којашто на доброволна основа работи на артикулирање на барањата на граѓаните во градската четврт Дебар Маало 1 и 2 и пошироко. Тие сметаат дека, граѓаните се тие кои, треба да одлучуваат за градското живеење во услови, кога општината Центар и градот Скопје, наместо да воспостават ред, создаваат хаос и креираат урбана политика, како што велат, водени од индивидуални и тесни интреси, или пак поврзаност со приватни фирми.

Авторка: Сенада Ибраимова

|2020-05-22T08:01:37+00:0016 август 2017|Актуелно, Вести|