Внатрепартиски избори за претседателски кандидат на Демократската партија (Democratic Primaries)

Внатрепартиските избори за претседателски кандидат претставуваат еден од најважните елементи во американскиот политички поредок. Со оглед на тоа што гласачите за време на претседателските избори реално се соочуват со ограничен избор помеѓу два претседателски кандидати, внатрепартиските избори се тие кои го овозможуваат политичкиот плурализам и судирот на различни идеи и мисли во американскиот политички систем. Политичките партии во Америка најчесто се дефинираат себеси, односно ја дефинираат својата идеолошка определба врз основа на резултатите од внатрепартиските претседателски избори т.е. врз основа на идеолошката определба на избраниот кандидат за претседател.

Со оглед на тоа што реални внатрепартиски избори во овој циклус ќе има единствено во Демократската партија, во оваа статија ќе се обидеме накратко да го објасниме целиот процес на внатрепартиските избори за претседателски кандидат кај Демократите.

Демократите, својот претседателски кандидат официјално го избираат на Демократската национална конвенција која оваа година ќе се одржи во периодот од 13ти до 16ти јули во Милвоки. Право на учество и глас на оваа конвенција имаат делегатите од сојузните држави, избрани согласно внатрепартиските правила. Партиските организации во сојузните држави самите определуваат на кој начин ќе ги избираат делегатите кои ќе ја претставуваат нивната сојузна држава на националната конвенција, при што постојат два модели за избор на делегати:

  • Непосредни избори– непосредни избори во сојузните држави, каде што избирачите гласаат за претседателскиот кандидат кој сакаат да го поддржат, по што претседателските кандидати пропорционално на добиените гласови, избираат делегати од сојузната држава;
  • Внатрепартиски собири– партиските собири претставуваат мошне специфичен начин на „гласање“, каде што избирачите во првиот круг се определуваат кој претседателски кандидат ќе го поддржат, по што се пребројуваат сите гласови. Избирачите кои се определиле за претседателски кандидат кој не го постигнал изборниот праг од 15% можат да се прераспределат кај некои од кандидатите кои во првиот круг успеале да го надминат прагот. При ваквите партиски собири многу голема улога игра теренската организација која на лице место може значајно да влијае па гласачите да го сменат ставот и да се определат за еден или друг претседателски кандидат.

Внатрепартиските избори започнуваат на 3ти февруари во сојузната држава Ајова, а завршуваат на 6ти јуни на Девствените острови. Продолжениот процес на внатрепартиските избори кој неофицијално трае уште од почетокот на 2019 година кога повеќето кандидати ги објавуваат своите кандидатури, им овозожува на претседателските кандидати да се фокусираат на различни сојузни држави поединечно, наместо паралелно да водат кампања на целата територија на САД. Ваквиот начин на номинирање на претседателските кандидати овозможува личен однос и директна комуникација на претседателскиот кандидат со поголем број гласачи, особено во помалку населените држави, кои би биле запоставени доколку внатрепартиските избори се одржуваат во еден ден или во пократок временски период.

Како што напоменавме претходно, официјалниот избор на претседателскиот кандидат на Демократската партија ќе се случи во периодот од 13ти до 16ти јули во Милвоки.
Право да гласаат и да учествуваат во изборот за претседателски кандидат имаат делегатите кои се делат на обични делегати (вкупно: 3979) и суперделегати (вкупно: 771).

Како се избираат делегатите?

Обични делегати:
Секоја сојузна држава избира различен број делегати, чиј број се одредува според повеќе критериуми како популација, број на партиски членови, број на гласови од минатите избори, број на места во конгресот и сл. Најмногу делегати има сојузната држава Калифорнија– 495.
Внатрепартиските избори на коишто се избираат делегатите можат да бидат непосредни избори или преку партиски собири. Внатрепартиските сојузни избори можат да бидат од затворен тип, полузатворен тип или целосно отворени.

  • Во затворените внатрепартиски избори, право на глас имаат единствено регистрираните членови во Демократската партија на сојузната држава;
  • Во полузатворените избори, право на глас, покрај регистрираните членови на Демократската партија, имаат и независните гласачи кои не се регистрирани членови на ниту една политичка партија;
  • Во отворените внатрепартиски избори, право на глас имаат сите граѓани кои имаат право на глас, со тоа што секој граѓанин може да учествува на внатрепартиските избори за една од партиите.

Откако ќе заврши гласањето, претседателските кандидати, пропорционално на бројот на гласови кои ги добиле, ги избираат делегатите кои ќе ги претставуваат на Демократската национална конвенција. Изборниот праг за еден кандидат да може да добие одреден број на делегати од конкретна сојузна држава изнесува 15% .

Пример: доколку една сојузна држава има 10 делегати, при што кандидатот А добил 55% од гласовите,  кандидатот Б добил 35%, а кандидатот В добил 10% од гласовите, тогаш кандидатот А ќе именува 6 делегати по сопствен избор, кандидатот Б ќе именува 4 делегати, а кандидатот В бидејќи не го достигнал изборниот праг нема да именува ниту еден делегат.

Суперделегати:
Суперделегатите се истакнати партиски членови (конгресмени, сенатори, гувернери и градоначалници) кои стануваат суперделегати со самото тоа што некогаш биле носители на некакви функции или позиции на национално, државно, локално или партиско ниво. Вкупниот број на суперделегати изнесува 771.

Како се избира претседателски кандидат?

Откако целиот процес на избори во сите сојузни држави ќе се комплетира и претседателските кандидати ќе ги именуваат своите делегати од сојузните држави, на 13ти јули ќе започне Демократската национална конвенција во Милвоки на која делегатите ќе го искористат своето гласачко право и ќе изберат кандидат за претседател на Демократската партија.
Во првиот круг на гласање, право на глас имаат единствено избраните делегати, при што тие се обврзани својот глас да го дадат за кандидатот кој ги именувал да го претставуваат. Доколку ниту еден кандидат не освои половина од вкупниот број на делегати, односно 1990 гласови, тогаш доаѓа до т.н. „оспорена конвенција“, при што се преоѓа кон втор круг на гласање. Во вториот круг, обичните делегати не се повеќе обврзани да гласаат за кандидатот кој ги именувал, а дополнително со право на глас се стекнуваат и суперделегатите, при што потребниот број на гласови кој треба да го освои еден кандидат се зголемува на 2376. Доколку повторно ниту еден кандидат не го освои потребното мнозинство, гласањето се повторува се додека еден кандидат не освои 2376 гласови од делегатите.

 Календар:

  1. 3 февруари – Ајова – партиски собир – 41 делегати;
    2. 11 февруари – Њу Хемшир – непосредни избори; 24 делегати;
    3. 22 Февруари – Невада – партиски собири – 36 делегати;
    4. 29 февруари – Јужна Каролина – непосредни избори – 54 делегати;

„Супер Вторник“ 3 март –  избори во повеќе сојузни држави:

  1. Алабама – непосредни избори – 52 делегати;
    6. Американска Самоа – партиски собир – 6 делегати;
    7. Арканзас – непосредни избори – 31 делегат;
    8. Калифорнија – непосредни избори – 415 делегати;
    9. Колорадо – непосредни избори – 67 делегати;
    10. Меин – непосредни избори – 24 делегати;
    11. Масачусетс – непосредни избори – 91 делегат;
    12. Минесота – непосредни избори – 75 делегати;
    13. Северна Каролина – непосредни избори – 110 делегати;
    14. Оклахома – непосредни избори – 37 делегати;
    15. Тенеси – непосредни избори – 64 делегати;
    16. Тексас – непосредни избори – 228 делегати;
    17. Јута – непосредни избори – 29 делегати;
    18. Вермонт – непосредн избори – 16 делегати;
    19. Вирџинија – непосредни избори – 99 делегати;

10 март – повеќе избори:

  1. Демократска дијаспора – непсоредни избори – 13 делегати;
    21. Ајдахо – непосредни избори – 20 делегати;
    22. Мичиген – непосредни избори – 125 делегати;
    23. Мисисипи – непосредни избори – 36 делегати;
    24. Мизури – непосредни избори – 68 кандидати;
    25. Северна Дакота – непосредни избори – 14 делегати;
    26. Вашингтон – непосредни избори – 89 делегати;
  1. 14 март – Северни Маријански Острови – партиски собир – 6 делегати;

17 март – повеќе избори:
28. Аризона – непосредни избори – 67 делегати;
29. Флорида – непосредни избори – 219 делегати;
30. Илиноис – непосредни избори – 155 делегати;
31. Охајо – непосредни избори – 136 делегати;

  1. 24 март – Џорџија – непосредни избори – 105 делегати;
    33. 29 март – Пуерто Рико – непосредни избори – 51 делегат;

4 април – повеќе избори:

  1. Аљаска – непосредни избори – 15 делегати;
    35. Хаваи – непосредни избори – 24 делегати;
    36. Луизијана – непосредни избори – 54 делегати;
    37. Вајоминг – непосредни избори – 14 делегати;
  1. 7 април – Високнсин – непосредни избори – 84 делегати;

28 април – повеќе избори;
39. Конетикат – непосредни избори – 60 делегати;
40. Делавер – непосредни избори – 21 делегат;
41. Мериленд – непосредни избори – 96 делегати;
42. Њу Јорк – непосредни избори – 274 делегати;
43. Пенсилванија – непосредни избори – 186 делегати;
44. Роуд Ајленд – непосредни избори – 26 делегати;

2 мај повеќе избори:
45. Гуам – партиски собири – 7 делегати;
46. Канзас – непосредни избори – 39 делегати;

  1. 5 мај – Индијана – непосредни избори – 82 делегати;
    48. 12 мај – Небраска – непосредни избори – 29 делегати;
    49. 12 мај – Западна Вирџинија – непосредни избори – 28 делегати;

19 мај – повеќе избори:
50. Кентаки – непосредни избори – 54 делегати;
51. Орегон – непосредни избори – 61 делегат;

2 јуни – повеќе избори:
52. Колумбија – непосредни избори – 20 делегати;
53. Монтана – непосредни избори – 19 делегати;
54. Њу Џерси – непосредни избори – 126 делегати;
55. Њу Мексико – непосредни избори – 34 делегати;
56. Јужна Дакота – непосредни избори – 16 делегати.

  1. 6 јуни – Девствени Острови – партиски собири – 7 делегати.
Автор: Борјан Ефтимов
Лектура: Емилија Митреска
|2020-01-30T19:25:54+00:0030 јануари 2020|Актуелно, Кампања, Свет|