ВМРО казнуваше продавачи на марули, СДСМ казнува продавачи на лубеници

27.06.2018 – Низа негативни реакции се појавија на социјалните мрежи откако Град Скопје вчера објави дека спроведе  акција за отстранување на „нелегалните“ продавачи на улицата „Брадфордска“ во Козле, кај мостот „Влајко“ во Влае и на булеварот „Трета македонска бригада“ во Аеродром, а претходно истото го направи и во Бит Пазар.

Граѓаните и дел од неформалните организаци сметаат дека поприоритетните проблеми треба да се решат и врз нив да се примени законот, а не врз најсиромашните „нелегални“ продавачи. Неформалната организација „Во одбрана на Дебар Маало“, ги обвини за корумпираност надлежните од Град Скопје, затоа што како што велат, потплатени се да ја игнорираат масовната узурпација на тротарите низ Дебар Маало од страна на угостителите.

„А кафанџиите на Ленинова и низ Дебар маало коишто ни ги узурпираат тротоарите? Удирате по сиромашните бидејќи они очигледно немаат онолку колку што очигледно барате.“ – напишаа тие на својот фејсбук профил.

Советникот во Карпош од редовите на политичката партија Левица, Бранко Ристов оваа акција ја спореди со акциите на претходната влада каде што се казнуваа улични продавачи за продавање на марули и додаде дека оваа влада нема проблем со манипулирање на ДУП-овите и ГУП-овите за градежната мафија да продолжи да гради но го практикува законот врз најслабите.

„Едни за марули, други за лубеници. Ако имаш можеш зграда да лупнеш кај ти текне и нема проблем ама затоа за гола егзистенција….. Терајте така дечки, нема проблем ама некој ден ќе се сменат работите ќе одговарате пред и на тие чив леб од уста сте им го земале“, потенцира Ристов на социјалните мрежи.

Градоначалникот Петре Шилегов на 11-ти април објави дека Град Скопје ќе ги бележи терасите со жолта лента, но тоа се’ уште не е започнато.  Угостителите и понатаму непречено го узурпираат јавниот простор со поставување масите и столиците надвор од дозволената зона, иако има законска одлуката на Град Скопје дека на јавните површини мора да има најмалку 2,5 метри проодна површина. Но, затоа можевме да прочитаме колку гордо и ревносно се објави и спроведе акција за луѓе кои едвај врзуваат крај со крај, луѓе чијашто материјална реалност ги натерала да продаваат лубеници „на диво“.

| 2018-06-27T09:22:20+00:00 27 јуни 2018|Актуелно, Вести, Економија, Скопје|