Утре протест во знак на работничка солидарност за незаконски отпуштената работничка од Веро-5

СКОПЈЕ, 10.01.2018 – Во знак на поддршка за незаконски отпуштената работничка од маркетот „Веро 5“, политичката партија Левица повикува на работничка солидарност на утрешниот протест, кој ќе се одржи пред „Веро 5“ во Скопје.

На вработената во еден од ВЕРО маркетите во Скопје, Кети Лешко пред неколку дена, работодавецот незаконски, односно усно и дал отказ, додека таа била на боледување. Лешко е мајка на малолетно дете, кое чека операција.

Поради ова кршење на работничките права, Левица организира протест во знак на солидарност со Лешко и сите други работници, на кои секојдневно им се кршат правата.

„За време на боледување е забрането да се дава отказ! Отказот не може да биде усно соопштен од типот ’од утре не се појавувај на работа’! До кога со кршење на законите!? Ако е ВЕРО, не значи дека е над законите во Македонија“, велат од Левица во повикот за протест.

Тие потенцираат дека, утрешниот протест е предупредувачки и како што велат, доколку ВЕРО не се вразуми ќе следат и следни чекори.

„Да го кренеме гласот! Газдите прават вакви работи зашто молчиме! Да и’ изразиме поддршка на жената што ја изгуби работата додека се грижеше за своето дете и да побараме ВЕРО да ја вратат на работа. Да покажеме дека, работничката солидарност не е мртва, дека го немаме изгубено човечкиот сенс!“, стои во повикот.

Протестот ќе се одржи утре во 12 часот пред „Веро 5“ маркетот, спроти Авто-Мото Сојузот на Македонија (АМСМ).

| 2018-01-10T13:24:03+00:00 10 јануари 2018|Актуелно, Вести|